Вака почнува текстот на старата македонска песна, која како да е компонирана деновиве. Токму тоа ни се случува. Македонија поминува низ трагичен период, ама и оваа бура ќе помине и сонце пак ќе огрее. Надежта, нели, последна умира. Меѓутоа, и таа ќе отиде ако не се мобилизираме и избориме за своите правдини. Најлошиот елемент во оваа драма на македонскиот народ се длабоките поделби во националното ткиво. Тие ниту се нови ниту се случајни. Најстарата политичка доктрина „подели па владеј“ (divide et impera) одамна е применета врз Македонците. Најмалку 150 години тие биле цел на интересите на регионалните држави и на меѓународните фактори, кои секогаш доминирале на Балканот. Нашите душмани почнале да нѐ делат за полесно да нѐ командуваат и да манипулираат со нас. Многубројните меѓусебни убиства беа резултат токму на тие политики. Поделбите денес се веројатно подлабоки од кога било и единствена разлика е што нема физичко елиминирање на политичките ривали.
Порано тие поделби се рефлектираа на политичките врвови, меѓу лидерите, ама денес одат во длабочина, до последните партиски војници, приврзаници или симпатизери. Сѐ е политизирано. Роднини, пријатели, комшии… не комуницираат поради различните политички определби. Или си за едните, или за другите. Заедничко ништо не може да биде. Ништо не е свето, национално, историско, недопирливо…, кое мора дa обединува и да се брани по секоја цена. Тоа го потврдува и личното и искуството на блиските луѓе. Другари од детството ги прекинуваат врските, не се јавуваат, бидејќи јавно изнесените ставови не кореспондираат со тие на нивната политичка партија. Воопшто не е важно што залагањата се натпартиски и од интерес за народот и државата. Така е секаде, во сите пори од општеството.
Таквата ситуација не ја променија ниту капитулантските договори со Бугарија и со Грција, со кои сегашната гарнитура на власт се откажа од македонизмот или, поточно речено, од нас самите. Прифати и дозволи „Македонци“ за светот да бидат измислените од Грција, а нашата историја да биде бугарска. Иако изгледа незамисливо, и по ваквите срамни потези луѓето продолжија да ги поддржуваат. Факт е дека пропагандата е жестока и базирана на нереални евроатлантски интегративни перспективи, ама не требаше ниту многу памет, ниту политичко искуство за секому да му е јасно какви штетни договори се потпишани и дека е прифатено разнебитување на македонскиот народ и бришење на сѐ македонско во земјава. Длабоките поделби во народот дојдоа до полн израз. Антагонизмот меѓу двете главни македонски партии и нетрпеливоста што постои меѓу нив практично шират омраза меѓу луѓето. Тоа не остава простор за какви било договори за клучните национални и државни прашања. Засега е тоа невозможна мисија и нема индикатори дека во блиска иднина може да биде поинаку.
За тие од СДСМ и нивните поддржувачи и симпатизери сето тоа беше поприфатливо отколку каква било друга политичка опција, која неизбежно би била поврзана со ВМРО-ДПМНЕ. Макар и за спас на државата. Ова во никој случај не значи дека политиката на опозицијата беше јасна, прецизна, мотивирачка и соодветна на состојбите низ кои врвиме. И таа направи голем број грешки. Не реагираше ниту навреме, ниту одлучно, ниту како што треба, непотребно тактизираше… Неоспорно е дека и опозицијата беше под жесток притисок на странците, ама тоа не е никакво оправдување. Сепак, со сите колебања што се сега на маса, носителите на пресвртот неизбежно ќе се структурираат. Нам ни е итно потребна трета македонска политичка опција, ама и тоа е засега невозможна мисија поради доминацијата на двете главни партии.
Тоа се состојбите во Македонија во пресрет на празникот 8 Септември, симболот на современата независна македонска држава. Македонците масовно излегоа на референдумот одржан на овој ден во 1991-та и во огромен процент се изјаснија за самостојна држава. Меѓутоа, меѓународниот фактор не беше подготвен за независна Македонија. Токму затоа Албанците го бојкотираа референдумот. Потегот воопшто не беше случаен и зад него стоеја странците. Но никој во Македонија не го разбираше тоа. Толкави беа политичките капацитети и немаше такви анализи.
Доказите следуваа: Македонија долго не се признаваше како независна држава. Факт е дека Грција го почна тој процес, формално оспорувајќи го нејзиното име, ама времето покажа дека носител на целиот проект се – САД. По распадот на Југославија, првпат во историјата, тие се главен фактор на Балканот и отворено играат на картата на Албанците. Очигледно е дека Македонците им пречат во реализацијата на нивните регионални планови и, на почетокот на 1990-тите, тие практично повторно го отворија „македонското прашање“, со единствена цел дефинитивно да го затворат. Чекор по чекор, тоа и го прават, сите овие 30 години. Улогата на Грција не смее да се потцени, ама во целина таа е само статист во целата антимакедонска ујдурма.
