Американската дипломатија е повеќе фокусирана на интересот наместо на јавното добро или на одржувањето на нормативните вредности. Таа ги третира земјите врз основа на нивното значење и класификација и притоа често нееднакво
Двојни стандарди на штета на сопствените вредности
Надворешната политика на САД под претседателот Џо Бајден се фокусира на демократијата и човековите права. Оттука, дипломатијата на администрацијата на Бајден е во голема мера обележана со дипломатија заснована на права и поддршка за демократијата низ светот. Наративот во врска со тековната надворешна политика вклучува индивидуални санкции, визни политики, повторливи демократски самити, украинската криза и последователното нејзино прикажување како типичен пример за демократијата и човековите права.
Сепак, меѓународната заедница речиси и не виде каков било одраз на таквата политика за време на последната посета на индискиот премиер Нарендра Моди. Верската слобода на Индија веќе некое време ги загрижува САД. Седумдесет сенатори и конгресмени, исто така, испратија писмо пред посетата во кое го повикуваат претседателот Бајден да разговара за потребата од заштита на човековите права и демократските вредности во Индија на средбата со индискиот премиер. Сенаторите, исто така, го бојкотираа говорот на Моди пред Конгресот поради загриженоста за човековите права. Но Бајден не обрна внимание на писмото и реши да го игнорира ова прашање, што наведува да се постави друго прашање, дали сенаторите и конгресмените го губат гласот во Стејт департментот?
Свет полн со проблеми
Речиси не постои земја или нација што нема прашања поврзани со човековите права или демократијата. Поимите демократија и човекови права се менуваат низ просторот и културата, но никогаш не беа политизирани. На пример, САД имаат сериозен проблем со оружјето поради кое гинат илјадници секоја година. Во многу западни земји е присутен расизмот, а постојат и злосторства од омраза и надмоќ на белата раса. Исто така, антиимигрантските чувства станаа акутни и на Западот.
Надвор од Западот, многу земји страдаат од демократско назадување, брутална сила и негирање на правата во многу форми. Негирање на избирачките права, брутални полициски мерки, присилно исчезнување, незаконски егзекуции, исклучување на малцинствата, убиствата и политичкото насилство се некои од облиците на злоупотреба на човековите права и демократското назадување, кои се актуелни во моментов. Меѓутоа, според либералните меѓународни норми, глобалните чувари и активистите за права најчесто ја искажуваа загриженоста и водеа кампањи за кревање на свеста, а земјите и глобалните лидери пропишуваа и нудеа помош за решавање на овие прашања. На крајот, одговорноста за решавање на проблемите паѓа на државата, владата и нејзиниот народ, благодарение на Вестфалските норми на суверенитет и декларацијата на ООН за самоопределување.
Американска дипломатија за човекови права
Од доаѓањето на администрацијата на Бајден на власт, американскиот претседател за првпат ги вклучи човековите права и демократијата во надворешната политика. Можеби ова е и првпат во историјата на човештвото човековите права и демократијата да станат централен дел на надворешната политика. За многумина, САД им даваат приоритет на овие аспекти во своите надворешни односи за да ги вратат вредностите што ја одржуваат нивната хегемонија и се спротивставуваат на растечкото влијание на Русија и Кина. Сепак, често може да се видат противречности и спротивставени пристапи во билатералните односи на САД. На пример, односите на САД со Бангладеш во голема мера се во знакот на човековите права и демократијата. Во последните две-три години, билатералните посети се фокусираат најмногу на овие елементи, бидејќи САД континуирано ја изразуваат својата загриженост во Бангладеш. Тие, исто така, објавија санкции за елитните сили во земјата, како Баталјонот за брза акција (РАБ) и неговите седум сегашни и поранешни функционери поради наводно кршење на правата. Неодамна, САД објавија и нова визна политика за Бангладеш пред општите избори. Вашингтон го следи истиот пат во Камбоџа, поставувајќи прашања поврзани со слободни и фер избори и кршење на човековите права за да ја спроведе својата политика.
Од друга страна, иако Индија има проблеми со верската слобода и американските извештаи наведоа „причина за загриженост“, сепак едвај се забележа дијалог за ова прашање. Индија не е исто така изолиран настан, бидејќи САД ги затвораат очите пред земјите што имаат свое геополитичко значење за нив.
Камелеон што ја менува бојата?
Нееднаквиот третман од страна на САД меѓу двете јужноазиски земји Индија и Бангладеш сугерира дека американската дипломатија е повеќе фокусирана на интересот наместо на јавното добро или на одржувањето на нормативните вредности. Бидејќи е зависна од американските национални интереси, таа често ја менува бојата, од вршење притисок до широкоградост. Дипломатската величественост на Моди во Вашингтон и покрај загриженоста за човековите права се должи на геостратегиското значење на Индија во спротивставувањето на кинеското и руското влијание, до одреден степен. На САД им е потребна Индија поради сопствениот геополитички интерес во регионот во контекст на индопацифичката стратегија. Оттука, Стејт департментот и администрацијата ги направија безгласни Сенатот и Конгресот, менувајќи ги надворешнополитичките приоритети од демократија и човекови права до геополитичка пресметка.
Покрај Индија, демократијата и човековите права, исто така, се наоѓаат на последно место во нивната дипломатија со Саудиска Арабија, Израел, Египет и во многу други земји. Американскиот однос кон другите земји, како што се Бангладеш и Камбоџа, сугерира дека ги користи демократијата и човековите права за принуда против земјите што ги смета за „наклонети кон Кина“. Како резултат на таквата класификација и дипломатија водена од интерес, американската дипломатија ги третира земјите врз основа на нивното значење и класификација и притоа често нееднакво. Поставувањето такви двојни стандарди и „камелеонска дипломатија“ е само штетно за либералните норми. Главната причина е напуштање на филозофијата на давање поддршка и користење на дипломатијата на притисок.