Во издание на „Перун артис“ од Битола се објавени две нови книги, од кои едната е поетска збирка од хрватскиот автор Мирослав Кирин, „Бабанија“, а втората е романот на Ивица Пртењача, „Сине, си одиме дома“.
Новиот роман на хрватскиот прозаист и поет Ивица Пртењача, „Сине, си одиме дома“, е добитник на наградата на издавачката куќа ВБЗ од Загреб за необјавена проза. Оваа трогателна приказна за љубовта и посветеноста е проза што останува во нашите емотивни дамари потсетувајќи нѐ на она што е најважно во нашето битисување – припадноста.
– Читајќи го „Сине, си одиме дома“, сакале или не, се вовлекуваме во своите сопствени стравови и надежи онака како што и синот и мајката се надеваат до последниот здив дека сето она што им се случува ним, а особено на таткото е само лош сон од кој ќе се разбудат и ќе си го продолжат животот полн со предизвици, но уште пополн со љубов и разбирање. „Сине, си одиме дома“ нè потсетува и на тоа дека нашето минато е дел од хуманистичкиот амалгам на овој свет, кој сѐ повеќе се искривоколчува и дека смртта е исто толку опасна колку и осаменоста. А времето ќе продолжи да тече и се чини дека тоа е она најбезмилосното за сите и дека само тоа ќе нè потсети на сето она што ни значело и што ни го обележало животот – вели издавачот.
Преводот е на Владимир Јанковски.
Неодамна истиот издавач ја објави и збирката на хрватскиот поет и прозаист Мирослав Кирин озаглавена како „Бабанија“. Оваа книга е добитничка на престижната хрватска награда за поезија „Фран Галовиќ.“
– Исклучително интересна поетска форма што задирајќи и во прозниот книжевен род ни открива многу интересни теми и развива приказни со еден многу чуден поетски амалгам. Особено интересна книжевна авантура. Мирослав Кирин со својата „Бабанија“ нè води во судбинско патешествие во кое зборовната констелација е само пат со многу непознати, за текстот што ќе го склопиме во својата глава како толковно ткиво да стане метаболитички поблизок со нас самите. Петриња со целата своја сеизмичка трагедија и Банија со целата своја убавина, која во ова дело има вкус на имагинарна земја ни донесуваат во исто време и раскази и песни, и ликови и сеништа, и стихови и пасуси, но и драма во која светот како комплексно место за живеење во целото ова прекрасно дело се претворил во микрокосмос без почеток и крај – се вели во најавата.
Мирослав Кирин е автор со десетина поетски збирки и еден роман, писател чија особеност е поигрување со стиловите и жанровите. Преведувач е од англиски јазик, а пишувал и есеи и сценарија. Живее во Загреб каде што работи како гимназиски професор.
Книгата е во превод на Сашо Огненовски.