Веќе одреден период трговските тензии меѓу САД и Кина се чини станаа „новата нормала“. Откако двете држави воведоа високи царини на значителен дел од увозот, американскиот претседател Доналд Трамп како да се воздржа од понатамошна ескалација. Но по уште една неубедлива рунда трговски разговори, Трамп најави дека САД од 1 септември ќе воведат царини од десет отсто на дополнителни кинески стоки во вредност од 300 милијарди долари.
Ако стапи во сила оваа мерка, речиси целиот увоз на САД од Кина ќе подлежи на царини. САД веќе пресметуваат царини од 25 отсто на увоз од Кина вреден 250 милијарди долари. Иако САД во својата трговска војна со Кина воведоа и нецарински бариери, реципрочните тарифи се највидливата компонента од спорот и тие веројатно многу повеќе ќе им наштетат на САД. Еден начин да се спореди рестриктивноста на трговските политики на земјите е да се разгледаат нивните просечни царини. За САД, тоа навидум нуди една смирувачка слика. Пред да ја преземе Трамп претседателската функција, просечните царини на САД за индустрискиот увоз беа околу два отсто, нешто пониски од тие на Кина. Дури и под водство на Трамп, оваа бројка (досега) не се зголемуваше многу. Увозот од Кина претставува околу една четвртина од вкупниот увоз на САД, а царините од 25 отсто се однесуваат на половина од увезената кинеска стока. Ова подразбира дека просечната царина за увоз на САД е зголемена за околу три проценти, на околу пет отсто, што и не изгледа многу претерано.
Но просечната царина знае да мами. Економската теорија вели оти царините имаат непропорционално негативно влијание врз благосостојбата на потрошувачите и производителите. Удвојувањето на царината ќе доведе до двојно поголема загуба на благосостојбата. Тарифата од 25 отсто за ограничен дел на трговијата е многу посериозна од просечната тарифа од три отсто. Многу држави имаат високи царини за увоз на одреден број специфични производи, со стапка од над 15 отсто, што обично се смета за највисока стапка.
Покрај тоа, тарифите на Трамп се дискриминирачки во однос на Кина. Царината од 25 отсто се однесува само на кинеските производители, а не на нивните европски, латиноамерикански или азиски конкуренти. Ваквата тарифа за една земја е иста како наплатата на општа тарифа за вкупниот увоз, при што се субвенционира производството на конкурентни производители надвор од Кина. Оваа субвенција ја плаќаат американските потрошувачи преку повисоки цени.
Бидејќи некинеските производители можат да ги зголемат своите цени до 25 отсто и да останат конкурентни во САД, цените за американските потрошувачи веројатно ќе се зголемат и ќе опфатат широк спектар стоки. Индиректниот ефект од тарифите на Трамп кон Кина во однос на потрошувачките цени веројатно ќе биде многу поголем од неодамнешната процена на директно влијание од само 0,1 отсто. Овие индиректни штетни последици од тарифите за специфична земја се главната причина зошто принципот на „најпривилегирана нација“ одамна е камен-темелник на глобалниот трговски систем. Повеќето студии посочуваат дека кинеските производители не ги намалија своите цени поради тарифите на Трамп. Дури и да го сторат тоа, малата придобивка од пониските кинески цени за американските потрошувачи ќе биде надмината од повисоките цени на конкурентниот увоз, пренасочен кон американскиот пазар поради царините на Трамп фокусирани на земја.
И покрај тоа што Кина претходно воведе реципрочни царини од 25 отсто на многу увезени стоки од САД, негативното влијание врз кинеската економија веројатно ќе биде ограничено, бидејќи американските стоки се помалку од една десеттина од вкупниот увоз на Кина. Кинеските одмазднички тарифи имаат мало влијание врз кинеската економија. Кина ги намали царините за увоз од остатокот на светот. Голем дел од увозот на Кина од САД се состои од земјоделски производи како соја, кои земјата би можела лесно да ги увезува по слична цена од Бразил. Истовремено, САД веројатно би извезувале повеќе соја на пазарите што претходно беа услужувани од бразилските производители, вклучувајќи и во Европа. Ова би можело да го намали трговскиот дефицит на Америка со Европа и би го олеснило притисокот на САД врз ЕУ.
САД ги засилија и нетарифните бариери како дел од агресивната трговска политика кон Кина. Трамп го стави кинескиот технолошки гигант „Хуавеи“ на црна листа на фирми на кои на американските фирми им е забрането да им продаваат производи.
Точно, Трамп рече и дека американските фирми треба да ги обезбедат потребните лиценци за да продолжат со снабдување на „Хуавеи“. Но отсега американските компании двапати ќе размислат пред да склучат долгорочни договори со „Хуавеи“ или со други истакнати кинески фирми, кои може да бидат изложени на ризик од блокада.
Во меѓувреме, кинеската влада и компаниите ги удвојуваат напорите да станат независни од САД како извор на клучни технолошки компоненти. Самата закана од црна листа отсега ќе дејствува како значајна скриена бариера во трговијата меѓу САД и Кина. Бидејќи оваа бариера е исто така дискриминаторска (насочена е само кон Кина), таа ќе ги има истите високи трошоци како и царините специфични за земјата.
Економската анализа укажува дека билатералните трговски војни се неизводливи во еден меѓусебно поврзан свет. Со најновиот трговски напад против Кина, Трамп дополнително го зголеми влогот во штетниот спор, од кој Америка веројатно ќе излезе како поголем губитник.
Авторот е директор на Центарот за студии на европската политика