Неодамна тестираната „единица“ на БРИКС е првиот работен прототип за валута за тргување поврзана со злато. Сепак, „единицата“ не се третира како класична валута, туку како „инструмент за порамнување“ или „алатка за дигитално порамнување“ за трговија меѓу земјите членки, а не за замена за националната валута на земјите членки
- Проектот сè уште не е официјално усвоен од блокот БРИКС или неговите централни банки, но експериментот беше инициран од избрани земји членки што бараа алтернативи на моменталната финансиска архитектура доминирана од доларот. Секако, овој експеримент, доколку се реализира, би ги ставил доларот и златото во интересен однос
Групата на земји БРИКС лансираше работен прототип на валута за тргување поддржана од злато наречена „единица“, бидејќи водечките пазари во развој во светот се стремат да го укинат доларот во меѓусебната трговија, објави Институтот за економски стратегии (ИРИАС) при Руската академија на науките кон крајот на минатата недела.
„Единицата“ е дигитален инструмент за тргување поддржан од резервна кошничка составена од 40 отсто физичко злато и 60 отсто национални валути на БРИКС, еднакво пондерирани помеѓу бразилскиот реал, кинескиот јуан, индиската рупија, руската рубља и јужноафриканскиот ранд. Пилот-проектот го почна ИРИАС, кој издаде 100 единици на 31 октомври, секоја првично поврзана со еден грам злато, објави „Бнеинтелињуз“.
Потрага по забрзана „дедоларизација“
Глобалниот Југ долго време се противеше на доминацијата на доларот во глобалната трговија, што им дава на САД голема геополитичка моќ, но тоа незадоволство беше особено изразено бидејќи централните банки низ светот внимателно го следеа воведувањето санкции врз Русија поради системот СВИФТ само неколку дена по избувнувањето на војната во Украина во февруари 2022 година. Исклучувањето на банките на една земја од системот СВИФТ за вршење трансакции ја загрозува можноста на секоја земја во светот слободно да тргува.
Од таа пресвртница, тие многу побрзо бараат алтернативи. Многу земји оттогаш се префрлија на порамнување на нивната трговија во национални валути. Русија и Кина сега речиси целата своја трговија ја порамнуваат во јуани и рубли. Индија и Кина исто така во голема мера се префрлија на национални валути во нивната трговија едни со други. Речиси целата трговија во Евроазиската економска унија (ЕЕУ, составена од пет постсоветски земји и доминирана од Русија) сега се спроведува со користење на сопствената валута на секоја членка.
Сепак, додека трговскиот биланс меѓу Кина и Русија е релативно избалансиран, што го олеснува користењето на националните валути, Индија има трговски дефицит од 60 милијарди долари со Русија благодарение на трговијата со нафта, што го отежнува тргувањето на рамноправна основа во националните валути. Земјите од БРИКС бараа решение во криптовалутите и минатата година на самитот во Казан го претставија „брикс пеј“ (BRICS Pay).
„Брикс пеј“ не е вистинска криптовалута, туку е базирана на дигитални верзии на дигитална рубља, рупии, јуани итн., каде што секоја влада воспоставува виртуелна верзија на своите национални валути. Русија и други веќе ја изнесоа идејата за механизам поддржан од злато, особено за билатерална трговија. Русија спроведе тестови за дигиталната рубља претходно оваа година, тестирајќи ја во домашниот банкарски систем.
Неодамна тестираната „единица“ на БРИКС е првиот работен прототип за валута за тргување поврзана со злато. Сепак, „единицата“ не се третира како класична валута, туку како „инструмент за порамнување“ или „алатка за дигитално порамнување“ за трговија меѓу земјите членки, а не за замена за националната валута на земјите членки.
Низа отворени прашања на патот до реализација
Иако сè уште не е целосно развиена валута, нејзиното постоење се претставува како директен чекор кон дедоларизација и значаен позитивен сигнал за долгорочната побарувачка за злато. Вредноста на „единицата“ е дизајнирана да флуктуира дневно во согласност со движењата на уделот на валутите во однос на златото.
Имплементацијата се соочува со значителни пречки: разлики во монетарната политика на земјите членки, инфлација, регулаторни средини, техничка инфраструктура. Затоа многу експерти (и некои руски економисти како Ирина Бусигина и Александар Кољандар од ЦЕПА) веруваат дека ако „златната валута на БРИКС“ (како замена за доларот/еврото) некогаш оживее, тоа ќе биде далеку во иднина, објавува „ИОЛ њуз“. „Единицата“ треба да биде целосно транспарентна, поддржана од сите земји во рамките на БРИКС, за да има докажана основа во резервите на злато и да биде еднакво регулирана во сите држави на БРИКС.
Сè уште нема статус на резервна или општо прифатена валута, туку е повеќе технички експеримент, кој само ако се развие, би можел да стане инструмент за специфични меѓународни плаќања/порамнувања.
Инструмент за „порамнување“ претставува инструмент со кој две земји или две компании од различни земји „порамнуваат“ (средуваат) долгови и побарувања меѓу себе за време на трговијата. Тој овозможува вредноста на разменетите стоки и услуги да се порамнува без потреба едната страна да купува странска валута. Далеку најшироко користениот инструмент за порамнување во светот е американскиот долар. Сепак, за разлика од планираната „единица“, доларот може да се користи и како валута за секојдневна употреба (двојна улога).
Иако во моментов е ограничена на фаза на пилот-тестирање, „единицата“ е внимателно следена од креаторите на политиките и централните банки, особено на Глобалниот Југ. Неколку земји во Африка исто така внимателно ги следат случувањата. Иницијативата има цел да го олесни трговското порамнување без употреба на доларот, а во исто време да им овозможи на земјите да одржуваат резерви на злато во рамките на своите граници. Речиси сите пазари во развој брзо купуваат злато последниве години, а „единицата“ би го олеснила тргувањето со злато и би ја зголемила ликвидноста на пазарот на злато.
Проектот сè уште не е официјално усвоен од блокот БРИКС или неговите централни банки, но експериментот беше инициран од избрани земји членки што бараа алтернативи на моменталната финансиска архитектура доминирана од доларот. Секако, овој експеримент, доколку се реализира, би ги ставил доларот и златото во интересен однос.

































