Џо Бајден и Доналд Трамп не уживаат популарност меѓу народот, а анкетите покажуваат дека мнозинството од демократите сакаат нивната партија да номинира друг кандидат од актуелниот претседател. Ова може да биде шанса за новата генерација млади либерали
Во пресрет на американските претседателски избори во 2024 година
Актуелниот американски претседател Џо Бајден стана најстариот претседател во историјата на САД, а неговиот рејтинг „заглави“ на нешто повеќе од 40 отсто во анкетите. Дали тоа значи дека Бајден е зрел за да биде предизвикан на внатрепартиските номинации за претседателски кандидат во 2024 година? Доналд Трамп, кој беше поразен на претседателските избори пред две години, неодамна најави дека повторно ќе се кандидира за функцијата во Белата куќа. Но, двајцата политичари не се популарни меѓу народот, а анкетите покажуваат дека мнозинството од демократите сакаат нивната партија да номинира некој друг освен Бајден. Ова може да биде шанса за новата генерација млади либерали.
Камала Харис
Можеби никој нема да има повеќе корист од повлекувањето на Бајден од неговата заменичка Камала Харис. Како поранешна државна јавна обвинителка на Калифорнија и млада американска сенаторка, 58-годишната Харис ги скрши родовите табуа во 2020 година кога стана прва жена и прва црномуреста азиско-американска потпретседателка во историјата на САД. Минатата година, таа накратко ја извршуваше претседателската функција додека траеше 85-минутната медицинска интервенција на Бајден. Меѓутоа, Харис е уште понепопуларна од претседателот и некои гласачи ја доведуваат во прашање нејзината компетентност. Откако ја презеде функцијата, ѝ беа доделени некои од најтешките задачи на администрацијата, вклучувајќи го и приливот на доселеници на јужната граница на САД. Конзервативните критичари ја обвинија за незгодни јавни настапи. Високиот одлив на персонал и извештаите за низок морал во кабинетот на потпретседателката само ги влошија работите. Но, нејзините поддржувачи, вклучително и армијата обожаватели на интернет, инсистираат на тоа дека таа била неправедно омаловажена со мизогинистички клевети.
Гавин Њусом
Њусом (55) првпат го привлече националното внимание кога како градоначалник на Сан Франциско во 2004 година даде дозвола за склучување истополови бракови, кршејќи го државниот закон. Како вински претприемач по занимање, тој беше избран за гувернер на неговата матична држава во 2018 година и се етаблира како прогресивен бедем против конзервативната администрација на Трамп. Тој заработи пофалби за справувањето со пандемијата на почетокот, но откако беше фатен на камера како оди на вечера и ги прекршува сопствените правила за ковид-19, предизвика бран негодувања минатата година за негово отповикување како гувернер пред да му заврши мандатот. На крајот, победувајќи го отповикувањето предводено од републиканците, гувернерот сега влегува во втор мандат, откако победи на реизборот. Њусом силно се залага за јакнење за воениот буџет и дава поддршка од големите демократски донатори, но неодамна изјави дека сепак нема цел да го предизвика Бајден на внатрепартиските номинации за идните претседателски избори.
Пит Бутиџиџ
Од 28-те демократи кои Бајден ги победи на внатрепартиските номинации за претседателските избори во 2020 година, малкумина се истакнаа како Пит Бутиџиџ. И покрај тоа што беше непознат во националната политичка арена, 40-годишниот политичар ги надмина искусните колеги пред да се откаже од трката и да го поддржи актуелниот претседател. Гласачите ги привлече неговата биографија, младоста и одличните ораторски вештини. Како дипломец од Харвард кој се дообразувал на Оксфорд преку стипендијата „Роудс“ и служел во американската морнарица во Авганистан, Бутиџиџ јавно соопшти дека е хомосексуалец во 2015 година, додека беше градоначалник на Саут Бенд, мал индустриски град во Индијана, со околу 100.000 жители. Инаку, тој беше избран за секретар за транспорт на Бајден. Иако позицијата во кабинетот е типично ниска, Бутиџиџ го надгледуваше усвојувањето на големите инфраструктурни инвестиции, тој беше принуден да одговори на различни прекини во синџирот на снабдување и е еден од најчестите во актуелната администрација што дава изјави за медиумите.
