Новата реалност бара нова методологија за креирање европски буџети
Членките на Европската Унија настојуваат да ги променат своите национални планови за економска обнова, помалку од една година од нивното одобрување. Украинскиот конфликт го поттикна Стариот Континент да се ослободи од својата енергетска зависност од Русија. Истовремено, Европа се соочува со предизвиците на рекордната инфлација, која драстично ги зголеми влезните трошоци, и со планираната прераспределба на грантови. Меѓутоа, многу членки ќе бидат принудени да ги променат своите национални планови за трошење во рамките на Европскиот фонд за одговор на пандемијата вреден 800 милијарди евра. Позитивно во целата работа е што правилата на фондот налагаат 37 отсто од буџетот на секоја земја да бидат потрошени за зелената транзиција, што е клучна цел на која конфликтот ѝ наметна нова итност.
Но засега нема доволно пари на масата. Отпорот на северните земји против создавање нов заеднички долг значи дека фондот за пандемиска обнова или она што останало од него, ќе биде пренаменет за да се одговори на актуелната криза. Но прашањето е до кој степен би можеле да се „растегнат“ постојните ресурси? Згора на тоа, според Европската комисија, од фондот за обнова „тежок“ 800 милијарди евра, 386 милијарди се кредити, од кои 232 милијарди евра сè уште не се затворени. Земјите што сакаат да побараат кредит имаат рок до 2023 година. Само Италија, Романија и Грција побараа полн износ од заемите што им стојат на располагање во висина од 6,81 отсто од нивниот бруто-национален приход во 2019 година, додека Кипар, Полска, Португалија и Словенија побараа само дел. Минатата година поголемиот дел од земјите одбија да земат кредити, бидејќи не сакаа да го зголемат својот и онака висок долг или, пак, можеа самостојно да добијат еквивалентни услови за финансирање. Но, според изјавата на висок претставник на ЕУ, Комисијата очекува многу од нив сега да излезат со барање за заем.
Со инфлацијата пропаднаа буџетските планови
Растот на цените ги расипа инвестициските планови на земјите од ЕУ. Проблемот е во тоа што плановите, вклучувајќи го и внимателното трошење во однос на секоја инвестиција, беа кроени според сосема друго ценовно сценарио. Овие буџети повеќе не ја одразуваат реалноста и ги принудуваат земјите да ја платат сметката. Во текот на март, инфлацијата во еврозоната достигна рекордни 7,5 отсто и во скоро време не се очекува нејзино намалување. Во градежниот сектор дојде до драстично зголемување на цените. Освен тоа што сè недостига, од челични прачки, цемент, па сè до градежни работници, инфлацијата предизвикува експлозија од цени и остава нереализирани тендери, бидејќи компаниите повеќе не можат да го издржат растот на трошоците. Ова значи дека државите ќе мораат да ја надоместат разликата од своите национални буџети, доколку сакаат да го почитуваат строгиот распоред на исплата според резултат, наметнат од страна на европските фондови.
Во Италија, Владата интервенираше со воведување клаузули за ценовна ревизија при доделување јавни договори, со цел да се вкалкулираат растечките цени на градежните материјали. Сепак, според зборовите на изведувачите, ова не е доволно. Во текот на март, со цел да се најде објаснување за растот на цените, италијанскиот премиер Марио Драги ја изнесе можноста за преиспитување на националниот инвестициски план, иако притоа додаде дека тоа „би било прерано“. Овој проблем не е присутен само во Италија. Во Белгија, која во текот на март забележа една од највисоките инфлациски стапки во ЕУ (9,3 отсто), инфраструктурата учествува со 60 отсто од националниот потрошувачки план.
Преработка на плановите – полесно да се каже, одошто да се изведе
Кулминацијата ќе се случи во јуни, кога Комисијата ќе прераспредели 30 отсто од грантовите на фондот, врз основа на економските резултати на земјите во текот на 2020 и 2021 година. Ова значи дека државите што закрепнаа побрзо одошто се очекувало ќе добијат помал дел од колачот, некогаш и во форма на значително намалени суми. Белгија ќе изгуби до 1,3 милијарда евра, а според романскиот министер за финансии Адријан Качиу, неговата земја ќе остане без повеќе од две милијарди евра. Ова, најверојатно, ќе ги наведе овие две земји да побараат од Комисијата да ги модифицира нивните планови. Во секој случај воопшто нема да биде лесна преработката на националните планови и одобрувањето од страна на Комисијата и европските членки.