Турција дели заеднички вредности со БРИКС и заслужува да биде шеста водечка држава во организацијата поради нејзиниот хармоничен карактер меѓу Западот и Истокот и нејзината историска позиција, истакнува Неџати Демирџан за „Модерн дипломаси“
Чекор напред во поправеден поредок под водство на Истокот
Сите погледи низ светот се насочени кон самитот на лидерите на БРИКС во Јоханесбург, Јужна Африка, кој ќе се одржува од 22 до 24 август, на кој ќе се сретнат новите пионери на растечкиот, продуктивен и мултиполарен поредок во светот.
Споредувајќи ги придонесите на Г7 и на БРИКС во светската економија, уделот на БРИКС постепено се зголемува. Според податоците на ММФ за 2020 година, учеството на БРИКС во светскиот БДП е 34 отсто, додека учеството на земјите од Г7 е 29 отсто. Многу светски организации предвидуваат дека овој тренд ќе продолжи со истата динамика и во иднина. Според прогнозите за 2028 година, учеството на БРИКС во светскиот БДП се очекува да порасне на 35 отсто, додека учеството на Г7 се очекува да падне на 27,8 отсто. Исто така, треба да се забележи дека земјите од БРИКС сочинуваат 40 отсто од светското население (3,2 милијарди луѓе), додека Г7 (777 милиони луѓе) е четвртина од тоа. Во овој поглед, БРИКС претставува поголема економија и поширока публика во светот од Г7.
На состанокот на министрите за надворешни работи на БРИКС во јуни, тие ја истакнаа потребата за ребаланс на светот преку воспоставување мултиполарен поредок настрана од Западот. Дедоларизацијата на трговијата, трговијата со локални валути и изградбата на мултиполарен свет ќе бидат клучните теми на самитот во Јоханесбург. Во исто време, самитот на БРИКС се одржува во време кога во подем е логиката од Студената војна. Тоа се случува во време кога САД и НАТО се обидуваат да ги зголемат санкциите против Русија и Кина и да ги ескалираат тензиите во Индопацификот. Оваа состојба го поттикнува самитот да донесе повеќе вонредни одлуки.
Нови институции и валута во новиот светски поредок
Зголемените каматни стапки на Западот и неодамнешната должничка криза во САД ја зголемија загриженоста на другите земји за нивните долгови деноминирани во долари и падот на доларот доколку водечката светска економија доживее колапс. Оваа транзиција е забрзана со санкциите кон Русија поради Украина. На самитот на Шангајската организација за соработка, лидерите, исто така, ја изразија својата желба да ја укинат хегемонијата на доларот. Самитот на БРИКС во август може да го означи крајот на 80-годишното владеење на американскиот долар, кое започна со Бретонвудскиот систем.
Трговијата со локални валути веќе е во тек во рамките на БРИКС. На пример, 80 отсто од трговијата меѓу Кина и Русија веќе се спроведува во рубли и во јуани. Во руската трговија со Индија, рупијата и рубљата се користат за купување енергија. Накратко, силите што сочинуваат 40 отсто од светот и 34 отсто од светската економија моментално тргуваат меѓу себе без долари или го зголемуваат својот удел во трговијата со локални валути.
На самитот на БРИКС во Јоханесбург, блокот се подготвува да воведе нова валута поддржана со злато, за разлика од американскиот долар поддржан со кредит. Секоја растечка сила во светот гради светски поредок со свои институции и своја валута. Подемот на БРИКС, исто така, ќе донесе нови институции до израз во новиот светски поредок. Потребната структура за ова веќе постои во БРИКС. Механизмот за меѓубанкарска соработка беше воведен во 2010 година за да се олеснат прекуграничните плаќања во локални валути помеѓу банките на БРИКС. Земјите-членки на организацијата го развиваат сопствениот платен систем за трансакции без да мора да ја претвораат својата локална валута во долари. Се зборува и за криптовалута на БРИКС и стратегиско усогласување на развојот на дигиталните валути на Централната банка за промовирање на интероперабилноста на валутите и економската интеграција. Многу земји се желни да се приклучат кон БРИКС. Всушност, организацијата ќе се прошири со Уругвај, Египет и Саудиска Арабија, кои ќе станат дел од Новата развојна банка како нови членки. Околу 19 земји, почнувајќи од Аргентина до Мексико, Нигерија, Иран и Казахстан, се кандидатки за членки на БРИКС.
Дали буквата „Т“ ќе се додаде во БРИКС?
Турција е важна земја во глобалниот развој со оглед на нејзиното младо динамично население и економија. Таа, исто така, има историски лидерски улоги што датираат од Османлиската Империја. Турција игра значајна улога во водењето и настојувањето да ги развие односите со угнетените и земјите во развој на Балканот, Африка, Централна Азија и многу други делови од светот. Влијанието на турската надворешна политика се одрази дури и на инаугурацијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. На церемонијата присуствуваа државните лидери од Венецуела до африканските земји, од земјите од Балканот до Централна Азија. Имајќи ги предвид глобалните интереси на Турција, прашањето за тоа дали е време да се додаде буквата „Т“ на БРИКС е од критично значење. Бидејќи светот е во фаза на глобална трансформација, учеството на Турција во БРИКС ќе ѝ даде значителна предност на организацијата.
Како што растат влијанието и улогата на БРИКС во глобалниот поредок, би било многу мудро Турција да учествува во него. Не случајно францускиот претседател Емануел Макрон сака да присуствува на самитот на БРИКС. Тоа е одраз на желбата на Франција да бара место за себе во новиот светски поредок. Освен тоа, Франција е во судир со нејзините интереси во Европа и во Азија во рамките на НАТО и во западниот табор. Не само Франција туку и цела Европа страда поради интересите на САД. Затоа, прашање е колку оваа состојба е одржлива за Европа. Покрај тоа, Турција има тенденција да ја зголеми трговијата со локални валути, па дури и се смета за една од водечките земји во овој поглед. Според извештајот на ММФ во 2022 година, 33 отсто од националните резерви на Турција се нетрадиционални резерви. Покрај тоа, уделот на јуанот и рубљата во трговијата на Турција со Русија и со Кина постојано се зголемува.
Пет причини зошто Турција треба да стане дел од БРИКС?
Турција има пет заеднички точки со БРИКС. Првата од нив е дека БРИКС е асоцијација на земјите во развој. Како таква, треба да ги развие својата индустрија и економија. Второ, БРИКС се залага за мултиполарен и праведен свет. Турскиот претседател Ердоган отсекогаш ја нагласувал потребата од воспоставување поправеден светски поредок велејќи дека „светот е поголем од пет држави“. Третата е унијата на земјите производители. Тековната економска криза во Турција се должи на нејзиниот недостиг од производство и треба да работи на негово унапредување. Четвртата точка е дека сите земји од БРИКС имаат историја на колонизација или полуколонизација. Со други зборови, БРИКС е унија на угнетените земји. Турција никогаш не била империјалистичка држава од Османлиската Империја, туку угнетена држава што била подложена на експлоатација. Петто, населението и економиите на земјите од БРИКС се динамични и имаат тенденција на раст. Турција има младо и динамично население, а нејзината економија има тенденција да расте во иднина.
Ататурк бил многу далековид и револуционерен водач. Тој предвидуваше дека еден ден, нациите угнетувани од Западот ќе воспостават праведен поредок што ќе се издигне под водство на Истокот. Турција дели заеднички вредности со БРИКС и заслужува да биде шеста водечка држава во организацијата поради нејзиниот хармоничен карактер меѓу Западот и Истокот и нејзината историска позиција.