Европската комисија треба да започне стратегиски разговори со синдикатите на земјоделците, земјоделските бизниси и со експертите во обид да го изгаси пожарот. Но, како што тензиите продолжуваат да растат, земјоделството се поставува да биде главно прашање низ ЕУ пред изборите за Европскиот парламент во јуни
ЕУ се соочува со зголемен гнев на земјоделците
Блокирани патишта, ѓубриво и земјоделски отпад фрлени пред јавните претпријатија и расфрлано сено низ ресторани за брза исхрана. Тоа е сликата од Франција, каде што се одржуваат протести на француските земјоделци, кои се незадоволни од новите владини политики. „Бунтот“ на земјоделците почна минатата година, кога тие почнаа да ги одвртуваат сообраќајните знаци и да ги вртат наопаку, како симболичен знак дека „нивниот свет е превртен наопаку“. Најголемиот синдикат на фармери во Франција, ФНСЕА, вели дека „протестите ќе продолжат сѐ додека е потребно“. Меѓутоа, не е само Франција зафатена од земјоделските протести. Во Германија и во другите земји од ЕУ исто така има протести. Европските земјоделци веќе се соочени со економски загуби од климатската криза, додека фармерите во ЕУ зборуваат против зелените политики, за кои велат дека се контрадикторни, нефер и ги оставаат загрижени за иднината.
Зошто се лути француските фармери?
Гневот на француските фармери произлегува од сложената мрежа на различни политики и кратења на финансиите за земјоделското производство. Дизелот за земјоделците требаше да поскапи бидејќи беа намалени субвенциите. Земјоделците се соочуваа со дополнителни трошоци од 47 милиони евра за една година, што ќе бидат собрани како такси за потрошувачка на вода. Тие се незадоволни и од комплицираните регулативи за земјоделскиот сектор. Тие исто така се спротивставуваат на забраните за користење пестициди и хербициди поттикнати од зелениот договор на ЕУ, кој би можел да доведе до поголем увоз на бразилско и аргентинско говедско месо. Фармерите тврдат дека натпреварувањето со овие земји е исклучително тешко бидејќи тие не се обврзани со строги правила за благосостојба на животните.
Дополнителна фрустрација доаѓа со аплицирањето за субвенциите од 9 милијарди евра на годишно ниво што Франција ги добива од ЕУ. Земјоделците велат дека се троши најмалку еден ден во неделата на пополнување на документите за да можат да ги користат субвенциите.
Големиот број контрадикторни политики ја ставаат земјоделската индустрија меѓу две спротивставени цели: да го намали влијанието на земјоделството врз животната средина, а истовремено да го зголеми производството на храна! Повеќето фарми се соочуваат со својата неизвесна иднина поради намалувањето на бројот на луѓе што работат на производство на храна потребна за исхрана на жителите на Франција.
Некои од нивните повици беа упатени во декември, кога владата се откажа од плановите за зголемување на таксите за лиценци за пумпање подземни води и ослободување од забраната на користење пестициди. Зголемувањето на цената на дизелот со укинувањето на субвенциите исто така беше суспендирано.
По состанокот меѓу ФНСЕА, новиот премиер Габриел Атал и министерот за земјоделство Марк Фесно, шефот на синдикатот Арно Русо изјави за француските медиуми дека „нема да има укинување на протестите сè додека нема конкретни одлуки“.
Од француската влада изјавија дека „го слушнале нивниот повик“ и најавија измени на земјоделската политика.
Гневот се шири низ Европа
Протестите на француските фармери се прелеаја од соседните Холандија и Германија. Постои заедничка загриженост за нефер и непредвидливи владини одлуки за земјоделството.
Минатата година, холандските фармери блокираа патишта, фрлаа ѓубриво на улиците и протестираа пред домовите на политичарите поради регулативите за намалување на емисиите на азот. Холандија е еден од најголемите светски извозници на земјоделски производи и нејзината индустријата е одговорна за околу половина од вкупните емисии на азот во оваа земја. Во 2019 година, највисокиот административен суд на Холандија пресуди дека системот за дозволи за азот не успеал да ги спречи овие емисии да им наштетат на специјално заштитените природни резервати познати како мрежата „Натура 2000“.
Владата набрзо најави дека треба да преземе „драстични мерки“ за да се подобри ситуацијата, а меѓу нив се предлагаат и откупување и затворање сточарски фарми. Ненадејната најава за намалувања ги остави земјоделците да се чувствуваат како да не се третирани праведно. Тие веќе значително ги намалија емисиите на азот во последните 30 години, а финансирањето за руралните области беше намалено во корист на урбаните инвестиции.
Протестите доведоа до основање на десничарската политичка партија Граѓанско движење на земјоделците (БББ), која им вети на земјоделците поголемо учество во земјоделската политика. Во 2023 година, БББ победи на покраинските избори и, по изборите за Сенатот, заврши како партија со најголем број места во холандскиот Сенат.
Гневот на земјоделците расте и во Германија поради плановите за постепено укинување на субвенциите за гориво во вредност до 3.000 евра годишно. Од декември, земјоделците излегоа на улиците, а деновиве во Берлин им се придружија и еколошки активисти. Тие велат дека го поддржуваат зеленото генетски немодифицирано земјоделство, но тоа треба да дојде со субвенции или барем правични цени за храната што ја произведуваат.
Дали земјоделството може да биде главен европски изборен проблем?
Вознемиреноста кај фармерите се зголеми и на истокот на ЕУ, со протестите во Полска, Романија, Словачка, Унгарија и Бугарија, каде што земјоделците се пожалија на нелојална конкуренција од намалените цени на житарките од Украина. Во Романија и во Бугарија граничните премини беа блокирани од трактори и камиони. Полска имаше оставка на нејзиниот министер за земјоделство минатиот април, иако новите субвенции сега донекаде ја смирија ситуацијата.
Сепак, за многумина сè уште постои загриженост поради превисоките даноци и сè построгите регулативи. Додека земјоделците се под влијанието на сушите, поплавите и шумските пожари, тие тврдат дека зелените политики само дополнително ги притискаат.
Протестите би можеле да се шират уште подалеку во следните недели во Шпанија и во Италија, кои сега се подготвени да му се приклучат на движењето. Европската комисија треба да започне стратегиски разговори со синдикатите на земјоделците, земјоделските бизниси и со експертите во обид да го изгаси пожарот. Но, како што тензиите продолжуваат да растат, земјоделството се поставува да биде главно прашање низ ЕУ пред изборите за Европскиот парламент во јуни.