Домување

Постојат неколку начини или трикови со кои можете да ги продолжите свежината и мирисот на испраните алишта на неколку дена, а со некои трикови мирисот ќе трае и со месеци.
Парфем и марамче: Наместо да го прскате парфемот директно на облеката, испрскајте го на едно марамче и ставете го во плакарот. Мирисот сигурно ќе се прошири, парчињата облека ќе го впијат, а доброто е што нема да ги оштетите или извалкате вашите омилени работи.

Освежувач на воздух за автомобил: Да, можете да ги користите и во плакарите. Изберете некој поблаг мирис, завиткајте го во марамче или некоја крпа и ставете го во фиоката или плакарот. Ќе мириса со месеци.
Зрна кафе: Освен што ги апсорбираат сите лоши мириси, зрната кафе ќе го рашират својот мирис. Наполнете мала тегла со зрна од кафе, направете неколку дупки на капакот или алуминиумската фолија со која сте ја покриле и ставете ја во плакарот. Менувајте ги еднаш месечно.

Етерични масла: Исто како и кај зрната кафе, облеката може трајно да ја намирисате со етерични масла. Додајте неколку капки во машината за време на последниот циклус на перење или капнете на едно марамче и ставете го во плакарот.
Сапун: Еден од најстарите трикови што многумина сè уште го користат и денес е да ставаат тврд сапун меѓу алиштата. Сè што треба да направите е да го завиткате во хартиена крпа или само да го ставите во плакарот во неговото оригинално пакување.