ОВАА СЛИКА НЕ ЈА СТАВАЈТЕ НЕ ЈА ПОВЛЕКУВА ФЕЈСБУК

И мојата претходна колумна („Русофобија“) му беше посветена на феноменот фобија. Додека сега тој поим од планетарно е симнат на ниско провинциско рамниште, но тој што го читал Чехов, посебно него, ќе знае дека и тоа не е за потценување. Напротив. Сеедно. Претпоставувам, драг читателу, веќе знаеш дека станува збор за збирката поезија, резултат на проектот за млади поети на Агенцијата за млади и спорт. Но никој не помислуваше дека оваа тенка книшка ќе предизвика толкав голем јавен медиумски, па и политички интерес, „аналитичка“ егзегеза и сурова осуда.

Нејзин предмет за тоа се само две песни: „Моите соседи“ и „Партиски вработена“, потпишани од младиот Даниел Пиљаковски. Капка во чаша вода меѓу 44-те застапени песни, која предизвика бура, причина за јавен медиумски, па и политички линч. За случајот се изјасни дури и премиерот. И за чудо, тој тука испадна најагресивен и најавангарден, категорично одбивајќи да го смени, во име на „слободата“ на изразот и убедувањето, директорот на Агенцијата што ја издала грешната стихозбирка, како и да преземе санкции против авторот на инкриминираните песни. Веројатно на човекот му е доста од барање „терористи“. До гуша е заситен од нив од таканаречениот „крвав четврток“. Да. Па стручната поетска и теориска анализа Премиерот интелигентно, или интуитивно, сеедно, ѝ ја препушти на забеганата врхушка на ДПМНЕ (им го ускратувам акронимот ВМРО, кој од поодамна не го заслужуваат и го валкаат), која безглаво ѝ се приклучи на оваа хајка на поетскиот ѕвер, без да знаат за што суштински станува збор. Многу шум за ништо, како што би рекол Шекспир во насловот на својата позната комедија. Главниот удар во случајот е насочен кон директорот на Агенцијата, додека инкримираниот поет е сè уште на изглед „безбеден“.

Но не е чудо некој од нашите медиуми и политички „експерти“ за поезија да побара негово протерување од нашата „идеална држава“, по примерот на славниот Платон, кој поетите ги сметаше за неморални. Нему му пречеа Хомер и Хесоид затоа што ги критикуваа омилените богови, архетипови на неговиот идеалистички филозофски универзум. Парадоксален, пак, е фактот дека и покрај Платоновиот анимозитет кон поетите, тој до денешни времиња остана најинспиративниот поетски филозоф. Трубадурите, Гете, Соловјов и Блок кај Русите, сите поаѓаа од неговиот идеалистички концепт за Убавината и Вечно Женското во универзумот. Така. Но анимозитетот кон поезијата и поетите („Чуму поети во скудно време?“ – Хелдерлин) е присутен и тлее под кората на сите општества во разни епохи, од каде што сепак во „погоден“ момент излегува на површина. Постојат многу примери на духовна инквизиција насочена кон автори и книги.

Во Франција, перфидно диктаторска и демократска истовремено, за која мислиме отсекогаш дека била најлиберална, има две славни литературни судења на смрт на две славни книги, потпишани исто така од славни автори што си ја обезбедиле не само својата, туку и литерарната и уметничка слава и на нивната татковина што ги шиканирала инквизициски. Тоа се: „Цвеќињата на злото“, книга што ја обележа европската модерна, на Шарл Бодлер, и романот „Госпоѓа Бовари“ на можеби најмаркантниот стилист во литературата Гистав Флобер. Краен резултат: И делата и авторите од тие срамни процеси преживеаја. Не преживеаја нивните инквизитори. Туку оваа дигресија (не негодувај, драг читателу) само се вика контекст во темата на оваа наша колумна, оти авторот на инкримираните песни во нашиот случај што кренаа „морална“ пуристичка бура не е ни Бодлер, ни Флобер.

Но аналоген со него е спорот, јавниот линч на поезијата што ги збесна нашите општествени и „морални“ пуританци. Но, што е најпарадоксално тука е тоа што се појавија куп(ишта) „експерти“ и „аналитичари“ на зададената тема под општ наслов: поезија. Добро. Тоа донекаде е и „нормално“ во земја со најголем број такви аналитички експертски гении на квадратен метар во светот. Но за волја на вистината, без да ги потценам чевларскиот занает и чевларите, тие се во областа за која зборуваме и под чевларите. Не дај боже тие да направат и чевли; ти отидоа нозете при првиот чекор. Веќе знаеш, интелигентен читателу дека, алудирам на славната анегдота на Апелес, личниот сликар на Александар Македонски на кого му се намерачил Грчев и преостанатата антиквизациска багра. Имено, Апелес, бил сјаен портретист, но сакал да го знае и судот на обичниот човек за неговата уметност, па затоа еднаш го изложил својот насликан портрет во цел раст на плоштадот во Пала и се скрил зад него за да ги слуша коментарите на минувачите.

