Јас да продолжам. Не е ни до училиште ни до експерт. Ако е до училиште, еве на пример Милош Обреновиќ не да не беше школуван ами беше и неписмен, но најмногу за Србија сторил во дипломатското дејствување. Големиот американски дипломат Хенри Кисинџер, замислете, инкогнито доаѓал во Белград, само со воспоставени врски со амбасадата на САД, библиотеката во Белград, некој негов помошник и службеник што добро го знае англискиот јазик. И така испитувал некои делници од Милошевото дипломатување. Ова голем дел од нас обичниве и не го знаат, но ете има и таква дипломатска активност.
И Кисинџер инкогнито долго време, а без да знае јавноста, подготвуваше дипломатски задачи за САД во Кина. Еден трет, наречен дипломат (ама дипломат – си плакало мајката) за да му се додворува на нашиот сосед отиде да ја поддржи грчката страна во турско-грчкиот спор на Кипар. И така и овој дипломат на нашава земја ѝ направи непријатности без преседан. Мислам и тој, патем напомена, дека кипарските банки располагале со голем капитал. Можеби. Но многу банки од Кипар беа барем тогаш и пералници на пари. Тие пералници ги користеше и Слободан Милошевиќ и некој голем „бизнисмен“ од кај нас. Срамот пукна. За среќа, нашиот најголем пријател Турција некако премина преку оваа неумесност. Само кој ли стоеше зад овој дипломат? А ако сакаме право да речеме, ако нашиот јужен сосед не сака да се случуваат некои работи на Кипар, а знам дека сигурно не сака, јужниот сосед итно треба да престане да ни ги прави овие непријатности нам. Но грчките дипломати се слаби дипломати и непринципиелни дури и послаби од некои наши. Четврти е дипломатот, син на еден поет литерат.
Велат и тој направил некои гафови што никоја вода не може да ги испере. А „големиот“ професор и архитект, во својство на политичар направи многу гафови и покажа непристоен речник од што мислам и неговата фамилија се срами, а партијата, сега на власт итно треба да се огради од неговите услуги. „Македонската нација била измислена од…“. Па дополнително се вадеше дека не рекол така, дека бил изваден од контекст. За сегашниов министер, пребег, од една во друга политичка провениенција не би требало сега да кажуваме тоа – кога ќе си ја заврши мисијата дај боже успешно да ја приведи кон крајот и тоа со среќен завршеток. Сега Бог да му е на помош. Овде чест ми е да споменам двајца дипломати со име и презиме. Едниот е Вања Тошески, а другиот е Ристо Никоски. Некои дипломати што претендираат за оваа професија ќе треба да учат од нив, од нивното искуство. Тошески: сталожен, тактичен, одмерен. За нас тој велеше: „Ние сме Македонија и Македонци, нас нѐ признаа 130 од вкупно 200 земји на светот под уставното име. Некои подругливо не нѐ признаваат, но нѐ гледаат. Главно ние јадеме свој леб и немаме борч. Ним ништо не им бараме“.
Ете така велеше споменатиот дипломат Тошески. А господинот Никоски, и него нека ми биде допуштено да го споменам во ова мое размислување, затоа што и со душа и со неговиот интелект согорува за Република Македонија. Ништо нема да додадам освен една-две реченици. Деновиве одев да проверам води во браздите на овоштарникот. Си реков да поминам патем и низ градскиве гробишта. Застанав пред еден гроб од поодамна правен и на плочата читам: „Овде почива Христо Никоски, загинат за слободата на Македонија. Осуден во Цариград на смрт и во затвор бил од 1892 год. до 1908 год. Благодарни синот Киро и внуците“. (Овој е дедо му на дипломатот Р. Никоски. Ете така си помислив, тоа е кодот на вистинските патриоти, тоа е портретот на дипломатот Р. Никоски.) Да се зборува за дипломати/министри, не може да се избегне и еден успешен новинар чии коментари на моето радио, Радио СК, со задоволство ги пратев. И тој, сиромав, се сплетка во дипломатијата особено со финансиското работење. Веднаш до него е и еден министер во ист ресор, па и премиер на влада беше. Заглави и во давање локација за супермаркет што ќе вработел 200 работници. Не ги кажа името и презимето на „инвеститорот од странство“. Го закопаа самоодните орудија бесплатно добиени од Данајците.
