Нови сознанија за корупцискиот скандал во Брисел
Во февруари 2020 година, потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили, зборуваше на бината во хотелот со пет ѕвезди „Риц Карлтон“ во главниот град на Катар, Доха, како модераторка на дискусијата за гигантите на социјалните мрежи и демократијата. Во тоа време, овој фрагмент од дводневната конференција ќе поминеше сосема незабележано. Но кога денес се слуша, тој звучи преполн со иронија. Каили е во затвор поради вмешаност во голем корупциски скандал што го зафати естаблишментот на Европската Унија (ЕУ) во Брисел, во кој Катар, а исто и Мароко беа обвинети дека ги поткупувале европските пратеници со цел да влијаат врз работата на Европскиот парламент.
Оваа конференција не беше случајна. Нејзиното семе беше посеано пред приближно две години, кога тогашниот член на парламентот Пјер Антонио Панцери, наводно првиот човек на корупцискиот заговор, потпиша полуслужбен договор за соработка со организација поврзана со Владата во Катар. Договорот што Панцери го потпиша во својство на шеф на парламентарниот поткомитет за човекови права директно го поврза ова тело на ЕУ со катарската комисија за човекови права. Со него се гарантира „поблиска соработка“ меѓу двете страни, а се спомнуваат годишни „проекти“ и размена на „искуства и експертиза“. Самиот стил на кој документот е составен претставува основа за една долгогодишна соработка, вклучувајќи конференции и службени патувања на ЕУ – парламентарци во Доха, при што Катар се обврзува да ги плаќа авионските летови во бизнис-класа и престоите во луксузни хотели. Сепак, според Европскиот парламент, официјално овој договор не постои.
Меморандумот никогаш нема стигнато на разгледување до пратениците, и покрај најавите на Панцери, ниту пак поминал низ какви било формални канали за одобрување. Сепак, овој документ постои и е пример за тоа како една странска земја успеала да оствари значајни врски со европратеници и со Европската комисија без институцијата да го активира службениот аларм. Во меѓувреме, Катар постојано ги отфрла сите обвинувања за несоодветно мешање во работата на ЕУ.
Потпишувањето на договорот
Панцери и Али бин Самик ал Мари, претседател на Националниот комитет за човекови права на Катар (НХРЦ), го потпишаа договорот на 26 април 2018 година, за време на состанокот на поткомитетот за човекови права на ЕУ (ДРОИ) во Брисел. На својата веб-страница, НХРЦ пишува дека ужива „комплетна независност“ од Владата во Катар.
Обраќајќи се пред неколкумина европратеници во речиси празната просторија, Ал Мари тврдел дека катарската влада направила „огромни чекори“ во реформите околу човековите права, признавајќи наедно и дека тоа сè уште не е доволно. На самиот крај од едночасовната конференција, Панцери излегол со една кратка, површна најава дека „дента ќе се потпише документ за консултации и соработка, кој ќе им биде доставен на членовите на поткомитетот на ДРОИ“. Меѓутоа, тој никогаш не стигнал до нив. Всушност, на денот на потпишувањето на документот, Панцери само што се беше вратил во Брисел од патот во Катар со својот парламентарен асистент Франческо Џорџи. За време на посетата, Панцери се сретнал со тогашниот катарски премиер Абдула бин Насер бин Калифа ал Тани и првиот човек на НХРЦ, Ал Мари, изрекувајќи пофалби во однос на работните реформи во Катар пред почетокот на Светското фудбалско првенство. Ал Мари подоцна стана катарски министер за труд, додека сè почесто се слушаа глобални критики поради односот на Доха кон работниците емигранти, кои ги градеа фудбалските стадиони за Светското првенство.
Асистентот на Панцери, Франческо Џорџи, подоцна беше притворен заедно со својот шеф и Ева Каили уште во првиот бран на апсење функционери од страна на властите. Сите тројца беа обвинети за корупција, перење пари и учество во криминална организација.
