Пријателството покажано во неволја е вистинско пријателство, и соседство, се разбира. Така е и со државите и нациите. Имено, доколку државите или нациите сакаат просперитет, одржлив развој, доколку сакаат да се заштитат од внатрешните или надворешните опасности, а истовремено и да создадат услови за општествено-економски раст, потребно е енергично да работат и на надворешен план, создавајќи трајни, квалитетни и пред сѐ сојузништва на рамноправни основи со други држави и нации. Не случајно сојузништвата имаат егзистенцијално значење и се круцијални за опстанокот, особено за малите држави како што е Македонија
Уште од самостојноста, Македонија како држава јасно покажа дека се стреми за евроатлантска интеграција, односно кон зачленување во НАТО и во Европската Унија. Затоа во геополитичка смисла, Македонија со години го градеше стратегиското партнерство со Соединетите Американски Држави, вклучувајќи и со водечките држави во ЕУ, како што се Германија и Франција. Но значеше ли тоа дека Македонија требаше да ги игнорира другите перспективи, кои непречено можеа, со доза на политичко-дипломатска умешност, да се надградуваат?! Се разбира, сето тоа да е во интерес и полза на македонската нација и држава. Во изминатите триесет години, македонската дипломатија имаше горе-долу задоволителен пристап во геополитичкиот лавиринт и не заборавивме да одржуваме коректни врски со светските играчи, вклучувајќи и со Русија и со Кина. Во овој дух се и позитивните политичко-економски односи со Република Турција, која беше меѓу првите што ја признаа државноста на Македонија, а овој чин се покажа како лост за продлабочување на македонско-турските релации. Нашата дипломатија можеби некако успеваше да се усогласи во меѓународната политичка сцена, но тоа не може да се каже и за регионалната дипломатска активност. Од независноста, па сѐ до денес, Македонија како држава не успеа да создаде трајни сојузнички врски со своите соседи, а оваа состојба се должи на неколку причини.
Во деведесеттите години на дваесеттиот век, првиот претседател Киро Глигоров ја создаде македонската надворешна политика кон соседните држави, позната како „политика на активна еквидистанца“, која беше прифатена од македонската политичко-општествена елита. Но оваа политика ја лиши Македонија од создавање трајно партнерство со соседите, сојузништво што можеби ќе се покажеше како клучно во некои од судбоносните моменти за Македонија и македонскиот народ, како што беше воениот конфликт од 2001 година.
Не можеме секогаш да се потпираме на големите и моќни држави и да ги игнорираме другите можности, особено пријателството со соседите.
Но изградбата и негувањето на добро соседството не секогаш зависи од нас. Ако ние имаме амнезија за одредени историски неправди, историските записи и сведоштва не можат да заборават. Не можат ниту да се избришат соседските посегнувања и големодржавни амбиции на сметка на Македонците и Македонија. Историјата се повторува и соседите со искажувањето екстремен национализам, радикализам, иредентизам и шовинизам, а особено со закани, уцени и блокади не можат да создадат пријателски и соседски врски. Односот треба да е двостран. Доколку државите сакаат да ги подобрат меѓусебните односи, потребно е обострано подавање пријателска рака и не смее да заборавиме дека пријателствата, добрососедствата и сојузите се градат со позитивна енергија, добронамерност и почитување.
Една држава може постојано да повторува дека е најголем пријател на друга држава, како што е примерот со Бугарија кон Македонија, но тоа не е доволно и потребни се добронамерни постапки, бидејќи само на овој начин се создаваат и негуваат вистинските пријателства. Бугарската политичка елита никогаш искрено не ни подаде пријателска рака и следствено добрососедството не секогаш исклучиво зависи од нашето однесување и постапки.
Кога светот и Европа се соочија со на пандемијата на коронавирусот, Србија и претседателот Александар Вучиќ беа главна вест на Си-ен-ен. Американскиот медиум објави дека Србија е една од ретките држави што ги отвора границите за граѓаните на соседните земји за да можат тие бесплатно да се вакцинираат, а меѓу нив беа и околу 15.000 Македонци. Кога новинарите побараа од српската премиерка Ана Брнабиќ да ја објасни оваа политика, таа одговори дека Србија не може да биде себична и дека сака да им помогне на соседите. Белград го манифестираше својот добрососедски дух и со донацијата на голем број вакцини за Македонија, и не само за Македонија.
Пријателството покажано во неволја е вистинско пријателство, а такво е однесувањето на Србија кон нејзините соседи. Српските власти ни покажаа како треба да постапува вистински сосед, а Софија и многумина други можат да научат од Белград како се создава и негува добро соседството.