Новите трендови на пазарот на трудот диктираат промени во работните места
Младите луѓе покажуваат зголемен афинитет кон флексибилна работа, во однос на локацијата и работното време, поради растечката дигитална економија и појавата на нови професии. Според Министерството за индустрија и информатичка технологија, кинеската дигитална економија од 2012 година наваму растела за 15,9 отсто на годишно ниво, за минатата година да достигне 45,5 илјади милијарди јуани (6,32 илјади милијарди долари).
Соочени со брзорастечката дигитална економија и новите работни места што се отворија во овој сектор, како што се доставувачи и водители на објави што одат во живо на социјалните медиуми, младите особено оние родени по 2000 година изразуваат сè поголема подготвеност за флексибилни работни односи со компаниите, истовремено тежнеејќи да станат „дигитални работници“ со флексибилно работно време и работа на далечина.
Резултати од истражувањето
Според неодамна објавениот заеднички извештај на платформата за регрутирање кадри „Џаопин“ и Националната школа за развој при Универзитетот во Пекинг, речиси 66 отсто од анкетираните работници родени по 2000 година претпочитаат работа од дома. Споредбено, 54,4 отсто од анкетираните родени по 1970 година го претпочитале овој нов начин на работен ангажман. Понатаму, во извештајот се вели дека дури 76,4 отсто од младите работници родени по 2000 година изразиле подготвеност да бидат флексибилни „дигитални работници“. Исто така, се наведува дека приближно 54 отсто од анкетираните имаат и споредни работни ангажмани, на кои ги користат своите професионални вештини.
Со цел да ги задоволат работните желби на младите луѓе, сè повеќе компании во своите огласи за вработување почнаа да вклучуваат „флексибилен начин на работа“. Од „Џаопин“ изјавија дека слободните работни места со флексибилни работни позиции сочинуваат 15 до 20 отсто од вкупните слободни работни места на нивната платформа, особено во индустриите со хонорарна работа, како што се транспортот и логистиката. Според податоците на оваа платформа, годинава уделот на слободните флексибилни работни позиции пораснал до 25 отсто, во однос на само 10 отсто во 2018 година.
Ху Џиајин, вонреден професор на Националната школа за развој при Универзитетот во Пекинг, излезе со заклучок дека нивната анкета покажала кај младите луѓе желба за слобода на работното место, но исто така и желба за стабилна кариера, како резултат на несигурноста што ја носи брзата и променлива дигитална економија.
Флексибилноста носи ризици
Сепак, од „Џаопин“ сметаат дека флексибилноста би можела да донесе ризици во однос на заштитата на работничките права. Имено, иако приближно 60 отсто од компаниите што објавуваат слободни работни места на нивната платформа нудат и осигурување, овој процент полека се намалува.
Потпретседателот на „Џаопин“, Ли Кианг, кажа дека најголем ризик за оние што бараат флексибилна работа е дилемата дали компанијата во целост и навреме исплаќа плати за вработените. Компаниите би можеле да се соочат со ризици доколку „флексибилните работници“ не би успевале да испорачаат висококвалитетна работа во ограничен временски период, што бара од компаниите да воспостават цврсти стандарди во однос на ефикасноста на вработените, кои би помогнале во оценувањето на нивните перформанси.