Веќе години, а не само и овие денови, се говори за состојбите во нашето образование. Коментарите се од природа колку сме писмени, колку квалитетно односно неквалитетно образование имаме, какви програми имаме, а какви ни се потребни… Треба веднаш да се каже дека сѐ што ќе се изнесе се однесува на сите степени на образование од основно преку високо до докторските студии. Впрочем, во најголем дел сакам да ги изнесам состојбите во основното образование бидејќи од тука се започнува.
Карактеристични се последниве две декади од ова образование кога бројот на ученици за последниве десет години е намален за околу 40.000, или од 231.000 е намален на 191.000. Но што е карактеристично во сето тоа? Бројот на наставници во тој десетгодишен период од учебната 2007/2008 до учебната 2017/2018 година е зголемен за околу три илјади или од 15.000 на 18.000. Истовремено е намален и бројот на училиштата, од 996 на 989.
И покрај намалениот број на ученици и зголемениот број на наставници, зголемен е и бројот на паралелки и тоа за околу 430 или, од 10.700 на 11.030. Сето наведено како бројка заслужува длабинска анализа од повеќе аспекти, бидејќи сметам дека од страна на надлежното министерство и од неколку други тела што се во неговиот состав или надлежност, не е посветено доволно внимание на тековното работење. Ова можам да го потврдам врз основа на моите децениски длабински и сериозни анализи за кои постојат официјални податоци.
Намалувањето на бројот на учениците е резултат на намалениот наталитет и на иселувањето на населението од земјава. За едната појава имаме податоци, а за другата појава немаме официјални податоци бидејќи истите тие не се следат од ниедна институција во државава. Меѓутоа, врз основа на бројот на учениците, може да се оцени каде се намалува, а каде се зголемува бројот на населението. Така, регион со најголем број ученици е скопскиот каде што има 33,9 отсто од учениците опфатени во основното образование, а истовремено има и најмногу паралелки 26,6 проценти и наставници – 26,2 отсто. Потоа следува полошкиот, југозападниот, североисточниот регион итн. За разлика од нив, вардарскиот регион има најмалку училишта, паралелки, ученици и наставници, а блиску до него се и источниот и југоисточниот регион, по сите параметри.
При пошироки анализи на ниво на општини се доаѓа до констатација дека навистина не им се посветува доволно внимание на наведените параметри. Јасно е дека во поединечни општини треба бројот на кој било елемент да се намали или да се зголеми во зависност од состојбите, но, да постојат толку големи разлики е нелогично и неразбирливо. Појавите на намалување на ученици, училишта, паралелки и наставници во источниот, југоисточниот и во вардарскиот регион е во ред, меѓутоа зголемувањето е неприфатливо. Затоа ќе наведам само неколку примери за да се сфати суштината, а може сето тоа и длабински од страна на надлежните институции да се провери.
Во општината Тетово само од една во друга учебна година бројот на наставници е зголемен за 111, во Прилеп за 30, во Ресен за 15… Има и општини во кои како да правеле фискултура со бројките. Така, во општините Кратово и Крива Паланка една година има 108 наставници, друга 88, трета 118, четврта 105, петта 120, што навистина е смешно. Податоците се официјални и се објавени, меѓутоа никој од надлежните не се нафатил да ги анализира.
Истовремено сакам да кажам и тоа дека податоците се објавуваат во почетокот и на крајот на учебната година. Податоците се објавуваат со големо задоцнување, од 10 до 12 месеци. И оваа појава треба да биде предмет за размислување во надлежното министерство. А доколку се анализираат податоците од почетокот и од крајот на истата учебна година, ќе се дојде до разлики од 2.000 до 3.000 во бројот на учениците, односно на крајот на учебната година има и за по неколку илјади помалку ученици отколку во почетокот. И оваа појава заслужува внимание и длабинска анализа.
И состојбите во средното образование се скоро идентични. И овде бројот на ученици се намалува, а се зголемува бројот на училишта и наставници. Секако, треба да се спомне и високото образование каде што бројот на дипломирани студенти од 2001 до 2002 година е доста зголемен и тој просечно годишно изнесува околу 9.000 што е енормно зголемување во однос на претходниот период.
Заслужува внимание и бројот на магистри и доктори на науки. Последните податоци од 2017 година се дека бројот на магистри е околу 2.200, а на доктори на науки околу 220. Од направените анализи за изминатите петнаесетина години може да се констатира дека енормно порасна бројот на дипломирани студенти, магистри и доктори на науки. Посебно ако се имаат предвид податоците од пописот на населението од 2002 година, каде што бројот на дипломирани на ниво на држава беше околу 105.000, магистри имаше околу 2.800, а доктори на науки околу 2.100. Сметам дека не е потребен посебен коментар за рапидниот пораст. На сето наведено како бројка стојат коментари дека немаме квалитетно образование, немаме доволно стручен кадар, не ја знаеме азбуката…, а што веќе е кажано од надлежните светски институции како што се ОЕЦД, Светска банка итн.
По сето ова и по сѐ што стигнува како коментар за нашето образование, се тргна кон одредени активности, кон одредени реформи и тоа во сите нивоа на образованието. Но она што треба итно да се преземе е да се направи анализа каков кадар имаме во образованието, каква е компетентноста на наставниот кадар, какви програми имаме, какви часови имаме, дали и какви учебници имаме, како и кога објавуваме податоци, каква усогласеност во работењето имаме, какво знаење стекнуваме… Владата најави одредени мерки и активности и вети дека тие ќе бидат брзи и ефикасни, а сведок ќе биде времето.
М-р Дончо Герасимовски, аналитичар