Оваа година, 5,3 милијарди неупотребливи мобилни телефони ќе бидат фрлени, според процените на Меѓународниот форум за отпадна електрична и електронска опрема (ВЕЕЕ)

Меѓународниот форум за отпадна електрична и електронска опрема (ВЕЕЕ) направи процена врз основа на податоците за глобалната трговија и го истакна растечкиот еколошки проблем со електронскиот отпад. Истражувањето сугерира дека многу луѓе чуваат стари телефони, наместо да ги рециклираат. Поради тоа, скапоцените минерали кои не се извлекуваат од отпадната електроника, како што е бакарот во жица или кобалтот во батериите на полнење, треба да се ископуваат од рудници.
Паскал Лирој, кој е генерален директор на ВЕЕЕ, вели дека луѓето имаат тенденција да не сфаќаат дека сите овие навидум безначајни предмети имаат многу голема вредност и заедно на глобално ниво претставуваат огромни количества. Во светот има околу 16 милијарди мобилни телефони, а во Европа речиси една третина повеќе не се користат.
ВЕЕЕ вели дека нивното истражување покажува дека огромното количество на електричен и електронски отпад, од машини за перење и тостери до таблет-компјутери и уреди за глобалниот систем за позиционирање (ГПС), ќе порасне на 74 милиони тони годишно до 2030 година.
На почетокот на оваа година, британското Кралско здружение за хемија започна кампања за промовирање на искористување на електронски отпад за производство на нови производи, нагласувајќи го глобалниот конфликт, вклучително и конфликтот во Украина, што ги загрозува синџирите на снабдување со благородни метали.
Магдалена Чаританович, од ВЕЕЕ, порача дека овие уреди нудат многу важни ресурси кои можат да се користат во производството на нови електронски уреди или друга опрема, како што се турбини на ветер, батерии за електрични автомобили или соларни панели. Токму ова е од суштинско значење за зелената, дигитална транзиција кон општества со ниска емисија на јаглерод.
Нешто повеќе од 17 отсто од светскиот електронски отпад правилно се рециклира, но Меѓународната телекомуникациска унија на Обединетите нации постави цел да го зголеми до 30 отсто до следната година. Таа истакнува дека е еден од „најбрзо растечките и најкомплексните текови на отпад што влијае на здравјето на луѓето и на животната средина, бидејќи може да содржи штетни материи“.
Повеќе од 20 милиони неискористени, но работни електрични предмети, вредни дури 5,63 милијарди фунти, моментално се складирани во домовите во Велика Британија, покажуваат истражувањата на организацијата „Материјал фокус“. Исто така, пресметано е дека просечното домаќинство во Велика Британија може да продава несакана технологија и да собере околу 200 фунти.
Онлајн кампањата на организацијата дава совети, вклучително и каде да се најдат центри за рециклирање. Лирој порача дека се обезбедени собирни кутии во супермаркетите, каде што може да се остават мали искршени апарати при испорака на нови и се нудат поштенски кутии за враќање на малиот електронски отпад.