Со големо мнозинство, пратениците во Европскиот парламент го одобрија извештајот за ажурирање на европската директива за безбедност на детски играчки, за која велат дека повеќе не ги исполнува потребните стандарди, пишува Клара Бауер-Бабеф за „Еурактив“
Посовремена и поквалитетна регулаторна рамка за здравјето на децата
Сегашната директива на Европската Унија (ЕУ) за безбедност на играчките датира од 2009 година и оттогаш не е ревидирана. Иако опфаќа многу фактори, како што се хемиските ризици, хигиената, радиоактивноста, ризиците од запаливост, таа сепак треба да се ажурира, истакна за „Еурактив“ социјалистичкиот европратеник Брандо Бенифеи.
Извештајот, кој неодамна беше одобрен на пленарна сесија, ги истакнува проблемите со безбедноста што ги претставуваат хемикалиите, играчките со опција за поврзување на интернет и онлајн продажбата на играчки. Одлуката следува по извештајот за евалуација на Европската комисија за 2020 година, во кој се наведени недостатоците на сегашната директива, велејќи дека таа треба да се зајакне за да се постигнат целите на ЕУ за безбедност на децата. Од 2009 година на пазарот се појавија нови играчки, произведени со нови супстанции, а како што истакна Бенифеи, „има нови научни податоци за хемиски супстанции за кои е утврдено дека се токсични за децата“. Сепак, според директивата, максималната граница за опасните супстанции, како што е нитрозамин, кој се смета за канцероген за луѓето, е премногу висока, а истото го истакна и европратеникот. Директивата обезбедува листа на отстапувања за употреба на одредени токсични или мутагени супстанции со негативни ефекти врз репродукцијата, додаде Бенифеи.
Згора на тоа, некои хемиски ограничувања важат само за играчките за деца под 36 месеци, како и за играчките наменети да се ставаат во уста. Сепак, во извештајот се наведува и дека „хемиската токсичност не се менува помеѓу 36 и 37 месеци и потоа“. Меѓутоа, Бенифеи би сакал списокот на хемиски супстанции опасни за децата да се вклучи на листата на забранети супстанции во 2009 година и да се стави крај на старосната граница на директивата.
Друго големо прашање отворено во извештајот се играчките што се поврзуваат со интернет, кои вклучуваат часовници, таблети, конзоли и едукативни роботи. Во последните години на пазарот се појавија многу играчки што функционираат со собирање податоци кои потоа се испраќаат со радиобранови. Сепак, ниту еден закон во моментов не дефинира доволна безбедносна рамка за заштита на приватните податоци на младите корисници кои си играат со овие играчки. Бенифеи предупреди дека постои ризик децата да бидат лоцирани и луѓето со лоши намери да ги користат овие податоци за да ги идентификуваат, да ги користат нивните слики или звуци без нивна согласност или согласност на нивните родители. Дури и ако веќе постојат безбедносни стандарди, продолжи тој, постои потреба да се оди подалеку и „да се посвети особено внимание на процесот на производство на играчки“.
Француското набљудувачко тело за податоци (ЦНИЛ) подготви серија препораки во 2019 година за родителите чии деца користат паметни играчки. ЦНИЛ ги охрабри родителите да обезбедат пристап до уредите и до дигиталните кориснички сметки поврзани со нив.
Исто така, им препорача на родителите редовно да вршат безбедносни ажурирања и да проверуваат дали уредот има предупредувачки знак кога е во режим на слушање.
Извештајот, исто така, ја нагласува важноста од регулирање на играчките купени преку интернет, а кои завршуваат во ЕУ. Не сите играчки купени на интернет се опфатени со истите правила како играчките што се продаваат во продавниците, бидејќи е потешко да се следи и контролира нивното потекло. Со зголемувањето на бројот на страници на интернет, кои продаваат играчки од втора рака, повторно се достапни за купување оние кои содржат супстанции што сега се сметаат за токсични. Сепак, овие предложени измени нема да бидат усвоени доколку не се ревидира директивата од 2009 година. Европската комисија се обврза да ја разгледа оваа директива, но допрва треба да даде прецизен распоред за нејзината ревизија.