Посиромашните 50 отсто од светското население испуштале 12 отсто од глобалните емисии во 2019 година, додека најбогатите 10 отсто испуштале 48 отсто
Мерки за заштита на животната средина од загадување
Најбогатите еден отсто од населението во Велика Британија се одговорни за истото количество емисии на јаглерод диоксид во една година што го испуштаат долните 10 отсто, кои најмалку заработуваат во текот на повеќе од 20 години, според новата студија од британската експертска група „Аутономи“. Резултатите се совпаѓаат со други истражувања што покажуваат дека супербогатите поединци се двигатели на растот на емисиите на глобално ниво. Неодамнешниот труд на Лука Шансел, професор на францускиот универзитет за политички науки, покажа дека посиромашните 50 отсто од светското население испуштале 12 отсто од глобалните емисии во 2019 година, додека најбогатите 10 отсто испуштале 48 отсто.
Според ова, се чини дека супербогатите ги зголемуваат своите емисии со побрзо темпо. Емисиите по жител од глобалниот врвен еден отсто се зголемија од 1990 година, додека емисиите од групите со низок и среден приход во богатите земји се намалија.
Туризам и патувања
Туризмот е одговорен за околу 10 отсто од глобалните емисии на јаглерод, а транспортот за 25 отсто. Приватната авијација е одговорна за четири отсто од емисиите во воздухопловството. Јахтите и суперјахтите трошат најмногу енергија од сите превозни средства, објаснува Стефан Гослинг, професор на Факултетот за бизнис и економија на универзитетот „Линеус“ во Шведска.
– Патувањата и туризмот се сосема различни приказни. Некој што често лета во приватен авион испушта десет илјади пати повеќе од некој што користи само велосипед и јавен превоз – вели експертот за одржлив туризам за „Дојче веле“.
Италија е втора земја во светот, зад САД, која има најмногу суперјахти што пловат покрај нејзините крајбрежја. Но таа заостанува во транзицијата кон приватни чамци со ниска јаглеродна емисија. Според Мауро Морони, основачот на „Елетрика вејв“, транзицијата се одвива со бавно темпо, особено во споредба со другите земји, како Холандија, каде што еколошката култура е поразвиена, исто така поради стимулативните и даночните политики. Тој верува дека Европската Унија (ЕУ) треба да наметне ограничувања на емисиите на загадувачите, истовремено нудејќи стимулации за пренамена и купување нови еколошки пловни објекти.
повисок Данок за оние кои испуштаат повеќе стакленички гасови
Преку туризмот и користењето превозни средства, само супербогатите елити би можеле да го исцрпат огромното мнозинство од глобалниот буџет за јаглерод, кој експертите проценуваат дека е потребен за да се ограничи глобалното затоплување. Експертот за одржлив туризам Гослинг рече дека бројот на милионери ќе се зголеми од 51,8 милион во 2020 година на 318,2 милиони поединци до 2050 година. Се очекува оваа група да испушта повеќе од 14 гигатони (14.000.000.000 тони) јаглерод диоксид годишно до средината на векот.
Дополнително, богатите луѓе можат да влијаат на јавните дебати, продолжувајќи со инвестиции со висока заработка, кои всушност имаат висока јаглеродна емисија, бранејќи го својот животен стил. Тој истакна дека може да има позитивен бран на јавна поддршка доколку политичарите одлучат да им наметнат даноци на богатите за загадувањето на животната средина. Новите мерки би ја зголемиле посветеноста на остатокот од населението, кое потоа ќе има поттик да го направи својот удел. Во момент на висока инфлација, дополнителните даноци на целото население веројатно би влијаеле на политичката стабилност, што дополнително ќе ја зацементира важноста на оданочувањето на супербогатите.
Неколку експерти предложија шема со која се оданочуваат поединците според нивните јаглеродни емисии, која ги исплаќа приходите на сите поединци во дефинирана област. Британската експертска група „Аутономи“ во својата нова студија наведе дека „тоа е споредливо со форма на основен приход, финансиран од даноците на јаглеродот. Европа, некои американски сојузни држави и Кина веќе воведоа таканаречени шеми за ограничување и трговија на јаглеродни емисии, издавајќи фиксен број дозволи за загадување на компаниите, кои потоа можат да ги понудат за откуп како дел од нивните производствени модели. Овие шеми обично покриваат само некои индустрии што имаат повисока јаглеродна емисија. Цените на дозволите за јаглерод на ЕУ се зголемија во последните десет години, од околу шест евра на над 70 евра за метрички тон јаглерод диоксид, и покрај неодамнешниот пад поради тековните геополитички и економски превирања.
Сепак, климатскиот економист Гернот Вагнер од Бизнис-школата на универзитетот „Колумбија“ вели дека додавањето експлицитни даноци за јаглерод во време кога цените на фосилната енергија се „на речиси историски нивоа се чини дека е претерување“. Зборувајќи за тоа како да се намалат емисиите од воздухопловството, тој се залага за повеќе насочени интервенции, како што се давачките за јаглерод диоксид за оние што често летаат.