Предложениот закон доаѓа како одговор на понудата поддржана од ОАЕ за весникот „Дејли телеграф“ и за магазинот „Спектатор“
Владата на Велика Британија се обидува да го спречи влијанието на странски држави врз медиумите во земјата по обидот на инвестициска фирма поддржана од Обединетите Арапски Емирати да преземе два национални печатени медиума. За време на дебатата во Домот на лордовите во средата навечер, министерот за медиуми Стивен Паркинсон рече дека Владата ќе предложи амандман на Законот за дигитални пазари, конкуренција и потрошувачи, кој моментално поминува низ парламентот. Амандманот ќе спречи странска државна сопственост на весници и новински списанија, иако сепак ќе треба да биде одобрен во Домот на лордовите и од Долниот дом пред да стапи во сила.
Законодавството ќе се применува само на странски држави, што значи дека странските поединци и бизниси сè уште ќе можат да поседуваат весници и списанија во Велика Британија.
– Слободата на печатот е основна за функционална демократија. Она што значи слобода на печатот е слобода од Владата – рече Паркинсон.
Предложениот закон е реакција на понудата од 600 милиони фунти (703 милиони евра) од „Редбрд ИМИ“ за стекнување сопственост на британскиот весник „Дејли телеграф“ и магазинот „Спектатор“. „Редбрд ИМИ“, каде што заменик-премиерот на ОАЕ, Шеик Мансур, поседува 75 отсто од акциите, направи голем број аквизиции во Обединетото Кралство во последниве години. Имено, фирмата се согласи да ја купи британската продукциска ТВ-куќа „Ол3медиа“ во февруари, а шеикот Мансур исто така има мнозински удел во фудбалскиот клуб Манчестер Сити.
Реагирајќи на планираниот амандман во соопштението, „Редбрд ИМИ“ рече дека е „крајно разочаран“ и тврди дека медиумската индустрија во Обединетото Кралство е достојна за повеќе инвестиции.
– Сега ќе ги оцениме нашите следни чекори, а комерцијалните интереси ќе продолжат да бидат единствениот приоритет – се вели во извештајот.
Уредникот на „Спектатор“, Фрејзер Нелсон, од друга страна, го поздрави потегот на Владата.
– Ако владите почнат да поседуваат весници, без разлика дали се британски влади, европски влади или арапска влада, ќе завршите со фатално загрозена слободата на печатот. Во новинарството, една од максимите е следење на парите и ако тие пари доведат до Владата на Абу Даби, тогаш имате мошне голем проблем кога станува збор за слободата на печатот – рече тој за „Скај њуз“.
„Спектатор“ и „Дејли телеграф“ се и политички конзервативни медиуми, а вториот особено често се нарекува гласноговорник на Конзервативната партија на Обединетото Кралство.
Преземањето беше во голема мера критикувано од конзервативните политичари, повеќе од оние од левата страна на политичкиот јаз.
Продажбата на двете публикации беше упатена до британскиот медиумски регулатор „Офком“ и Управата за конкуренција и пазари (CMA) во ноември минатата година. Секретарката за култура Луси Фрејзер ги доби нивните наоди во понеделникот и таа сега мора да одлучи дали да отвори дополнителни истраги.