Првиот чекор на градските власти за издигнување на еколошката свест кај граѓаните е одлуката за продавање на службените возила

ЖИВОТОТ ВО ЗЕЛЕНАТА ПРЕСТОЛНИНА НА ЕВРОПА ЗА 2022 ГОДИНА

Вгнезден во Алпите, опкружен со белите врвови на југот на Франција, се наоѓа Гренобл, кој ја добил титулата зелена престолнина на Европа. Луѓето во овој град живеат необичен живот, кој е приспособен на зачувување на животната средина. Во ова место живеат повеќе од 150.000 луѓе, вообичаено е политичарите на работа да одат со велосипед, електричната енергија да се добива од соларни панели, а некои од граѓаните ја користат дождовницата за туширање!
– Постојат многу начини да придонесеме за зачувување на животната средина. Купив велосипед и така одам на училиште. Автомобил не користиме често, како порано. Сега се возиме со трамвај – вели шеснаесетгодишниот Билар Луаги.
Момчето со неговото семејство живее во една од двете згради што се конципирани како автономни градби за граѓаните. Зградите АБЦ се дел од петгодишниот експериментален проект што треба да покаже дали животот во нив може да биде самоодржлив.
– Нашата зграда функционира со помош на соларни панели и со рециклирање на дождовницата. За туширање не мора да користиме вода за пиење. Сета енергија што ја користиме доаѓа од соларни панели. Не користиме гас, сите апарати се електрични. Имаме мала градина во која одгледуваме овошки и зеленчук – вели Билар.
Во овие згради годишното количество на произведена енергија е поголемо од годишната потрошувачка на станарите. А исто така, потрошувачката на вода е сведена на минимум.

– Не користиме кади, туку туш-кабини, така трошиме помалку вода. Имаме светилки што ни покажуваат колку вода користиме. Ни беше необично на почетокот. Претходно многу време поминував во туширање. Сега знам дека е ова добро за целата планета – објаснува тој за „Евроњуз“.
Градоначалникот на Гренобл, Ерик Пиол, се гордее што неговиот град ја добил титулата зелена престолнина на Европа за 2022 година. За да се постигне тоа, им претстоела долгогодишна работа на градските власти, но и на граѓаните.
– Прво треба да се ангажираат научници и да се формира стручен тим. Потоа да се издигне свеста за значењето на борбата против климатските промени. Многу постигнавме, но има уште многу да се направи за да стигнеме каде што сакаме – вели градоначалникот.
Првиот чекор на градските власти за издигнување на еколошката свест кај граѓаните е одлуката за продавање на службените возила и на работа одат со велосипед. Градот има 400 километри велосипедски патеки, а оваа мрежа се проширува. Зградите АБЦ се само еден дел од 70-те еколошки проекти во европската зелена престолнина. Производството на електрична енергија до крајот на годинава ќе биде декарбонизирано, а целта е до 2040 година емитувањето на јаглеродниот диоксид целосно да се елиминира.