„Тешките времиња“ се плодна земја за креативност
Карантинот е повод за мене да научам како е да се забави, правејќи простор за емоции и мисли, кои честопати се задушени од обврски. Часовите ми се убаво исполнети со читање, надградување и оддишка. Се негувам со книгите што долго стоеја по полици, ги слушам сите поткасти за кои никогаш немав доволно внимание, а и едноставно уживам на тераса со пијачка и музиката на птиците, оставајќи си време да сфатам каде сум и каде сакам да бидам.
Свесна сум за привилегијата што ја имам. Седам дома, додека многу други луѓе неуморно работат. Затоа на социјалните мрежи уште првата недела почнав да споделувам интересни модни факти и приказни (#learnsomethingneweveryday), а од неодамна и модни совети и трикови дополнети со илустрациите на Моки. Сметам дека дизајнерите и брендовите сега треба да градат подлабоки врски со своите клиенти и пресреќна сум за одличните реакции што ги добивам.
Велат дека „тешките времиња“ се плодна земја за екстремен наплив на креативност. Верувам дека ние локалните креативци и дизајнери ќе го докажеме тоа во периодот што следува.
Можеби по сево ова и конечно како луѓе ќе го откриеме она што е важно, ќе се справиме со отпадот, прекумерната потрошувачка, површноста што ги затрупа нашите умови и алчноста што ја уништува нашата околина. А дотогаш, редовно да миеме раце, да носиме маски и да се чуваме себеси и најблиските. И да купиме нешто од локален мал бизнис.