Владата, за целиот тој период, самоуверено јаваше на договорот, иако и од претставниците на меѓународната заедница и од дел на домашната јавност јасно ѝ се укажуваше дека има уште многу за работа, дека договорот беше главниот, но не и единствениот услов за започнување на преговорите. Реформи, борба против корупцијата, департизирање на институциите…! До кога веќе да се повторува?! До октомври? Кога Советот за општи работи на Унијата повторно треба да расправа за Македонија и за Албанија. Или и понатаму? Бидејќи, и покрај оптимизмот на Заев, нема никакви гаранции дека тогаш ќе биде доделен датум за почеток на преговорите за Македонија и за Албанија. А сосема е извесно дека дотогаш би можело дополнително да се зголеми бројот на земјите што можеби нема директно да го блокираат, но, секако, ќе се обидат да го забават процесот со разни изговори
Сексуалната привлечност, сепак, не била доволно заемна за да послужи како главен критериум за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ. Исто како што и промената на државното име не била единствениот услов за зачленување во Унијата. И фала му на бога дека е така. Зашто во спротивно, сѐ би се сведувало на секс, што, се разбира, во одредени ситуации може да биде угодно, но никако не би било добро за општото здравје на населението во оваа многупати излажана и измамена земја. Секс значи нема, но лаги и измами има. И тоа во изобилство, што, впрочем, е и една од главните карактеристики на политиката, како на домашната, така и на европската сцена. Но македонскиот премиер Зоран Заев очигледно погрешно го сфатил сето тоа. Инаку, немаше да нѐ убедува, и нас и светот, во брилијантните постигнувања на неговата влада додека речиси во континуитет најавува дека „ете, веќе од наредната недела“ ќе ги реконструира неефикасните министри и директори и ќе ги измете корумпираните владини функционери и службеници од сите нивоа. А никако немаше да им се додворува на европските моќници изјавувајќи дека „Европа мора да остане најсексипилната дама во светот за да нѐ мотивира да продолжиме по европскиот пат“. Уф, ова беше тешко дури и за цитирање. И уште едно „никако“. По завчерашниот состанок во Луксембург, Заев никако не смееше да изјави оти „следува целосен успех во октомври и почеток на преговорите до крајот на годината“. Можеби неговиот оптимизам е безграничен, но потценувањето на јавноста мора да има некакви граници. А за тие што можеби нешто пропуштиле, на завчерашниот состанок во Луксембург, претставниците на земјите-членки на Европската Унија не успеаја да се договорат за датум за почеток на преговори за Македонија и за Албанија, во што како во веќе однапред завршена работа се уверуваше јавноста во текот на изминатава година откако беше потпишан договорот за надминување на спорот за името со Грција.
Владата, во целиот тој период, самоуверено јаваше на договорот иако и од претставниците на меѓународната заедница и од дел на домашната јавност јасно ѝ се укажуваше дека има уште многу за работа, дека договорот беше главниот, но не и единствениот услов за започнување на преговорите. Реформи, борба против корупцијата, департизирање на институциите…! До кога веќе да се повторува?! До октомври? Кога Советот за општи работи на Унијата повторно треба да расправа за Македонија и за Албанија. Или и понатаму? Бидејќи, и покрај оптимизмот на Заев, нема никакви гаранции дека тогаш ќе биде доделен датум за почеток на преговори за Македонија и за Албанија.
А сосема е извесно дека дотогаш би можело дополнително да се зголеми бројот на земјите што можеби нема директно да го блокираат, но, секако, ќе се обидат да го забават процесот со разни изговори, од процедуралните, со каков штотуку се послужи Германија, преку дефокусирањето, како што тоа го направија Грција и Кипар со барањето за санкционирање на Турција поради нејзините активности во источниот Медитеран, до суштинските, какво што е проблематизирањето на апсорпциската моќ на Унијата и интегративната способност на кандидатките за зачленување. Паралелно со тоа, внатрешните проблеми, како во Македонија, така и во Албанија, се мултиплицираат, а првичното воодушевување на меѓународната заедница од „напредокот“ на Македонија поради постигнувањето на договорот со Грција спласнува.
Тоа индиректно го потврдија и некои од европските челници, изјавувајќи дека бројот на земјите што имаат одредени резерви во однос на проширувањето на Унијата се зголемува, иако не во обемот што, на крајно невешт начин, на јавноста се обиде да ѝ го прикаже еден од поекспонираните опозиционери во земјава.
Имено, кои точно држави завчера побарале одложување на одлуката досега не е обелоденето, но се знае дека во групата земји што безрезервно и отворено се залагаат за отворање на преговорите со Македонија и со Албанија се Чешка, Естонија, Бугарија, Унгарија, Литванија, Летонија, Австрија, Полска, Хрватска, Малта, Италија, Словачка и Словенија. Исто така, од порано е познато дека на започнувањето на преговорите со Македонија и со Албанија особено му се противат Франција и Холандија поради незадоволството од борбата против корупцијата, од што, впрочем, се незадоволни и граѓаните на овие две земји. Како и од уште некои работи.
И кога сите овие елементи, заедно со неброените лаги и измами, и помалку секс, ќе се сложат во еден мозаик, настанува мошне заматена слика, или со бриселски речник кажано, нејасна европска перспектива на Македонија, на која вчера и самиот министер за надворешни работи Никола Димитров, крајно недипломатски, ѝ се закани со ставање точка доколку во октомври не биде добиен датум за почеток на преговорите. Со тоа Димитров не само што надвор од сите дипломатски манири му се обрати на Брисел туку и целосно го релативизира само еден ден порано изнесеното тврдење на својот шеф, Заев, дека во октомври сигурно ќе има датум за почеток на преговори. Или Заев и Димитров можеби сега глумат добар и лош полицаец пред Европската Унија, или тие се уште понеусогласени од европските челници?
А кога станува збор за сите досегашни обиди за оживување на драмското дејство, можеби е вредно да се спомене оти бриселските дипломати, кога станува збор за проширувањето, веќе со години ја вртат фразата: „Ние (државите-членки) глумиме дека сакаме да примиме нови членки, а тие (земјите-кандидати) глумат оти се подготвени да ги спроведат реформите“. Но сега веќе и со глумењето се претера.