Благодарение на инвентивноста и желбата на учениците од осмо и деветто одделение, ѕидот на училиштето во кое до скоро ја следеа наставата, ОУ „Санде Штерјоски“ во Кичево, целосно го смени својот лик. На спроведувањето на оваа идеја работеа околу 30 ученици од повисоките одделенија, предводени од наставникот по ликовно воспитување м-р Енвер Селими, кој не само што ја надгледува работата на своите ученици туку и самиот лично се вклучи во создавањето на ѕидните слики од училишната ограда.
– По иницијатива на училишното раководство и лично моја, за да го облагородиме ѕидот на училишната зграда и да ја зголемиме неговата естетска компонента, кој под забот на времето почна да се распаѓа, најпрво го варосавме и саниравме, а потоа пристапивме кон изработка на ѕидни слики, за што учениците подготвија по два цртежа на хартија, кои потоа ги пренесовме на ѕидот од оградата на нашето училиште. Во овој училиштен проект се ангажирани 30 талентирани ученици, кои имаат особен афинитет кон ѕидното сликарство, а кои во изминатите три дена го финализираа овој проект. Дека сме направиле добро дело зборува и вниманието на минувачите, кои неизбежно својот поглед го фрлаат врз овие цртежи што во целост го променија ликот на нашето училиште – подвлече наставникот Енвер Селими.
Тој најави дека ќе се погрижат вакви ѕидни цртежи да се насликаат и на други објекти во градот, пред сѐ околу училиштата, градинките и другите објекти за масовно собирање.
– Ѕидното сликарство ќе овозможи и нашите помали градови да личат на европските – додава Селими.
Боите и материјалите за овој зафат во ОУ „Санде Штерјоски“ ги обезбеди самото училиште.