Макронизмот беше лабаво дефиниран како прогресивен, проевропски и проделовен, едвај политичка визија, повеќе избор и мешање позиции. Слабите резултати на француските парламентарни избори го спуштија на земја францускиот претседател Емануел Макрон, истакнува Клеа Колкат за „Политико“
Визијата на францускиот претседател во судир со реалните случувања во светот
Потресен од поразот на парламентарните избори, златното момче на Франција, претседателот Емануел Макрон за прв пат по подолго време остана без зборови, иако самиот се гордееше што може да најде одговор на секое прашање. Но, ехото од неговата загуба одекна во целиот политички систем. Иако неговата коалиција обезбеди 245 места и стана најголемата пратеничка група во Националното собрание, Макрон сепак го загуби владејачкото мнозинство, што е ретка појава во историјата на Петтата француска република. Тој, исто така, се соочува со две сили во опозиција: екстремно левиот сојуз НУПЕС со 131 место и крајната десница со 89 места. Се чини дека францускиот парламент ќе биде парализиран во следните пет години, при што центристичките пратеници на Макрон веројатно ќе бидат изложени на силен вербален оган од двете страни на политичкиот спектар.
Падот беше тежок и ненадеен за Макрон, кој теоретизираше „јупитерски“ пристап со француското претседателство, владеејќи не преку политичко тргување и притисок, туку преку симболични гестови кои ги поставуваат условите на дебатата. Како прв актуелен претседател кој беше реизбран по Жак Ширак во 2002 година, се очекуваше Макрон да има одврзани раце да прави што сака во неговиот втор и последен мандат. Наместо тоа, неговите амбиции за реформи пропаднаа. Пред одржувањето на француските парламентарни избори, некои се прашуваа како ќе изгледа неговиот вториот мандат, можеби тој ќе ги оставеше настрана грижите за реизбор и ќе се фокусираше на градење на наследство. Меѓутоа, се испостави дека вториот мандат на Макрон ќе биде дефиниран со крајот на макронизмот. Неговиот вертикален стил на водење на земјата (претседателот е врховен авторитет) наиде на отфрлање на гласачките места. Неговата партија загуби 103 места за пет години, а политичките екстреми експлодираа под неговите политики, при што екстремната десница забележа историски придобивки. Целосната скала на реперкусии по поразот на парламентарните избори допрва треба целосно да се открие, како за Макрон така и за земјата што тој е задолжен да ја води. Екстремно левичарскиот сојуз предводен од Жан-Лук Меланшон планира да поднесе гласање за недоверба, што владата многу веројатно би можела да го изгуби, а во парламентот се очекува да владее хаос.
Либерализирање на законите
Неуспесите не само што ги разоткрија слабостите на пристапот на Макрон кон политиката, туку го доведуваат во прашање и самиот нејзин опстанок. Извесно време формулата на макронизмот функционираше, која значеше ефикасност, понуди нов политички модел и ги отфрли застарените идеолошки поделби во обид да се завршат работите. Макрон забележа неколку достигнувања во неговиот прв мандат. Тој ги либерализира француските закони за вработување, ја спушти високата стапка на невработеност во земјата на најниско ниво во последните 14 години и се смета дека успешно се справи со пандемијата на ковид-19. Но, притоа, Макрон ги маргинализира француските политички напаѓачи, фаворизирајќи ја лојалноста пред политичката тежина, и се најде себеси неподготвен да се соочи со предизвиците што претстојат.
На Макрон сега му требаат нови сојузници. Но, неговиот вертикален пристап кон власта, најдобро илустриран со неговото управување со кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19 зад затворени врати, го остави изолиран и изложен. Но, тој проблем не е единствен за Макрон. Тој не е првиот претседател кој усвои вертикален пристап на владеење во Франција, каде што претседателите често се нарекуваат „републикански монарси“. Градењето коалиција и компромисот не се дел од ДНК што ги сочинуваше неодамнешните претседателски режими во Франција. Но, има нешто во врска со сегашниот потстанар на Елисејската палата што го прави впечатокот особено акутен. Тука се обвинувањата за ароганција, чувството на покровителство на оние кои се помалку среќни во животот, што му отежнува да се претвори во тимски играч или да ги убеди другите дека е подготвен да направи отстапки за да ја обедини земјата.
Францускиот претседател дојде на власт без да ја следи традиционалната игра, тој никогаш претходно не беше владин функционер и затоа ја нема целата инфраструктура што ја носи традиционалната партија на која треба да се врати за да ги спречи тешкотиите што претстојат. Силна партија не е само прашање на работна сила, туку е и за идеи и има идеологија зад која луѓето можат да се обединат кога ќе стане тешко. Макронизмот беше лабаво дефиниран како прогресивен, проевропски и проделовен, едвај политичка визија, повеќе избор и мешање позиции. Противниците на Макрон во Националното собрание од друга страна имаат огромна идеологија. Партијата на Марин Ле Пен најави враќање во националната држава, додека левичарскиот сојуз на Меланшон сака нов бренд на социјализам кој ќе донесе еднаквост и ќе понуди решение за климатските промени.
Редефинирање на амбициите
Податливоста на макронизмот, која често се дефинира како едноставно она што Макрон го сака, може да биде адут што тој може да го искористи да се извлече од својата постизборна криза. Ако Макрон е подготвен да ги редефинира своите амбиции, дали Франција на крајот може да стане повеќе како Германија и да ја научи уметноста на компромисот? Во скицирањето на неговата визија за „јупитерското претседателство“ во 2016 година, Макрон рече дека Франција не може да функционира како Германија затоа што ѝ недостига „уставниот патриотизам“ на таа земја.
Тоа не значи дека Макрон нема простор за маневрирање. Тој може да ги притисне конзервативците и да се закани дека ќе распише предвремени избори доколку не успеат да гласаат за закони што имаат поддршка од нивните гласачи, како што е пензиската реформа. Ако тоа не успее, тој може да се фокусира на надворешната политика, што му ја гарантира претседателската функција. Но, без кредибилитетот што доаѓа со популарноста и вистинската моќ дома, дури и тоа може да биде тежок напор. Нема сомнеж дека исходот од парламентарните избори го постави Макрон како ослабена фигура во сферата на Европската Унија, како лидер кому му недостига двопартиска поддршка што ја ужива Италијанецот Марио Драги или релативно стабилната коалиција што го поткрепува мандатот на германскиот канцелар Олаф Шолц. Меѓутоа, ова нема да биде првото родео на Макрон со ѕверови кои треба да ги скроти. Сè уште може да приреди изненадување. Но, прво Јупитер ќе мора да се навикне на својот нов живот меѓу смртниците.
Подготвиле: Митко Јовановски; Билјана Здравковска