За стресот зборуваме секојдневно: стрес дома, на работното место, на улиците, во сообраќајот, кај децата во училиште, во економијата, во политиката… Всушност, без стрес, изгледа дека нема живот!
Во мала, па и во умерена доза, стресот може сепак да биде полезен. Таквиот стрес медицински се означува како „еустрес“ и претставува предизвик, еден вид мотив за работа, за творење, за напредок. Но, кога велиме – стрес обично мислиме на оној – недобриот, кој предизвикува разни ментални, но и други здравствени проблеми.
Така, на пример, една сериозна ситуација во сообраќајот, предизвикува стрес и силна емисија на норадреналин во мозокот.
Норадреналинот или поинаку нарекуван норепинефрин претставува органска хемиска супстанција од семејството на катехоламини, чија функција во телото и мозокот е слична на хормон или невротрансмитер. Името норадералин доаѓа од латинскиот збор, кој означува нешто како продолжена рака на бубрегот.
Генералната функција на норадреналинот е да ги мобилизира мозокот и телото на акција. Тој се ослободува за време на сон, а нивото му се покачува кога се будиме и е највисоко кога сме под стрес или при ситуација на опасност, како одговор на реакцијата „борба или бегство“. Норадреналинот предизвикува возбуденост и живост, ги зголемува вигилентноста, формирањето и одржувањето на меморијата, фокусирање на вниманието, но истовремено ја предизвикува и анксиозноста. Во телото норадреналинот ги зголемува срцевата варијабилност, крвниот притисок, но и ослободувањето гликоза од енергетските резерви, го зголемува протокот на крв во скелетните мускули, а ги смалува гастроинтестиналниот мотилитет и ослободувањето урина. Во мозокот норадреналинот се произведува во едно мало јадро наречено „нуклеус церулеус“ лоцирано во мостот (понс). Тој се прифаќа од рецептори наречени адренергични.
Истражувачите во Електротехничкиот факултет во Цирих покажаа првпат дека селективното ослободување на невротрансмитерот норадреналин ја реконфигурира комуникацијата помеѓу широката мрежа на нервни врски во мозокот за време на стресна ситуација. Така, на пример, во момент кога се доживува акутен стрес (при животозагрозувачка ситуација во сообраќајот) нашиот мозок има само една секунда за реагирање. Тој го насочува вниманието на најбитните околински состојби, за да може да се донесе одлука во смисла живот или смрт во само делови од секундата. За да го исполни ова, неопходно е воспоставување ефикасна комуникација помеѓу разни ареи на мозокот, кои ќе формираат таканаречена функционална мрежа.
Како се справува мозокот со овој брз процес досега беше сосема нејасно. Тестирањата на луѓе сугерираа дека најголема улога за тоа има невротрансмитерот норадреналин (норепинефрин), кој во мозокот се ослободува во големи количества за време на стресните ситуации. Сепак, не беше можно оваа теорија директно да се истражува на хумана популација, поради фактот што со ослободувањето на норадреналинот не може селективно да се манипулира.
Истражувачките тимови од Цирих направија обид да го решат овој проблем. Имено, тие изведуваа истовремено снимање со функционална магнетна резонанса во реално време кај анестезирани лабораториски животни токму во момент кога се тригерира норадреналинско ослободување, кое го облива сиот мозок со овој невротрансмитер. Анималните истражувања им овозможија на овие истражувачи да ги поврзат разните делови на мозокот многу брзо. Во овие тестови, научниците ги применија најсовремените генетски трикови за стимулирање на еден мал центар во мозокот наречен локус церулеус, кој го снабдува целиот мозок со норадреналин.
Научниците беа навистина изненадени од добиените резултати: селективното ослободување норадреналин ги преструктурира невралната мрежа и поврзувачкиот образец помеѓу разни делови на мозокот на начин што е многу сличен кај промените, кои се гледаат кај луѓе експонирани на акутен стрес. Невралната мрежа што ги процесира сензорните стимулации, како што се визуелниот или слушниот центар во мозокот, најмногу ја зголемуваат својата активност. Слична зголемена активност се набљудува во невралната мрежа околу амигдала (емоционалниот центар), која се асоцира со состојба на анксиозност.
Еден од научниците вклучени во ова истражување (Валерио Зерби), кој е експерт за магнетна техника изјавил: „Не можев да верувам кога ги видов ваквите силни ефекти!“ Дополнително, истражувачите беа во состојба да покажат кои се тие ареи во мозокот што даваат особено силен одговор на стрес и ослободување на норадреналин, а преку локализирање на многубројните рецептори на овој невротрансмитер.
Генерално, резултатите на овие истражувачи покажаа дека современите имиџинг-техники на анимални модели можат да откријат корелација, која ни дозволува да ги разбереме фундаменталните мозочни функции кај луѓето.
Постои надеж дека слични анализи ќе овозможат разбирање на патолошки состојби на хиперактивност на норадреналинскиот систем, кои се асоцирани со анксиозност или панични растројства.
Со овие сознанија се објаснува хуманата реакција на стрес, како онаа што би била поттикнувачка (еустрес), но особено онаа што е штетна и може да биде тригер за психосоматски растројства.