Секој коментирал по свое. Исто така и еден чевлар што застанал пред портретот и му нашол „сериозни“ мани на неговиот лик. Е, тогаш, разлутен, Апелес излегол од зад платното и му свикал на чевларот: „Ти не си квалификуван ни надарен да судиш погоре од чевлите“. Тоа. Такви како чевларот на Апелес, стручњаци по сè, па и по уметност што никогаш ја нема допрено нивната душа, куравте експерти, како што би рекле пријателите од Шутка, сега се дерат на сет „експертски“ глас анализирајќи ги инкримираните песни во стихозбирката на Агенцијата за млади и спорт. Туку, какви се двете инкриминирани песни од „Збирка поезија“? Едната се вика „Моите соседи“, а другата „Партиски вработена“. Првата е обвинета за етнички расизам и ксенофобија (!?), а втората за „сексизам“ и вулгаризам. Во првата авторот зборува за неговите соседи Агим, Бурим, Ветон, Дардан, Ѓерѓ, Крешник, Луан (…) од кои еден е шофер, друг шнајдер, трет швајсер, па шверцер, шмеќер, шпедитер, штрајкбрехер итн. Нема ни еден од 27-те тазе наименувани директори – Албанци од владината коалиција, но ни наведените занимања не се за потценување.

И дотука нема ништо грешка во оваа песна. Грешката е побарана во двата завршни стиха, окарактеризирани како „говор на омраза“, а тие гласат: „Опкружен со толку скиптари / се чувствувам како цар.“ Се крена голем шум. Реагираше остро и Беса, која кажа дека покрај „говор на омраза“ тука има и ксенофобија, и сè заради зборчето скиптари, множина од скиптар, латинизам, синонимен со зборот жезол, инсигнија за царски суверенитет и моќ. Арно ама сега тука проработи синдромот „ишкање на мувата од капата“, па некој тоа скиптари (жезли) го прочитал како Шиптари, што ќе рече Албанци, назив што ги навредува нив ако го употребат каурите, иако самите се викаат меѓу себе така. За тоа имаше речиси нерешлив проблем во МАНУ со нејзината калпава Енциклопедија, која нашите тибетски мудреци ја ставија во бункер и на клада.

Значи, не е Шиптари, туку скиптари, но сепак фигурата аналогија, асоцијативна поетска игра, како што ја барал неа некој, ја доведува мувата на капата, па Беса тука наоѓа ксенофобија на Македонците кон Албанците (!?), иако македонскиот народ не е познат како таков. Напротив. Како за илустрација да ги потсетиме господата од таа ариевска етничка партија дека по бомбардирањето на НАТО на Србите и Албанците од Косово до Белград 1999 година Македонија, ни крива ни должна, прими над 350.000 косовски бегалци. А пред тоа, пак, на над 150.000 од нив владата на Киро Глигоров и Бранко Црвенковски бланко им даде македонско државјанство. Етнички потоп за една мала земја. И, ете го значи примерот на македонската ксенофобија!!! Но, сега, како им се заблагодарија за гостопримството Албанците на Македонците, за што им рече Ричард Гир од Холивуд дека треба да им бидат вечно благодарни? Им се заблагодарија, тажен факт, со тероризмот од 2001-ва.

А потоа во Арачиново им ги палеа и куќите само за да бидат ариевски чисти, затворени во чисто етничко гето. Тоа. Е, сега за втората инкриминирана песна „Партиски вработена“. Таа е навистина екстрасубверзивна, со еротски елан и со едната нога речиси стапната во подрачјето на „порнографијата“. Во неа се пее дури и за „корнишонот на премиерот“ (активиран е фалусниот симболизам), поради што многу се возбуди и „Слободен печат“, ставајќи силен акцент на „порнографското“ и на „говорот на омраза“ во двете инкриминирани песни. Тие во чии текстови, имено, видовме енормно количество таков говор и толку многу порнографска и фекална лексика, особено кај еден нивен новинар што го имаат за врховен тотем.

Тие, кои си го земаат правото да бидат наши просветителски профети од типот на Волтер и Дидро. Порнографи во занаетот, а сепак со длабоко навлечена пуританска маска, тие сигурно не ја виделе антологијата на Данило Киш на француската еротска поезија за да ги осудат и Рембо и Верлен за поетска, порнографска непристојност и вулгаризам. Туку, нешто и од теориски аспект за двете страшно и смешно инкриминирани песни, кои сепак испадна дека се чиста мистификација на професорот по математика Александар Блажевски, негов ученик чиј идентитет го позајмил тој. Но да не должиме, драг читателу, при крај сме. Во случајот се работи за таканаречената субверзивна поезија, или поарно постмодерна постапка, која мене лично ми е туѓа, но не сум подготвен ни физички ни морално, како инквизиторите што испливаа кај нас на површина, неа да ја фрлам на клада. Не! Го сакам Платон, но не сакам да ги бркам од државата ниту поетите, ниту поезијата, што е исто.

Зборот ми е дека нашите политички, медиумски и други сезнајковци за оваа тема со инкриминираните песни ќе беше мудро да се консултираат за стручна експертиза со нашите универзитетски постмодернисти, деридовци, бодријаровци, па и фројдисти, конструктивисти, деконструктивисти, симулакровци итн. за да ни ја објаснат работата на нештата на нашите чевларски експерти и аналитичари што се распаѓаат по медиумските и политичките кабинети. Тоа драг читателу. Верувам дека ме разбра. Сепак, уште нешто. Иако не ги одобрив Платон и неговата репресија против поетите и Поезијата, се премислив, оти ѝ се приклучувам на неговата идеја за држава без поети и Поезија, па уште утре самоиницијативно ќе доставам предлог до нашата Влада и Парламентот да се укине таа толку многу штетна дисциплина, која борејќи се против таканаречениот вербален деликт, самата е тоа. Затоа: смрт на Поетите и на Поезијата! Драг пријателе, Платоне од македонското квазиинтелектуално мочуриште и политика, дали си сега конечно задоволен од мојата одлука?