Обемот на нарачки што моментално го имаат кинеските бродари е речиси двојно поголем од оној на грчките - Фото: ЕПА

Тежиштето на глобалниот бродски бизнис
се префрла од Европа во Азија

Растот на Кина во однос на бруто-тонажата на нејзината флота не треба да изненадува, со оглед на огромниот обем на бродски товар на земјата, добро развиената бродоградбена индустрија и сè поактивен финансиски секторж

Кина ја престигна Грција и стана најголемата земја сопственик на бродови во однос на бруто-тонажата, според информациите објавени од страна на Кинеското здружение на бродови со седиште во Шангај. Цитирајќи ги податоците од „Кларксонс рисрч“, кој е водечки извор на информации и разузнавачки податоци за глобалната флота на бродови со седиште во Велика Британија, асоцијацијата истакна дека флотата на кинеските бродосопственици достигнала 249,2 милиони во бруто-тонажа, што претставува удел на глобален пазар од 15,9 отсто, или околу 180 милијарди долари во вредност на флота. Ова е малку повисоко од флотата на грчките бродари од 249 милиони во бруто-тонажа, која зазема удел на глобален пазар од 15,8 отсто и се проценува на околу 163 милијарди долари. Јапонија е на третото место со флота од 181 милион во бруто-тонажа, а потоа следуваат Јужна Кореја и САД, и двете со околу 66 милиони во бруто-тонажа.

Споредба на кинеската и грчката флота

Стивен Гордон, аналитичар во „Кларксон рисрч“, објасни дека растот на Кина во однос на бруто-тонажата на нејзината флота не треба да изненадува, со оглед на огромниот обем на бродски товар на земјата, добро развиената бродоградбена индустрија и сè поактивен финансиски сектор. Иако Кина го презеде водството во однос на бруто-тонажата, што е нелинеарно мерило за вкупниот внатрешен волумен на бродот, Грција сè уште го задржува водството во однос на максималната тонажа, која ја мери вкупната тежина што може да ја носи бродот. Европската земја моментално поседува значителен дел од пазарот со тонажа од 423 милиони, што претставува 18 отсто од вкупниот број во светот, според „Кларксонс рисрч“. Грчките бродосопственици се исто така конкурентни во секторите како што се танкери за нафта, носачи на течен природен гас и трговски бродови.

Истакнувајќи дека кинеските бродосопственици се многу активни на новиот пазар на бродоградба, Гордон рече дека обемот на нарачки што моментално го имаат кинеските бродари е речиси двојно поголем од оној на грчките. Тие се исто така длабоко вклучени во купување и продавање половни бродови.

Гледано по региони, бруто-тонажата на флотата на азиските бродари ја надмина онаа на европските бродари во 2019 година и овој јаз продолжи да се зголемува, според Гордон. Трендот покажува дека центарот на глобалниот бродски бизнис се префрла од Европа во Азија, велат пазарните набљудувачи.

Побарувачка за поеколошки бродови

Донг Ливан, професор по бродоградба на Шангајскиот поморски универзитет, рече дека многу кинески компании решија да ги повлечат од употреба нивните постари бродови со високи емисии на гориво, избирајќи да набават нови и напредни бродови за да ги исполнат барањата на Меѓународната поморска организација за да помогнат во намалувањето на емисиите на јаглерод во глобалниот транспортен бизнис. Оттука, моторите со двојно гориво и моторите што користат течен природен гас или течен нафтен гас добија значителна привлечност кај кинеските бродари, рече Донг.

Ли Мујуан, извршен потпретседател на Кинеската асоцијација за товарна индустрија во Пекинг, рече дека вреди да се обележи дека кинеските бродари сè уште имаат простор за напредок. Тие во моментов го имаат најголемиот удел на светскиот пазар со 15,9 отсто, но оваа бројка останува релативно скромна со оглед на огромниот обем на надворешна трговија на земјата, додаде Ли.