Полуавтономната територија на Данска е посакувана од Кина, САД и глобалните рударски компании
Репортажа од крајниот север на Европа
Ангутицијак Исбосетсен (21) седи на мал рид блиску до Кангерлуарсук, длабоко замрзнат фјорд во Кујалек, во Јужен Гренланд. Неговиот роден град Нарсак, со 1.346 жители, е оддалечен 20 минути со брод. Исбосетсен работи како заменик-наставник и туристички водич и носи странци низ архипелагот на Јужен Гренланд. А од април 2021 година, тој е член на општинскиот совет на Кујалек, најголемата општина во Јужен Гренланд, за владејачката партија Инуит Атакатигиит, или Заедницата на народот.
Погледот од ридот ја симболизира политичката дилема во неговата земја, која сè уште е дел од Кралството Данска, бидејќи суперсилите се натпреваруваат за неговите природни ресурси, со оглед на неговата стратегиска геополитичка локација. На десната страна, тој гледа фјорд каде што вели дека локалното население ловело стотици метрички тони бакалар во 2020 година. Лево е Килаваат Аланнгат, на дански познат како Кринглерне, планина што е потенцијално место за ископување ретки минерали. Австралиската компанија „Танбрез“, која му припаѓа на геологот и рудар Грег Барнс, е сопственичка на рудникот.
Исбосетсен, кој донесе пушка за секој случај, бидејќи е време на ловната сезона, е скептичен во врска со рударството – токму тоа беше тема на изборите на Гренланд во 2021 година. Инуит Атакатигиит победи на општите и на многу локални избори со ветување дека ќе го затвори Куанерсуит, уште еден рудник за ретки минерали со огромни количества ураниум, кој предизвика голем број контроверзии во последниве години поради потенцијалното влијание врз животната средина што може да го има ураниумот врз локалната област што е единствената погодна за земјоделство во Гренланд.
Комплициран танц кој да дојде прв до минералите
Исбосетсен, кој израснал помеѓу двата потенцијални рудници, би сакал да не се отвори рудник таму. „Секогаш ќе бидам против рударството во Куанерсуит и Кринглерн“, рече тој додека гледаше во огромната планина. „Ќе создаде проблеми ако големите бродови влезат во овој фјорд за да собираат минерали“.
Гренланд ги преплави насловните страници на медиумите во светот кога поранешниот американски претседател Доналд Трамп објави дека сака да го купи островот во 2019 година. (Се говореше дека Барнс ја инспирирал желбата на Трамп – тврдење на кое Австралиецот се насмеа и категорично го негираше.)
Политичарите и населението во земјата се свесни за зголеменото внимание што го добиваат, иако тоа не е нешто ново за нив. Долго пред Трамп, американскиот претседател Хари Труман предложи купување на Гренланд во 1946 година, надевајќи се дека островот може да биде географска одбрана од потенцијалните советски бомбардери.
Но за оние што ја следат политиката на Арктикот, интересот на Трамп не беше изненадување. Геополитиката на Арктикот станува сè поинтензивна во последната деценија, бидејќи за Гренланд има зголемен интерес од суперсилите, особено од САД и Кина. Постојат три главни причини за овој интерес, според Расмус Леандер Нилсен, вонреден професор на Центарот за арктичка политичка наука и економија на Универзитетот во Гренланд.
– Топењето на мразот ќе создаде нови комерцијално вредни патишта за пловење од исток; Гренланд го задржува безбедносното значење за САД како место на нивната најсеверна воена база во Туле; и, конечно, Гренланд би можел да стане клучен извор на минерали за ретки земји – вели Нилсен.
Комплицирана историја
Гренланд има комплицирана историја како поранешна колонија што останува во унија со Данска. Минатата година островот ја прослави (или тагуваше) 300-годишнината од колонизацијата, одбележувајќи го доаѓањето на данско-норвешкиот мисионер Ханс Егеде на 3 јули 1721 година. Гренланд остана под данска контрола до Втората светска војна, кога САД ја презедоа контролата на островот откако Данска беше заземена од нацистичка Германија.
По војната, Данска повторно ја презеде контролата, но САД го задржаа своето присуство на Гренланд. Данска му се приклучи на НАТО во 1949 година, а во 1951 година, САД почнаа да ја градат воздушната база Туле во тајност. Инсталацијата, која во својот врв вработуваше 10.000 луѓе, беше важна база за одбрана од можни советски напади врз Северна Америка за време на Студената војна и како потенцијална точка за полнење гориво за американските авиони. Денес базата повторно е важна стратегиска предност за американската војска и нејзините сојузници.
Гренланд останал колонија до 1953 година, кога бил формално инкорпориран во Данска како округ, но данската уставна промена ѝ дала на територијата двајца избрани претставници во данскиот парламент. Но откако го вклучија островот како округ, данските политичари се зафатија да го издигнат животниот стандард на Гренландците на исто ниво како нивниот. Овој таканаречен процес на модернизација вклучуваше насилно празнење на малите села за урбанизирање на населението, испраќање групи деца во интернат во Данска и, како што неодамна беше објавено во меѓународните медиуми, ставање спирала кај девојчиња на возраст од 12 години без нивна согласност.
Во 1979 година, Гренланд, поттикнат од млади политичари што ја формираа социјалдемократската партија Сиумут, постигна домашна власт и доби одредена автономија од Данска. Во 2009 година, новиот закон за самоуправување го призна правото на Гренланд на самоопределување, понатамошна независност и правото постепено да ја преземе контролата врз повеќе области, како што се полициската контрола, граничната контрола и управувањето со рудното богатство. Во 2010 година, тие одлучија да ја преземат контролата над рудното богатство. На Гренландците им е дозволено да профитираат од сопственото рудно богатство, но ако заработуваат повеќе од 75 милиони дански круни годишно (10 милиони долари), половина од профитот би отишол на намалување на годишните дански субвенции, кои изнесуваат 3,9 милијарди дански круни (околу 511 милиони долари) во 2021 година.