Декодирање на неоколонијалните врски
Државниот удар во Нигер го најавува почетокот на големите геополитички трансформации. Тој им нуди на африканските нации можност да ја сменат рамнотежата на моќта додека создаваат нови сојузи и ги уништуваат неоколонијалните мрежи на Западот, пишува Симран Саид Јанџуа за „Модерн дипломаси“
Неодамнешниот државен удар во Нигер уште еднаш го привлече вниманието на сложената динамика на моќ, влијание и суверенитет во Африка. Иако државните удари често се перципирани со страв поради нивниот потенцијал да ја нарушат стабилноста, од клучно значење е да се навлезе подлабоко во контекстот и да се оцени како оваа појава може да дејствува како поттик за африканските нации да ги преиспитаат нивните односи со Западот. Борбата за независност, која карактеризира голем дел од поновата историја на Африка, може да открие обновен поттик по пучот.
Пучот како симбол на отпорот
Дилемата за неоколонијализмот постои како главна пречка за голем број африкански земји и покрај нивната официјална независност, бидејќи западните нации одржуваат значително влијание врз нивните економии и политики. Присуството на мултинационални корпорации, надворешниот долг и нееднаквите трговски односи се меѓу различните изрази на оваа реалност. Наместо да биде сфатен само како изолиран инцидент, пучот во Нигерија има потенцијал да послужи како симбол на отпорот против заканите за националната автономија.
Државниот удар со кој беше сменет претседателот на Нигер и „пријател на Западот“ Мохамед Базум, кој сега се соочува со закана за кривично гонење за велепредавство, е главен геополитички момент за Западна Африка. Превратот дојде како голем удар за Западот, кој го смета Нигер како партнер, со тамошни инвестиции вредни милиони и силно воено присуство. Бидејќи Економската заедница на држави од Западна Африка се закани дека ќе изврши воена интервенција, со тоа што ги стави на штрек воените сили, соседните земји Мали и Буркина Фасо ја поддржаа воената хунта, наведувајќи дека воената интервенција е еднаква на објава на војна против нив. Русија и Алжир исто така издадоа предупредувања против овој потег.
Врската со Франција низ историјата
Пучот доби поддршка од јавноста поради антиколонијалното расположение што преовладува во Нигер, кој долго време е експлоатиран од Западот, особено од Франција. Почетокот на францускиот колонијализам во Нигер беше обележан со озлогласеноста што произлезе од немилосрдната воена операција во 1899 година за да ја зголеми доминацијата на Франција во западноафриканскиот регион. Историјата на Нигер беше сведок на низа востанија што ја предизвикуваа контролата на Франција, како што е Туарегското востание во 1916 година. Сепак, дури во 1960 година Нигер ја стекна својата независност. Французите сè уште не го ослободија Нигер од неговите канџи и им се додворуваа на нигериските елити во нова форма на колонијализам, потпишувајќи профитабилни договори за рударство и обезбедувајќи воена помош.
Сегашната криза во Нигер може да му се припише на преиспитувањето на претходните колонијални односи со Франција што ја опфаќаат супсахарска Африка, во кои спаѓаат економски, политички, безбедносни и културни врски и партнерства што се вртат околу францускиот јазик и вредности. Францускиот претседател Шарл де Гол и неговите наследници (не толку) иронично беа посветени на зачувување на нивните стратегиски воени бази, пристап до енергетски ресурси, поволни трговски договори и финансиска доминација, притоа признавајќи ја легитимноста на движењата за самоопределување.
Ураниумот како повод за раздор
Како седми по големина производител на ураниум, Нигер е од особен интерес за Франција, која се потпира на нуклеарна енергија со 70 отсто од своите енергетски потреби и, оттаму, е најголемиот увозник. Колонијалната експлоатација на ураниум предизвика тлеење на незадоволството во Нигер. Според органите за заштита на животната средина, имало неколку инциденти на ослободување опасни нивоа радиоактивен материјал меѓу населението. Испуштањето 20 милиони тони отпад од исцрпениот рудник што загрозил 100.000 животи е само неодамнешен пример. Покрај тоа, „Оксфам“ истакна во 2013 година дека во Франција една од секои три светилки користи енергија благодарение на нигерискиот ураниум. Во Нигер речиси 90 отсто од населението нема пристап до струја.
Сепак, работите одат кон пресврт. Нигериската хунта, наводно, се заканила дека ќе го прекине снабдувањето со ураниум во Франција. Додека Франција тврди дека е минимално погодена од потегот поради нејзината диверзификација на ресурси, можни се последици на ниво на Европската Унија (ЕУ), бидејќи блокот увезува една петтина од својот ураниум од Нигер. Тоа ќе биде голем удар за напорите на ЕУ за постепено намалување на нејзината зависност од Русија, која е уште еден голем извозник на ураниум во блокот. Тоа дополнително ќе ги спречи обидите на ЕУ да ја санкционира Русија во нуклеарниот сектор, кој сè уште не е предмет на санкции. Тоа може да отвори можности за Русија да добие отстапки за природните ресурси, бидејќи таа веќе го зајакнува своето упориште на континентот. Непосредно пред државниот удар, Нигер веќе истражуваше нови опции за инвестирање, вклучувајќи и нов рударски договор со Кина.
Геополитички трансформации
Нигер исто така беше клучниот безбедносен сојузник на Западот против исламските милитанти и во напорите да се одржува рамнотежата со руското влијание во регионот, потег што датира од ерата на Студената војна. Нигер е домаќин на околу 1.000-1.500 француски војници, американски и француски бази и е најголемиот примател на американска воена помош во регионот. Сепак, оваа динамика се менува бидејќи воената влада отповика пет воени договори со Франција. Поради тоа, Западот ќе треба да ја преиспита својата безбедносна политика во иднина.
Државниот удар во Нигер го најавува почетокот на големите геополитички трансформации. Тој им нуди на африканските нации можност да ја сменат рамнотежата на моќта додека создаваат нови сојузи и ги уништуваат неоколонијалните мрежи на Западот. Со оглед на тоа што Кина и Русија веќе навлегуваат во регионот со склучување договори за ретки метали преку кинеската иницијатива „Појас и пат“ и руските приватни воени компании, ним им се нуди златна можност да го искористат падот на Западот. Сепак, регионот исто така се соочува со закана од нестабилност, освен ако не се обиде да создаде единство во поделениот западноафрикански блок.