Домашното население во Германија се намалува, а со тоа и бројот на студенти по наука и инженерство
Слаба заинтересираност за изучување на природните науки
Роберт Вајс пораснал во Германија, помагајќи му во слободното време на својот татко во поправка на автомобили во нивната домашна работилница. Тоа било една од причините и самиот да се определи за инженерство, работејќи во германската железница и автомобилска индустрија пред да стане академски професор. Денес, како декан на Факултетот за машинско инженерство и мехатроника при Универзитетот за применети науки во Карлсруе, тој неволно потврдува дека студентите не се толку заинтересирани за технички области како што биле порано. Во изјава за „Дојче веле“, Вајс рече дека пред пет години, за секоја од позициите во неговата програма аплицирале во просек по седум кандидати. Денес таа бројка е намалена на само тројца.
Зошто постои недостиг од работници во Германија?
Германското инженерство е познато низ светот по својот квалитет и иновативност. Но сега овој бренд е под закана. Според една неодамнешна студија на Федералната агенција за статистика, бројот на студенти што се запишуваат на универзитетите каде што се изучуваат областите СТЕМ (кратенка за наука, технологија, инженерство и математика) само за една година се намалил дури за шест отсто.
Голем број земји денес се борат со недостиг од квалификувана работна сила, но Германија е погодена на два главни фронта. Многу нејзини инженери и техничари специјалисти заминуваат во пензија во исто време кога Германија треба да изврши огромна дигитална и „зелена“ трансформација, задача за која ќе биде потребна армија од обучени информатичари, инженери и други специјалисти од областа на напредната технологија. Според извештајот на Германскиот економски институт (ИВ) со седиште во Келн, во 2022 година земјата се соочила со недостиг од 320.000 специјалисти во сферата на СТЕМ. Последните податоци за факултетските уписи јасно укажуваат на фактот дека состојбата не се подобрува.
Недостигот ќе ја намали продуктивноста
„Експертите од сферата на СТЕМ сè уште не го добиваат признанието што им е загарантирано поради нивната економска и социјална важност“, напиша германското министерство за образование и истражување (БМБФ) во својот акциски план за зголемување на интересот за областите на СТЕМ.
– Во моментов, притисокот за иновации е огромен, па затоа ни се потребни овие технички специјалисти – изјави за „Дојче веле“ Аксел Плунеке, водач на кластерот „Образование, иновација, миграција“ при Германскиот економски институт.
Прашање е дали Германија може да добие доволен број вакви специјалисти. Според Плунеке, ако земјата не успее во потфатот, тогаш конкурентноста ќе биде под удар или компаниите ќе мора помасовно да се селат во други региони.
Автомобилската индустрија е помалку атрактивна
Многу фактори влијаат врз интересот на работниците за СТЕМ. Дел од приказната е падот на вкупниот број студенти, како и пресвртот во добропознатата автомобилска индустрија во земјата, каде што популарните работодавци како „БМВ“, „Фолксваген“ и „Мерцедес–Бенц“ неодамна мака мачеа со транзицијата кон електрични автомобили.
Голема улога играат и демографските промени. Во текот на последниве 10 години, во Германија се зголеми процентот на странски студенти, кои емигрираат во земјата заедно со своите семејства, рече Плунеке. Јазичната бариера и несоодветната поддршка во однос на потребите на овие студенти дополнително одмагаат во проблемот со СТЕМ. Плунеке истакна дека тоа е секако неуспех на образовната политика, потенцирајќи дека децата што доаѓаат од други земји се често добро подготвени за изучување на предметите од СТЕМ. Научните закони се идентични низ светот, исто како и програмските јазици. Доколку знаењето веќе постои, тоа е лесно е да се примени, како што додава тој.
Германската индустрија ќе мора да бара странски инженери од други земји. До одреден степен, таа веќе го прави тоа. Според Плунеке, во последно време Германија има многу високо ниво на имиграција во областа на техничките предмети. На пример, во текот на последниве 10 години, бројот на сопственици на индиски пасоши што работат во инженерство или компјутерски науки во Германија се зголеми од околу 3.800 на 25.000, што претставува пораст од 558 отсто.
Глобален натпревар за работна сила
Во Германија сè почесто има специјалисти од Египет, Тунис и Мароко. Меѓутоа, помислата дека „сите квалификувани светски работници“ сакаат да дојдат во Германија е „за жал, илузија“, изјави во ноември германскиот министер за труд Хубертус Хајл.
Германската влада во моментов се обидува да го поедностави процесот на имиграција за квалификувана работна сила. Бирократските пречки и недоволната дигитализација може да ги остават странските работници да чекаат со месеци за добивање право да работат во Германија. Ваквото одолжување е ноќна мора за производителите. Суфицитот во неопходна работна сила може да претставува зголемен притисок врз постојните кадри, намалена продуктивност и ризик да се изгуби бизнисот во натпреварот со сè поконкурентните играчи како Кина, која сериозно инвестираше во изградбата на својата машинска индустрија. Освен тоа, секогаш постои ризик домашните германски таленти да заминат на работа надвор од сопствената држава.