Разоружени на Денот на востанието

Она што загрижува е безидејноста, немањето јасен став на домашните политички структури во однос на сите актуелни предизвици со кои се соочува државата. Се чини дека и годинава Денот на востанието го одбележуваме целосно политички разоружени, поделени, без јасни позиции и стрaтегија на што сме, што сакаме и каде одиме. Без доктрина за државните и националните интереси, без став за нашите црвени линии во однос на идентитетските прашања, притисоците и уцените што доаѓаат однадвор

Пак иста песна. По секој извештај на Европската комисија за реформите и напредокот на Македонија, македонските граѓани слушаат едни исти рефрени. Власта, која и да е, вообичаено го велича извештајот како исчекор напред и големо достигнувaње, додека опозицијата, која и да е, ја клевети власта за тотално промашување и фијаско, повикувајќи се на истиот тој извештај. Што всушност читаат домашните политичари?
Како да се работи за два сосема различни извештаи, а не еден ист документ. Секој го нагласува и чита она што нему најмногу му одговара, сосема занемарувајќи го тоа што не му е по ќеф.
Извештајот, добар или лош, не го подобрува животот во Македонија. Тоа е, сепак, задача на нас самите.
Од друга страна, ако напишаното во документот се преслика на полето на егзактните бројки и математиката, се добива некоја средна оценка од 3,11. Така барем ни објасни заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, оценувајќи го извештајот со 3,11.
Лани сме биле 3,06, додека годинава сме 3,11. Значи, подобрување и напредок од 0,05 поени.
Е баш „голем“ напредок. Чиста нула. Значи, во споредба со ланскиот, годинашниот извештај е бравурозен лет во место. Тоа е реалноста и фактичката состојба, без разлика кој како ни ја прикажува и со какви очила ја гледа.
На македонските граѓани, пак, воопшто не им треба извештај за да ги осознаат вистинските состојби. Уверен сум дека тие многу подобро од Брисел знаат каде состојбите се добри, каде најмногу чкрипи и кои се причините за тоа
Не треба ЕК да ни каже дека слабо стоиме во борбата со корупцијата. Или дека јавната администрација и судството сѐ уште ни се голем проблем. Истото тоа ќе ви го каже кој било бербер, пазарџија, таксист или кој било друг во земјава.

Се чини дека извештаите на Европската комисија веќе никого во државата премногу не го потресуваат или интригираат освен политичарите. Во својата суштина извештаите на ЕК се бирократски, дипломатски дизајнирани документи, каде што таксативно и дозирано се посочуваат добри и помалку добри работи. По принципот топло-ладно. Понекогаш она што има многу поголема тежина во овие извештаи треба да се пронајде или меѓу редови или да се насетува.
Така и во годинашниот извештај. Во делот за односите со соседите сосема накратко се посочува дека е важно да продолжи спроведување на договорите за добрососедство со Бугарија и со Грција. Така сувопарно напишано, тоа не значи ништо посебно. Но потоа еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи допатува во Скопје за да ја дообјасни пораката скриена во оваа реченица што ни ја испраќа Брисел. Вархеи јасно и гласно порача дека ова е моментот за да се постигне договор со Бугарија и да се најде решение за прашањата што предизвикуваат недоразбирања.
И притоа не пропушти да нагласи дека без да се расчистат недоразбирањата со Бугарија, ќе биде многу тешко работите да се придвижат напред.
Токму ваквото повикување на решавање на проблемите и недоразбирањата низ „меѓусебен дијалог“ го видовме претходно низ примерот со Грција. Тој „дијалог“, како што го нарекува Брисел, заврши со промена на уставното име на државата. Како ли ќе заврши сега „дијалогот“ со Бугарија? И дали вооппшто е можен каков било конструктивен дијалог со некој што настапува од позиција на сила и притоа има мегаломански претензии и аспирации кон македонскиот јазик, историја и идентитет? Тоа е како волкот и јагнето да ги терате да ги решат недоразбирањата преку заемен дијалог. Притисоците и уцените станаа своевиден бенчмарк на „добрососедската“ политика кон Македонија.

Бугарија бара целосно бришење на формулацијата македонски јазик, како единствено преостанато идентитетско обележје на македонскиот народ и држава по промената на името. Уцената со бугарското барање за преиначување на историјата и бришење на македонскиот јазик како услов за ЕУ е веројатно врвот на т.н. „добрососедска политика“ на Бугарија кон нашата земја, која многу поточно е да се именува како политика на уцена и уништување. Сосема во право е холандскиот експерт за Западен Балкан, Ханс ван дер Берг, кој во една пригода, осврнувајќи се на состојбите и пригодите во Македонија, запраша кому му требаат непријатели при соседи како Грција и Бугарија. Навистина, можен ли е плоден и конструктивен дијалог со негатори и уценувачи? Тоа ќе биде сизифовска работа за Македонија.
Во едно вакво светло на новиот извештај на ЕК, Македонија в недела го празнува 11 Октомври, Денот на народното оружено востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор. Празникот 11 Октомври е повод да се присетиме и да им се поклониме на сите борци што се исправиле пред предизвикот на својата генерација и храбро ја повеле борбата што ја стави Македонија на страната на победниците и поборниците за мирот, слободата, демократијата и почитувањето на човековите права. Бугарија тогаш беше на спротивната страна, на страната на Оската, фашизмот, деструкцијата и окупацијата. Таа нејзина поразена политика во однос кон Македонија изгледа сѐ уште тлее и продолжува и денес.
Но она што веројатно многу повеќе загрижува е безидејноста, немањето јасен став на домашните политички структури во однос на сите актуелни предизвици со кои се соочува државата.
Се чини дека и годинава Денот на востанието го одбележуваме целосно политички разоружени, поделени, без јасни позиции и стратегија на што сме, што сакаме и каде одиме. Без доктрина за државните и националните интереси, без став за нашите црвени линии во однос на идентитетските прашања, притисоците и уцените однадвор. Примерите од поблиската и подалечната историја покажуваат дека секогаш кога граѓаните и политичките елити биле поделени, разединети и раскарани, државата губела, на домашен и меѓународен план.

Токму во таа насока е и симболиката на изразот разоружени. Но ако нешто е потребно во ова време-невреме за Македонија е веројатно некој вид внатрешно востание на свеста и совеста. Будење на возвишеното чувство на родољубивост, кај оние што го потиснале длабоко во себе или можеби го изгубиле.
Зашто за да успеете да се одбраните од идните можни притисоци неопходно е претходно добро да се вооружите со мудрост и знаење. Да не го заборавате минатото и да ги имате секогаш на ум историската вистина и факти. Нема држава што опстојала, а притоа се одрекла од својата историја, своите борци или своите идентитетски обележја.
Македонија нема од што да се срами. Напротив, има многу нешта за да се гордее, кога станува збор за нејзината историја и минато. Само така, со крената глава и со истакнување на сите заслуги и придобивки од нашето херојско минато, ќе им оддадеме и најдобро признание на сите паднати борци и жртви за слободна и независна Македонија.
Нека ни е честит Денот на востанието – 11 Октомври.

[email protected]


ОД РЕДАКЦИЈАТА:

Редовниот саботен коментар на нашиот главен и одговорен уредник Александар Димковски е напишан пред големата загуба што му се случи во семејството. Со длабоко сочувство кон него и неговото семејство, му изразуваме силна поддршка за него и за семејството и наедно му благодариме на нашиот главни уредник за неговиот професионален и стоички став и однос, во најтешките моменти за него и неговите најблиски.