Во 2022 година Европската Унија извезла 1,4 милион тони користена облека и текстил, што е над двојно повеќе отколку во 2000 година, според податоците на Обединетите нации (ОН). Пред десет дена Франција предложи ЕУ да го забрани извозот на користена облека, со образложение дека може да ја загади природната средина во земјите увозници во ситуации кога таквата облека не може да се препродава на пазарот и завршува на депониите, пишува „Хина“, а пренесува порталот „Индекс“.
Како што е наведено, на француската иницијатива се приклучија и Данска и Шведска, барајќи од ЕУ да ја примени Базелската конвенција (за контрола на прекуграничното движење на опасен отпад и негово отстранување) и да го забрани извозот на опасен текстилен отпад. Тие сметаат дека извозниците треба да побараат согласност од земјата увозник пред да го транспортираат текстилниот отпад.
– Извозот на текстилен отпад од ЕУ во земјите во развој предизвикува големи еколошки, социјални и здравствени проблеми. ЕУ мора да ѝ застане на патот на таа практика – изјави неодамна заменикот на постојаниот претставник на Данска во ЕУ, Сорен Јакобсен.
Целта на вклучувањето на половната облека во Базелската конвенција би била да се намали или дури и да се запре извозот на таквата облека од ЕУ и да се поттикне системот за рециклирање текстил во ЕУ, според Франција.
– Во исто време, кениските трговци предупредуваат на штетните последици од тој потег, бидејќи увозот на половна облека ја зачувува егзистенцијата на многу граѓани и носи даночни приходи во буџетот на земјата – изјави Тересија Ваириму Њенга, претседателка на кениското здружение MCAK, која ги застапува интересите на околу два милиона трговци за половна облека, во изјава за „Ројтерс“.
Таа ги отфрли тврдењата дека се увезува многу неупотреблива облека, која завршува на депониите.
– Никој не нѐ тера да купуваме ѓубре, ние купуваме квалитетна облека, а доколку доставувачот се обиде да нѐ измами, категорично ќе ја одбиеме неговата пратка – изјави Њенга.
Се наведува дека Кенија увезла 177.386 тони користена облека во 2022 година, што е за 76 отсто повеќе од 2013 година, според податоците на ОН. Групата големи африкански увозници на половна облека ги вклучува и Гана, Сенегал и Јужна Африка.