Брисел работи со технолошките компании, индустриските здруженија и групите за детска заштита за тоа како да се дизајнираат платформи на начин што ќе ги штити малолетниците - Фото: ЕПА

Подготовки за новиот европски закон за дигитални услуги

Истражувањата покажуваат дека адолесцентите како никогаш досега се борат со проблеми со психичкото здравје, но дали технологијата е главниот виновник за тоа прашуваат Карло Мартушели и Клотилд Гужар за „Политико“

Државите во светот почнаа да преземаат први чекори за да ја зауздат прекумерната и потенцијално штетна употреба на големите платформи за социјални медиуми како Фејсбук, Инстаграм и Тик ток. Кина сака да го ограничи времето поминато пред екраните на 40 минути за деца на возраст под осум години, додека американската сојузна држава Јута воведе дигитален полициски час за малолетници и согласност од родителите за користење на социјалните мрежи. Франција се фокусираше на производителите, барајќи од нив да инсталираат систем за родителска контрола што може да се активира кога нивниот уред е вклучен.

Но и Европската Унија (ЕУ) има свои сеопфатни планови. Европскиот блок презеде храбри чекори со својот Закон за дигитални услуги (ДСА), кој ќе ги принуди најголемите онлајн платформи како Тик ток, Фејсбук и Јутјуб да ги отворат своите системи за контрола од страна на Европската комисија и да докажат дека прават сè за да се погрижат дека нивните производи не им наштетуваат на децата. Казната за непочитување се очекува да достигне до шест отсто од глобалниот годишен приход на компаниите.

Екраните како причина за нарушено психичко здравје

Точната врска помеѓу користењето на социјалните мрежи и психичкото здравје на тинејџерите сè уште се дебатира. Дигиталните гиганти заработуваат од привлекување и задржување на вниманието на корисниците што е можно подолго. Бескрајното прегледување во комбинација со периодични, но непредвидливи, повратни информации преку притискање на копчето за допаѓање или известувања, ја намалува мозочната стимулација. Загриженоста е што за ранливите млади луѓе тоа предизвикува многу реални и негативни последици, како анксиозност, депресија, проблеми со претставата за физичкиот изглед и слаба концентрација.

Истражувањата за психичкото здравје во САД, каде што податоците се најзастапени, открија забележливо зголемување во последните 15 години на адолесцентната меланхолија, тенденција што продолжи и низ пандемијата. Во неа спаѓаат самоубиствени мисли, депресија, но исто така и посекојдневни тешкотии со спиењето. Овој тренд е најизразен кај тинејџерките. Во исто време, употребата на паметни телефони експлодираше, при што сè повеќе деца почнуваат да ги користат уште од рана возраст. Употребата на социјалните мрежи, мерена како број пати на пристап до одредена платформа дневно, исто така е многу зголемена.

Трендот е највидлив во англофонскиот свет, иако е исто така забележлив и на други места во Европа. Истражувачите од сите страни на дебатата се согласуваат дека технологијата влијае во него, но и дека не го објаснува целосно трендот. Лука Брагиери, асистент професор по економија на универзитетот „Бокони“ во Италија, првично мислел дека загриженоста за Фејсбук била претерана, но се премислил откако почнал да ја истражува оваа тема. Брагиери и неговите колеги ги анализирале истражувањата за психичкото здравје на факултетите во САД од 2004 до 2006 година, периодот кога Фејсбук за првпат беше пуштен во употреба на американските универзитети, а пред да биде достапен за пошироката јавност. Тој откри дека на факултетите каде што бил воведен Фејсбук, психичкото здравје на студентите било нарушено на начин што не бил забележан на универзитетите каде што сè уште не се користел.

Родителска контрола

Соочени со зголемен притисок во изминатите години, платформите како Инстаграм, Јутјуб и Тик ток воведоа различни алатки за намалување на загриженоста, вклучувајќи и родителска контрола. Од 2021 година, Јутјуб и Инстаграм ги потсетуваат тинејџерите дека треба да направат пауза од користење на нивните платформи. Тик ток во март објави дека малолетниците треба да внесат лозинка по еден час користење на апликацијата за да продолжат да гледаат видеоснимки.

Но компаниите за социјални медиуми ќе мора да направат чекор напред. До крајот на август, многу од големите дигитални платформи со над 45 милиони корисници во ЕУ, вклучувајќи ги и компаниите како „Инстаграм“, „Снепчет“, „Тик ток“, „Пинтерест“ и „Јутјуб“, мораа да се усогласат со најдолгата листа на правила. Потоа на Европската комисија, која е спроведувач на Законот за дигитални услуги, ќе ја предадат нивната прва годишна процена за влијанието на дизајнот, алгоритмите, рекламирањето и условите за услуги на низа општествени прашања на социјалните медиуми, како што се заштитата на малолетниците и психичката благосостојба. Тие потоа ќе треба да предложат и да спроведат конкретни мерки под лупа на ревизорска компанија, комисијата и докажани истражувачи.

На социјалните медиуми, исто така, ќе им биде забрането да ја следат онлајн активноста на децата за да им прикажуваат персонализирани реклами. Манипулативните дизајни, кои се магнет за корисниците на платформите на социјалните медиуми, се поврзани со однесувањето што предизвикува зависност и нема да им биде дозволено на технолошките компании.

Брисел, исто така, работи со технолошките компании, индустриските здруженија и групите за детска заштита за тоа како да се дизајнираат платформи на начин што ќе ги штити малолетниците. Кодексот на однесување за дизајн соодветен за возраста планиран за 2024 година ќе обезбеди експлицитна листа на мерки што Европската комисија ќе сака големите компании за социјални медиуми да ги спроведуваат за да се усогласат со новиот закон.

Сепак, новиот закон за содржини на ЕУ нема да биде магичното стапче што родителите би можеле да го бараат. Правилникот за содржина не се однесува на популарната забава како што се онлајн игрите, апликациите за пораки или самите дигитални уреди. Останува нејасно како Европската комисија потенцијално ќе ги испита и ќе ги следи компаниите за социјални медиуми ако сметаат дека не успеале да ги ограничат негативните последици на нивните платформи за психичката благосостојба. Надворешните ревизори и истражувачи, исто така, би можеле да се соочат со пречки во анализата на обемните податоци и алгоритми за да најдат докази и да ги оспорат тврдењата на технолошките компании.

Колку компаниите се подготвени да се спротивстават на нивниот деловен модел во служба на психичкото здравје на нивните корисници е исто така отворено прашање, смета Џон Алберт, експерт за политики во технолошката група за застапување „Алгоритам воч“. Технолошките гиганти вложија сериозни напори во борбата против најеклатантните злоупотреби, како што се сајбер-малтретирањето или нарушувањата во исхраната, рече Алберт.