Она што е разочарувачки и поттикнува на размислување е сознанието што во 21 век во регионот практично се покажа дека држави како Бугарија, која, патем, е членка на ЕУ и НАТО, сѐ уште постојат облици на фашизам и други форми на репресија. Зашто инцидент на мечот против Англија беше само една капка во морето на националшовинистички пориви, кои особено се изразени во последно време од поединци во бугарската јавност
Фашизмот е радикална форма на авторитарен национализам и владеење преку присила. Ова е една од попознатите дефиниции за фашизмот во науката, напишана од страна на американскиот познат историчар и професор на универзитетот во Јејл, Хенри Турнер, кој изучувајќи ја оваа област, ја посветил кариерата на овој проблем, за кој можеби треба да се подразмисли во моменти кога во нашето соседство се регистрираат скандалозни настани, кои зад себе имаат фашистичка и шовинистичка заднина.
Имено, неделава соседството беше во фокус на пишувањата на светските медиуми, и тоа двапати. Во првиот случај камерите на медиумите на квалификацискиот фудбалски натпревар помеѓу Бугарија и Англија на стадионот „Васил Левски“ во Софија регистрираа бугарски навивачи, кои од трибините и со фашистички симболи на расна основа ги навредуваа англиските црномурни репрезентативци. По скандалот, УЕФА отвори дисциплински случај против репрезентацијата на Бугарија, а претседателот на Бугарскиот фудбалски сојуз, Борислав Михајлов, поднесе оставка, која дојде по повикот од премиерот Бојко Борисов да ја напушти функцијата и да ја преземе одговорноста за инцидентите.
Неколку дена потоа, властите кај соседот презедоа брза акција за фашистичкиот испад и полицијата уапси петмина, кои се обвинети за расистичките навреди. Ваквата брза акција и санкционирањето на предизвикувачите на скандалот, секако, се за поздравување.
Сепак, она што е разочарувачки и поттикнува на размислување е сознанието што во 21 век во регионот практично се покажа дека држави како Бугарија, која, патем, е членка на ЕУ и НАТО, сѐ уште постојат облици на фашизам и други форми на репресија. Зашто инцидент на мечот против Англија беше само една капка во морето на националшовинистички пориви, кои особено се изразени во последно време од поединци во бугарската јавност.
Токму горчината на таквите пориви ја почувствува и македонското малцинство во Бугарија со долгогодишното дискриминирање, понижување, непризнавање.
Ваквите прекршувања на човековите права и газење врз првата на малцинските заедници најеклатантно може да се забележат во фактот што Бугарија е осудена 13 пати во страна на Европскиот суд за човекови права од Стразбур за дискриминација врз Македонците. Натаму, уште поалармантно во целиот контекст на случувањата е тоа дека, иако членка на ЕУ, Бугарија не е потписничка на рамковната конвенција за правата на малцинствата, а нејзини официјални претставници честопати изјавувале дека повеќе се согласни државата да плаќа казни отколку да ги спроведува одлуките на Европскиот суд за човекови права од Стразбур. И за овие инциденти и прекршување на правата на Македонците во Бугарија, некој треба да преземе одговорност.
Од друга страна, бугарската политика на негирање на малцинствата на нејзина територија сепак не беше пречка земјата да стане членка на ЕУ, иако почитувањето на правата на малцинствата е еден од носечките критериуми за членство во Унијата. Со политичка одлука, од пред некоја година Бугарија стана членка на Унијата, а сега таа од позиција на моќ ги користи сите средства да ги наметне своите уцени како услов за членство на Македонија во Европската Унија.
На ваквиот обид на бугарската политика да наметне дополнителни услови за Македонија, користејќи го своето членство во ЕУ, како и асиметричноста на договорот за добрососедство, со протест преку отворено писмо до дипломатските претставници на земјите-членки на ЕУ, во земјава се обратија група македонски интелектуалци. Покрај другите забелешки на условите од бугарската декларација (барањето за своевидно непризнавање на македонскиот јазик, како и бришење на квалификативот „бугарски фашистички окупатор“ од македонските споменици од НОБ), македонските интелектуалци го нагласуваат и континуираното непризнавање на македонското малцинство во Бугарија.
На крајот, како што многумина политичари од регионот сакаат да кажат во своите говори пред гласачите, очигледно е дека ние во моментов живееме во период на ширење на европските вредности и на демократијата, па оттука, во духот на таа констатација, треба да заклучиме дека е дојдено крајно време на Балканот да се закопаат омразите, шовинизмот, репресијата и дискриминацијата и да не му се дозволи во иднина никому да ја злоупотребува позицијата на моќ, сакајќи да ги доведе во прашање посебноста на македонскиот народ и држава. Зашто, на крајот на краиштата, сето тоа се коси со темелите на обединета Европа, кон која се стремиме сите.