Берни Сандерс
Ако годините на Бајден се проблем за гласачите, тогаш номинацијата на сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс (81) можеби за многумина нема смисла. Но, многу гласачи сè уште го гледаат долгогодишниот пратеник како водач на растечкото левичарско движење во САД. Сандерс, кој е независен кандидат што гласа за демократите, за малку ќе победеше во трката за демократска претседателска номинација во 2016 година против докажаната демократка Хилари Клинтон. Повторно завршувајќи на второто место во 2020 година зад Бајден, самонаречениот „демократски социјалист“ оттогаш работеше на влијанието врз административната политика, со умерен успех. Но, неговата порака дека демократите прават премалку за да ги убедат младите гласачи и работничката класа да гласаат за нив продолжува да одекнува, а поддржувачите на уште една трка во Белата куќа можеби се надеваат дека третиот пат можеби ќе го послужи среќата.
Други можни кандидати за номинација
Александрија Окасио-Кортез е најмладата жена што некогаш служела во Конгресот и ќе наполни 35 години еден месец пред изборите во 2024 година, што е минималната возраст за да биде претседателка на САД. Миленичката на прогресивната левица има големи идеи и многу поддржувачи, но таа беше резервирана во однос на прашањата за нејзината иднина во скорашно интервју за списанието „Џи-кју“, велејќи дека нејзината функција како пратеничка ѝ дала шанса од прва рака да ја почувствува мизогинијата во американското општество.
Ро Кана е самонаречен „прогресивен капиталист“. Индиско-американскиот пратеник, кој го претставува срцето на Силициумската Долина во Конгресот, посочи дека нема да се кандидира доколку Бајден биде номиниран.
Ејми Клобучар (62) е сенаторката од Минесота која не се истакна во трката за претседателската номинација во 2020 година, но таа е тесно поврзана со администрацијата на Бајден и е клучна посредничка на демократите во Сенатот.
Кори Букер (53) беше кандидат во претседателските номинации во 2020 година. Афроамериканскиот сенатор од Њу Џерси привлече пофалби на почетокот на оваа година со емотивниот говор во кој ги бришеше солзите додека ја прославуваше историската номинација за првата афроамериканска судијка во Врховниот суд.
Елизабет Ворен (73) е сенаторка од Масачусетс, која го канализираше гневот на женските гласачи во последните месеци поради поништувањето на правата за абортус во САД.
Гречен Витмер (51) од Мичиген се соочи со заговор за киднапирање во нејзиниот прв мандат како гувернерка на државата, а потоа набрзина беше повторно избрана на функцијата на почетокот на ноември. Таа вели дека не планира некогаш да се кандидира за претседател.
Џеј-Би Прицкер (57) е политичар од Илиноис, чие семејство го поседува синџирот хотели „Хајат“, а воедно е најбогатиот гувернер во земјата. Тој го спомнуваше Трамп во неодамнешните говори, обвинувајќи го за „предавнички бунт“.
Џаред Полис (47) од Колорадо е првиот американски гувернер кој стапи во истополов брак, доби пофалби за рамномерниот пристап кон пандемијата и неодамна беше повторно реизбран на функцијата.
Фил Марфи (65) е поранешен финансиер на „Голдман Сакс“ и поранешен амбасадор на САД во Германија. Актуелно е гувернер на Њу Џерси, а тесно соработувал и со републиканската и со демократската администрација во Вашингтон.
Секој изборен циклус, експертите мислат дека поранешната прва дама Мишел Обама или поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, која двапати досега беше неуспешна претседателска кандидатка, би можеле да се приклучат на трката. Но, иако и двете жени остануваат популарни кај демократските гласачи, ниту една од нив досега не се препушти на поттикнување на шпекулациите.