Во замена за намалена казна, Панцери се согласи на спогодба со обвинителите за признавање вина, со која признава дека поткупувал европратеници. Од друга страна, Каили и Џорџи, кои се партнери во приватниот живот, негираат дека сториле какво и да било кривично дело. Адвокатите на Панцери и Каили не одговорија на повикот за коментар.
Речиси пет години подоцна, службените лица во Европскиот парламент сè уште се зачудени околу тоа како можел да биде потпишан ваков документ. Дури и самото негово потпишување е покриено со магла на мистерија. Според собраниските прес-служби, договорот бил потпишан во канцеларијата на Панцери. Но на фотографијата од потпишувањето се гледаат член на персоналот на Европскиот парламент, како и официјалните знамиња на ЕУ и на Катар. А едно друго лице, запознаено со работата на комисијата, рече дека потпишувањето се случило во една од официјалните протоколарни простории на парламентот што вообичаено се користат за странски делегации.
„Делегацијата“ на Панцери во Доха
Во 2019, една година по постигнувањето на ова „разбирање“, Катар беше ко- организатор на својата прва конференција во Доха во партнерство со Европскиот парламент или, пак, со неговото лого, кое беше излепено насекаде. Темата на конференцијата била „Борба против неказнивоста“. На конференцијата Панцери го пофалил Катар како „референтна“ точка за глобалните стандарди за човекови права. Потоа, на 16 и 17 февруари 2020 година, во Доха се организирала и втората конференција, очигледно во соработка со Европскиот парламент. Овој пат темата гласела „Социјални медиуми, предизвици и начини за промовирање на слободите и заштита на активистите“.
Претставник од парламентарната прес-служба демантира дека тие учествувале во организацијата на овој настан, велејќи дека „не се работи за настан на институцијата, но сепак треба да се истражи како тие можеле да го користат логото на Европскиот парламент“.
Учесниците, вкупно 300 на број, авионски пристигнале во Доха со бизнис-класа. Билетите им биле платени од страна на Катарците, им биле обезбедени сместување во хотелот „Риц Карлтон“ и бесплатна завршна вечера во Националниот музеј на Катар. Каили не била единствената политичка личност од ЕУ што присуствувала на овој настан. Извршувајќи ги своите модераторски обврски, таа му се заблагодарила на Панцери за тоа што токму тој ја „организирал оваа делегација“. Панцери, кој го напушти Европскиот парламент во 2019 година, седел во првиот ред до својот, сега притворен, асистент Џорџи.
Присутен на конференцијата бил и пратеникот од партијата Социјалисти и демократи (СиД), Марк Тарабела, кој беше уапсен неодамна, по проширената полициска истрага. Белгиските обвинители излегоа со сомнеж дека Тарабела зел од Панцери и до 140.000 евра во готовина, имајќи задача да влијае на работата на ЕУ во однос на прашања поврзани со Катар. Тарабела не го прикажуваше ова субвенционирано патување сè до јануари, неколку години по крајниот рок за пријава во парламентот. Тој излезе со голем број оправдувања за својот задоцнет исказ. Во поширока смисла, Тарабела се прогласи себеси за невин во оваа истрага за корупција.
Другите двајца европратеници присутни на настанот, пратеничката на СиД, Алесандра Морети, и пратеникот на ЕПП, Кристијан-Силвиу Бушои, исто така не го пријавија своето субвенционирано присуство сè до обелоденувањето на истрагата за корупција.
По заминувањето на Панцери од Европскиот парламент во 2019 година, неговото место на врвот на поткомитетот за човекови права го зазема пратеничката од редовите на СиД, Марија Арена. Во јануари таа за „Политико“ изјави дека не продолжила со договорот потпишан од страна на Панцери. Сепак, конференциите продолжија и понатаму. По настанот организиран во 2020 година, Арена во 2022 година замина во Доха, како гостин на работилницата на НХРЦ. Конечно, Арена се повлече од функцијата претседател на ДРОИ откако „Политико“ обелодени дека и таа не го пријавила навреме субвенционираното патување во Доха. А што се однесува до целата збрка околу договорот, едно е јасно: според Катар, овој договор никогаш не престанал да постои.