Институти за стратегиски истражувања – немаме. Властите не ги сакаат тие што многу знаат. Тоа што постои во МАНУ и во МНР се жалосни импровизации. И, не само затоа, никој не се осмелува да прави длабински анализи на мотивите на ваквата американска политика кон Македонија. Начелно може да се наведат неколку причини: а) Македонците се мал народ, длабоко поделен меѓусебно; б) општествено и политички речиси се нефункционални; в) како партнер се несигурни и неизвесни и затоа никој не смета на нив; г) тие се регионално јаболко на раздорот, бидејќи сите соседи имаат аспирации и нерасчистени сметки со нив; д) земјата е пречка и за реализација на голема Албанија, проект максимално поддржан од САД, кој треба да биде компензација за албанската лојалност кон нив. Тие интензивно градат меѓусебно долгорочно стратегиско партнерство. По Втората светска војна, сојузници на Албанија беа Југославија, СССР и Кина. Со сите се скара. Ќе видиме колку ќе издржат САД.
Оваа година немаме никакви аргументи ни за минимално задоволство при одбележувањето на 28-годишнината на независна Македонија. Речиси со ништо не можеме да се пофалиме. Ниту на внатрешен ниту на надворешен план. Главните настани во земјата се против интересите на македонскиот народ. Државата оди во крајно загрижувачка насока и на видикот нема политичка сила, со прецизно формулирана програма, која нуди излез од темниот тунел во кој сме доведени и со наша помош. Сите политички сили, организации, здруженија и добронамерни поединци треба да се обединуваат во барањето решенија додека не биде предоцна. Меѓусебните разлики треба решително да се надминуваат во корист на заедничката кауза. Сите треба да се издигнуваат над самите себе и да ги бараат елементите што нѐ обединуваат, а тоа е нашата Македонија. Таа е сериозно загрозена и исчезнува пред нашите очи, а ние како да сме отсутни. Тоа се непростливи историски грешки, кои мора да се елиминираат. Предизвикот е клучен. Можеби е во прашање последната шанса од македонизмот да се спаси тоа што сѐ уште може. На тој пат без враќање немаме многу пријатели, што е наш досегашен пропуст, ама мора да ги бараме. Правдата е на наша страна а ние се бориме за нешта што универзално им припаѓаат на сите. На таа основа можат да се генерираат поддржувачи. Мораме да победиме.
Иако главните столбови на државата силно се тресат, во никој случај не смееме да одиме на радикални решенија. Тоа само ќе ја влоши нашата позиција. Некои не толку битни работи може привремено дури и да се жртвуваат за да се постигне главата цел – враќање на македонизмот и задржување на унитарниот карактер на државата.
Дијаспората финансиски помага во Македонија разни партии, организации, здруженија…. Тоа е добра практика, ама расцепканата помош не води никаде. Кога се испраќаат на маргинални адреси, парите се фрлени и ги влошуваат состојбите во земјата. Таа практика мора да прекине. Помаганите честопати се конфронтирани меѓу себе, што води во нови поделби. За претседателските избори беа испратени многу пари, ама ефектот е крајно негативен, што е заеднички неуспех. Некои од тие што добија помош заговараа бојкот, што беше погубна политика. Ако веќе не може да се формира еден фонд од сите, би било мудро да има еден во Канада, друг во Австралија, трет во САД, четврти во Европа… и да се одредат комисии што ќе одлучуваат кој треба да се помага во земјава. Во принцип, пак, нашава борба може да ја води и добие само голема партија и таму треба да се упатува помошта. Таа не смее да се условува, бидејќи локалните политичари најдобро знаат што треба да се презема. Тие не се безгрешни, ама тоа е нивната улога, која мора да се почитува. Не може да се диригира однадвор, а ситни суети и мудрувања од страна не смее да има. Или се помага или не.
Јасно е дека за нас е недостижна цел договор за вакви фондови. Каде и да се, Македонците за ништо не можат да се договорат меѓу себе. Ова се предлози во ситуација кога сме смртно ранети како народ, а со несоодветното однесување само го потврдуваме историскиот пораз на македонизмот. Албанците се изборија за независно Косово, а помошта од цел свет одеше главно преку една адреса. Да учиме од нив.
Нека ни е честит Денот на независноста. Македонија ќе ни биде вечна само ако ја одбраниме пред да биде предоцна.