За успешно спроведување на кинеските стратегии и постигнување на поставените цели, императив е целата земја да има обемен и одлично координиран план, а притоа да им дозволи на некои индустрии и региони да истражуваат и да напредуваат во нивната агенда за редукција на јаглерод, пренесува Џанг Џихао од „Чајна дејли“
Зелената економија во преден план на Пекинг
Според неодамна објавениот извештај на Кинеската академија за инженерство, Кина има поставено цел да достигне врв во емисијата на јаглерод диоксид од 12,2 милијарди метрички тони некаде до 2027 година, како и да ги ограничи емисиите на стакленички гасови во рамките на 2,6 милијарди тони еквивалентни на јаглерод диоксид пред 2060 година. Еквивалентот на јаглерод диоксид претставува мерка за различни стакленички гасови, врз основа на нивниот потенцијал за глобално затоплување. Овој извештај е производ од клучната консултантска програма на академијата за кинеската стратегија и патишта за постигнување на врвот во емисиите на јаглерод диоксид и јаглеродната неутралност, во која се содржани предлозите на повеќе од 300 експерти од десетина агенции и истражувачки институции.
Предизвици во остварувањето на јаглеродните цели
Ли Сијаохонг, претседател на академијата и еден од лидерите што стојат зад оваа програма, изјави дека извештајот ќе послужи како важен советодавен документ, кој ќе ги насочува идните клучни иновации и транзицијата на Кина кон зелена економија.
Во 2020 година, вкупните кинески емисии на јаглерод диоксид изнесуваа околу 30 отсто од севкупните светски емисии, рече Ли за време на церемонијата на претставување на извештајот на Шестиот меѓународен форум за иновации и развој на нови индустрии. Главните извори на кинеските емисии отпаѓаат на индустријата, која учествува со 38 отсто, како и на производството на електрична енергија, застапено со 33 отсто од вкупните емисии. Според Ли, главни предизвици во остварувањето на двете јаглеродни цели на Кина претставуваат тековната индустријализација и урбанизација, индустриската реконструкција и елиминација на застарените производствени капацитети, нерамномерниот регионален развој, геополитичките конфликти што го менуваат обликот на светскиот енергетски пејзаж, светската рецесија поради ковид-19, како и екстремните природни катастрофи. За успешно соочување со овие предизвици, академијата формулира осум стратегии и седум патишта.
Кинеска стратегија за зелена транзиција
Првата и, веројатно, најважна стратегија е да се даде приоритет на зачувување на енергијата, како и да се подобри енергетската ефикасност на целото општество. Втората стратегија се однесува на зачувување на енергетската безбедност и обезбедување резерви на фосилни горива, како и спречување на ризиците што произлегуваат од зависноста од увозна нафта, гас и клучни минерали. Другите стратегии вклучуваат начини за замена на фосилните горива со обновлива енергија, особено во индустријата. Некои други вклучуваат рециклирање индустриски ресурси, подобрување на капацитетите за апсорпција на јаглерод диоксид и истражување технологии за отстранување на јаглеродот, подобрување на редукцијата на јаглерод и управувањето со него по пат на дигитализирани мерки и вклучување во меѓународната соработка. Седумте патишта што водат кон двете цели што се однесуваат на намалување на јаглеродните емисии вклучуваат оптимизација и надградба на постојната индустриска структура и создавање чист, безбеден и високоефикасен енергетски систем со ниска застапеност на јаглероден диоксид, објасни Ли.
Тој додаде дека потрошувачката на јаглен во Кина треба да достигне максимум до 2025 година, потрошувачката на нафта треба да достигне максимум до 2030 година, а максимумот во потрошувачката на природен гас треба да се постигне некаде до 2035 година. До 2060 година, фосилната енергија најмногу ќе се користи за гарантирано снабдување со енергија и за обезбедување индустриски суровини.
Ли истакна дека Кина ќе го трансформира својот енергетски систем со нефосилни горива преку намалена употреба на јаглен во електроцентралите, подобрување на складирањето енергија, како и воспоставување механизам за капацитетна компензација и пазар на дополнителни услуги, така што пазарната моќ би имала поголема улога во промоцијата на новиот развој и употреба на енергијата. Индустрискиот, транспортниот и градежниот сектор ќе усвојат нови идеологии, што ќе резултира со намалени емисии на јаглерод диоксид и нивна поголема виталност.
Имајќи предвид дека јаглеродните емисии се поврзани со општествено-економскиот развој, Кина инвестира во средства за елиминација на јаглеродот, почнувајќи од природни јаглеродни „бели дробови“ како што се шумите, па сè до технологии за зафаќање и складирање на јаглеродот, сето ова со цел да се отстранат гасовите и да се постигне нето нула количество во емисиите на јаглерод диоксид.