Предвидувањата за земјите од БРИКС како најбрзорастечки економии не се остварија во целост. Наместо тоа, сојузот сега нуди дипломатски форум и развојно финансирање надвор од западната конвенционална практика
Акронимот првично се јави како донекаде оптимистички термин за да опише кои беа најбрзо растечките економии во светот во тоа време. Но, сега земјите на БРИКС, Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка, се поставуваат како алтернатива на постојните меѓународни финансиски и политички форуми. Гинтер Мајхолд, заменик-директор на Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања (СВП), смета дека земјите од БРИКС го доживуваат својот геополитички момент. Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка се обидуваат да се позиционираат како претставници на глобалниот југ, обезбедувајќи алтернативен модел на Г7.
Акронимот БРИК, кој првично ги опфаќаше Бразил, Русија, Индија и Кина, беше измислен од Џим О’Нил во 2001 година, кога беше главен економист на мултинационалната инвестициска банка „Голдман Сакс“. Во тоа време, четирите земји имаа одржливи стапки на висок економски раст и ознаката БРИК претставуваше економски оптимизам за иднината на тие нации. Противниците на етикетата рекоа дека земјите се премногу разновидни за да бидат вака групирани заедно и дека тоа е навистина само маркетиншки трик на „Голдман Сакс“. Но, она што можеби започна како маркетиншки трик за поттикнување на инвеститорите прерасна во платформа за меѓувладина соработка слична на Г7. Во 2009 година, четирите нации се состанаа на нивниот прв самит во руски Екатеринбург. Во 2010 година, Јужна Африка беше поканета да се приклучи на групата, додавајќи го „С“ во БРИКС.
Предизвик за моделот на Светската банка
Во 2014 година, со околу 50 милијарди долари од првични инвестиции, земјите од БРИКС ја лансираа Новата банка за развој како алтернатива на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Покрај тоа, тие создадоа механизам за ликвидност наречен Аранжман за контингентна резерва за да ги поддржат членовите кои се борат со плаќањата. Овие понуди не беа само привлечни за самите држави на БРИКС, туку и за многу други економии во развој и во подем кои имаа болни искуства со програмите за структурно прилагодување и мерките за штедење на ММФ. Ова е причината зошто многу земји рекоа дека можеби се заинтересирани да се приклучат на групата БРИКС. Банката на БРИКС е отворена за нови членови, па така во 2021 година се приклучија Египет, Обединетите Арапски Емирати, Уругвај и Бангладеш. Сепак, тие беа многу пониски од соодветните инвестиции од 10 милијарди долари направени од основачите на банката.
Подготвени за проширување
Јужноафриканската министерка за надворешни работи Наледи Пандор изјави дека светскиот интерес за групата БРИКС е огромен. На почетокот на март, таа во телевизиско интервју порача дека добила 12 писма од заинтересирани земји. Меѓу нив биле Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Алжир и Аргентина, како и Мексико и Нигерија. Пандор истакна дека темата ќе биде ставена на агендата за претстојниот самит во август во Јужна Африка.
Најновите економски случувања во земјите-членки на БРИКС немаат многу врска со почетните митови врз кои е основана групата. Од петте членки, само Кина постигна одржлив и широк раст од тогаш. Бидејќи бруто домашниот производ на Кина порасна од шест илјади милијарди долари во 2010 година на речиси 18 илјади милијарди долари во 2021 година, економиите во Бразил, Јужна Африка и Русија стагнираа. БДП на Индија порасна од 1,7 илјади милијарди на 3,1 илјади милијарди долари, но беше надминат од растот на Кина.
Без санкции за Русија
Од почетокот на војната во Украина, земјите од БРИКС само дополнително се дистанцираа од таканаречениот Запад. Ниту Индија, Бразил, Јужна Африка или Кина не учествуваат во санкциите против Русија. Ова стана уште појасно со речиси историските нивоа на трговија меѓу Индија и Русија, или со зависноста на Бразил од руското ѓубриво.
Метју Бишоп од Универзитетот во Шефилд за Економската опсерваторија, кон крајот на минатата година забележа дека од дипломатски аспект, војната во Украина се чини дека повлече остра линија на поделба меѓу Русија и Западот, поддржана од Истокот. Политикологот смета дека некои европски и американски политичари се загрижени дека БРИКС може да стане помалку економски, а повеќе политички клуб на растечки сили кои сакаат да влијаат на глобалниот раст и развој.
Мејхолд од Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања се согласува со него. Тој рече дека сојузот БРИКС не е толку контра на Западот, туку повеќе форум за зголемена суверена и автономна мисла. Во биполарен свет, тој верува дека Јужна Африка, Индија и Бразил едноставно „се борат за подобри услови“. Кина, од друга страна, ја користи платформата за своите глобални политички амбиции, додаде Мејхолд, посочувајќи на понудите на Пекинг да посредува во војната во Украина и заедничките воени вежби што ги одржа со Русија во Јужна Африка. Мејхолд верува дека Западот ја забележал оваа промена во тактиката и се обидува да се спротивстави на тоа.