Да спомнеме каде тие орудија ќе поминат, трева нема да никне. А борбени перформанси нула. Уште тие „дародавците“ не ни дале муниција. Чист срам. И на овој, слабост му биле париите. Целосно ги девалвира угледот и титулата универзитетски професор. Да се зборува за актуелниве дипломати не можеме, а да не споменеме за некои политички лидери, кои час денес, час утре ќе ги видиме во некоја мисија малку замаглена во вел на тајност. Ние, сѐ ќе си поставиме прашање дали овие „помошници дипломати, специјални“ условно наречени, одат кај соседните земји со договор на премиерот и претседателот или сами од себе „сами од главата“. Чии интереси застапуваат. Ами таму што се не нарекуваат по враќањето дома. Какви не обвинувања не нарекоа за народот од нивниот коалициски партнер!? Овој сомнеж како да го потврди и еден министер што се побуни што на еден важен собир, пред извесно време, не бил поканет претставник на една земја од Западен Балкан. Тој, нашиот дипломат заборави дека ја претставува Р. Македонија, а не други балкански земји. Имаше забелешки за тоа. Не слушнав каков коментар на тоа даде премиерот. Во ова кратко осврнување кон дипломатите треба да го ставиме поранешниот политичар Љ. Георгиевски.
На неговите гафови колку неадекватно реагираа неговите сопартијци, па луѓето од самиот врв на државата, па и самиот народ. Па тој од школски клупи без еден ден стаж стана премиер. Новинарот:„Што си по нација?“, тој: Историјата ќе каже, или „80 отсто од вмровците се за Бугарија“?!. Новинарот: „Дали си богат?“, Љупчо: „Па, како и секој бизнисмен“. А никогаш ништо не работел, немал фирми; освен ако имал фирми на стрина му, тетка му, вујна му итн. Мислам г. Мицкоски не треба да бара појачување на својата партија од вакви авторитети „недефинирани луѓе“. Љупчо ми личи на шофер што бара да го вози автобусот Р. Македонија полн со патници и во првата провалија ќе го однесе во Бугарија. Такви образи не смеат да се качат на политичката сцена на Р. Македонија. Овој, Љупчо многу ми личи на Хрватот Стипе Месиќ. Него го прашуваат, г. Месиќ како ем не ја признаваш Југославија ем сакаш да ѝ бидеш претседател? Тој одговара: „Така можам најлесно да ја растурам, како претседател на Југославија“. А што Љупчо продаваше фирми во четири очи, и тоа големи, а што во четири очи преговараше со странски политичари и бизнисмени? Тоа е друга и долга приказна. А на крај, за утеха, кои се најлоши дипломати во соседствово и подалеку? Се знае, најслаби се грчките, но нема кој да им парира. Тоа е посебна тема. А најлош и најсмешен е еден германски несуден преговарач и „дипломат“, Рудолф Хес.
Катастрофа од дипломат. Германски нацистички политичар, еден од главните соработници на Хитлер. Негов заменик. Рудолф Хес, 1941 година, бидејќи беше авијатичар уште од Првата светска војна со авион без да знае Хитлер и другите фашистички главешини, со авионот слета негде на некои ливади во В. Британија. Целта му била да преговара за сепаратен мир со Британија. Беше затворен до крајот на Втората светска војна во Британија. А 1945 година во Нирнберг беше осуден доживотно и чмаеше во замокот Шпандау. Луд фашизам, уште полуд фашистички политичар и дипломат. Драги читатели, ми се провлече уште една реченица. Многу наши политичари почнуваат како експерти дипломати па потоа се јавуваат како тоа да им е хоби, па аматери се уште потоа како дилетанти и аналфабети, а често се прават наудрени, и без образ и срам ама сигурно можеме да констатираме дека ја навратуваат водата на туѓи воденици.
(Крај)
(Никола Масалковски)