Добри вести за поголемите европски економии
Европската комисија ќе ги замрзне должничките правила до следната година кога фискалната рамка на Европската Унија (ЕУ) треба да стапи во сила, според нацрт-упатството до кое дојде „Политико“. Упатството, ако остане непроменето, ќе претставува големо олеснување за Франција, Италија и Шпанија, кои се меѓу десетината земји од блокот, кои ќе излезат од пандемијата со уште поголемо задолжување. Брисел ги стави во мирување правилата во март 2020 година, за министерствата за финансии да можат да спречат економски последици од пандемијата без страв од казна, со идејата за повторно воведување на рамката почнувајќи од јануари 2023 година.
Комисијата порача дека извршното тело на ЕУ ќе биде попустливо под услов владите да ги стават под контрола своите финансии и да почнат да си ги откупуваат долговите. Оттаму планираат да ги претстават своите нови насоки за фискалната политика во блокот на почетокот на март за да можат членките на Унијата да започнат со планирање на нивните буџети. Документот ги покажува тешкотиите за зајакнување на таканаречениот Пакт за стабилност и раст (ПМГ) во постпандемискиот свет. Земјите трошеа многу за да спречат масовна невработеност и банкроти во услови на строги национални рестрикции поради пандемијата, што ги зголеми нивоата на долг низ Европа. Пактот вообичаено би ги ограничил буџетските дефицити на три отсто од економското производство и би се обидел да го ограничи јавниот долг на 60 отсто. Земјите со нивоа на долг над тој праг ќе треба да ја намалат разликата по стапка од пет отсто годишно. Но одамна постојат планови за реформирање на правилата, а предлозите за нивна ревизија веќе требаше да се случат ова лето. Комисијата не гледа причина целосно да ги спроведе должничките правила за пактот кога тие наскоро би можеле да се променат.
Деликатниот чин на одржување на рамнотежата од страна на комисијата е усложнет од зголемените цени на енергентите и брзото ширење на омикрон. Двојниот удар дејствуваше како забавување на растот на блокот до тој степен што Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) неодамна ги намали своите предвидувања за растот на еврозоната оваа година за 0,4 процентни поени на 3,9 отсто. Паоло Џентилони, шефот за економија на комисијата, неодамна даде нови прогнози, па така, според него, континуираната несигурност служи како добра причина да се олесни должничкото правило на пактот пред да се промени.
Меѓу најпогодените држави се Белгија, Кипар, Франција, Грција, Италија, Шпанија и Португалија, чии долгови изнесуваат над 100 отсто од БДП. Спроведувањето на правилата какви што се, ќе доведе до почеток на нова ера на штедење, слично на политиките што беа воведени по финансиската криза од 2008 година што ја турнаа еврозоната во големи јавни долгови и беа потребни низа спасувачки пакети. Таквото повторување би се покажало катастрофално за обновата на Европа и ќе ја поткопа скапата битка на континентот против климатските промени. Овие постпандемиски реалности поттикнаа повици од главните градови, експертите и академиците да ги олабават правилата за да можат државните трезори да управуваат со својот долг додека инвестираат во зелени проекти за намалување на емисиите на стакленички гасови.
Сепак, комисијата ќе биде построга во спроведувањето на ограничувањето од три отсто на блокот на годишниот буџетски дефицит, освен ако државните државни органи не можат да покажат како планираат да ги зауздат своите трошоци.
Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска