Романот на Томас Вулф малкумина го прочитале, но стиховите на Бора Чорба се многу попознати. Со нив, на Фејсбук, Заев ја најави „бомбашката“ кампања, која подоцна доби стилизирано име „Вистината за Македонија“. Па, која е вистината? Ја гледаме или живееме во димна завеса? На почетокот на 2015 година предупредував за она што сега навистина се случува (покрај името, поради името, или наспроти името – како и да земете). Укажав на опасноста во пораките на кои се палеа заевистите: „Дај боже да цркнат душманите, па биди ангел на одмаздата, нека на својата кожа почувствуваат што значи беда, страв и болка“. Небаре Касандра, предупредив дека и ако СДСМ успее во битката, на Македонија ќе ѝ претстои долг период на закрепнување, ако до него воопшто и дојде. Не веруваа, ме обвинија за неутралност и релативизирање. Денес е доцна и да го признаат пустошот – не само поради агонијата со трагикомични елементи на турска серија (ќе заѕвони ли телефонот, кој кому ќе се јави, дали ќе се „земат“ на крајот). Битка за името не смее да запре, но силите треба да се штедат; она што политичките авантуристи го сметаат за крај е, всушност, почеток на крајот. Но, овој пат ќе ја заобиколам таа тема, барем за миг.
Оваа колумна е поттикната од забелешките на драг пријател од регионот, кој постојано ме опоменува: „Разбирам! Знам дека името (ти) е важно, ама погледни наоколу. Зарем нема други теми освен таа, а за кои вреди да се пишува?“ Се обидував да му објаснам дека живеам среде пропагандна војна (која Фрчкоски „научно“ ја елаборира како „продавање на договорот“ – а човекот е искусен во купопродажби, особено на договори кои ѝ ја запечатувале судбината на државата). На дното од длабока дупка, не гледам ништо освен дупката. Помислувам на пошироки, па и поважни теми, но кога ќе дојде мигот за колумна, ме совладува поривот и му се препуштам на ролеркостерот на кој живееме и од кој ни се врти во главата. А кому му е грижа за новата италијанска или шпанска влада, за одлуките на австриската да протера имами и затвори џамии, за подготовките на НАТО за војна со Русија или за Г6 + Трамп? Доминантната мантра за рајот во НАТО и ЕУ не дозволува (непријатни) детали, а сите што укажуваат на нив се злонамерници и „матни структури“ (да го цитирам Фрчкоски во дует со Блажевска). Но, чекајќи македонскиот Трамп да подзапре, сфаќам дека е незапирлив. Името е неговиот политички приоритет; за тоа и беше избран, не од народот, туку од надворешните моќници! За сѐ друго се покажа тотално неспособен, а за продавањето на името за „пет банки“ не е ни потребен умен човек. Напротив! Медиумската пропаганда си игра со „името“ како да е колач „топло-ладно“. ТВ-дебатите не само што се бесмислени и преџвакани, туку станаа мазохистички ритуал на (наводни) интелектуалци и аналитичари, кои божем разумно, објективно и „утилитаристички“, ја вивисецираат нацијата до последна клетка.
Со име или без него, нештата се одвиваат токму како во песната „Погледни го домот свој, ангеле“, и како што вети Заев (јадат живи). Да се резимира првата година на Владата е залуден потфат, бидејќи освен проширувањето (надградбата?) на „3-6-9“ во план „18“, невозможно е да се посочи макар една област во која има напредок. Ниту правда, ниту благосостојба, ниту морал, ниту идеја, ниту човекови права или слобода! Искомпромитирани до коска, борците за човекови права се не само неми (и вработени на државни јасли), туку прекувремено работат на „тезги“ во пропагандната машинерија. Најдобра илустрација е активистот, чиј глас се препознава во нарацијата на петминутната видео апологија на постигнувања на полицијата. Чудо за Гинис! Пред само една година ова беше полициска држава во која владееше полициска бруталност, имаше водени топови и гумени куршуми (ги има и сега), а сега милозвучно те убедуваат дека чудесно се претворила во сервис на граѓаните! Дека граѓаните се среќни и побезбедни зашто таа е поопремена од времето на Груевски! Со заносен тон зборува активистов за донациите што ги добила (за справување со бегалците од држави, кои се плашат од нив како ѓавол од крст), небаре демократија цвета од нив. Од полицијата, неспособна да се справи со бранот организирани провали по домовите, извршени од оние што Заев ги ослободи поради лошите услови во затворите, многу поуспешна е „полицијата на мислата“. Оние што до вчера беа отпораши (идентификувајќи се со српските) денес демонизираат секаков облик на отпор.
Кадровските решенија и реконструкцијата не се ни за споменување; повеќе од половина гарда (на чело со ДУИ) е истата од времето на режимот, а биографиите на функционерите се или лажирани или недостапни бидејќи биле „лични податоци“!? Реформите во правосудството ги преводи премиер, двојно амнестиран и еднаш прогласен за невин (затоа што не примил, туку „само“ барал поткуп!). Со години, титовистички, не го признаваше судот, не се појавуваше, давајќи лажни изговори, но никој не го приведе – сѐ додека не се појави СЈО, не го ослободија и од Пуч и од Поткуп! Неукоста ја покажа и кога се пофали дека ја докажал невиноста. Како да знае дека на суд се докажува вината, и тоа од обвинителството, а не обратното? Сега имаме скандалозен случај на жена пред породување, со уредна медицинска документација за ризична бременост, принудно подложена на конзилијарен преглед од дури четворица гинеколози, по барање на судијката. За да се изврши правдата! Без оглед што станува збор за бивша министерка за полиција, она што ѝ беше приредено би требало да згрози и малку пристоен човек, но дури и организациите за женски права останаа неми, дури и кога се пишуваше за нероденото бебе фрлено во контејнер! Некои од „пософистицираните“ новинари правеа паралела со бремената премиерка на Нов Зеланд, која сметала дека нејзината состојба е природна, а не хендикеп. (Така мислев и јас кога бремена во петти месец го бранев докторатот и се справував со две деца, болна мајка, и милион проблеми истовремено. Кога го изгубив, долго не можев да си ја простам ароганцијата и негрижата, иако подоцна ја добив третата ќерка.) Овој случај најдобро го илустрира остварувањето на визијата на домот на Ангелот на одмаздата! Лесно е да си бранител на човекови права кога тие им се загрозени на добрите дечки! Она што го немаме е контролен механизам, како и морален и правен принцип дека и лошите дечки имаат човекови права. Без да ја прејудицираме судската пресуда (Јанкуловска засега е невино лице со покренато обвинение), се поставува прашање дали правдата е извршена подобро на ваков начин, кога се знае дека причината за одолжувањето завршува за само недела-две. Што сакаше да покаже Кацарска? Лојалност? Бескомпромисност? Окајува гревови? Новинарот што споредуваше бременост на премиерка и бивша министерка нема поим што значи да си жена, како е (доброволно или принудно) да ти вршат преглед во деветтиот месец, а медиумите да известуваат за должината на цервиксот! Како што не е нормално во демократија да правиш видеоспотови за воздигнување на полицијата (па таман да е и најпрофесионалната), исто толку е нормално министрите за полиција да не бидат омилени. Но, она што уште од почетокот е најодвратно во случајот на Јанкуловска се навредите за нејзиниот изглед, кои се сега дестилирани во чисто зло.
Би можела да пишувам за „генијалните“ ваучери за пијаници, за уништување на Водно, за конфликтот на интереси и богатење на првите луѓе во политиката, за Семејството што ја замени Фамилијата, за економскиот „раст“ од дури 0,1 отсто, за депониите, за заспаните „паркобрани“, за популистичката минимална плата, која сега загрозува 5.000 текстилни работнички… Би можела многу нешта да напишам, но се плашам дека нема кој да ги чуе поради камбаните што бијат за Македонија! Тешко е и да се слушнат зборови на критика, кога и однадвор билдаат култ на личност (па барем да е некоја личност и интелект), од типот на извештај за „Духот Македонија (и Заев) се шири во регионот“. Македонија претсмртна, кажа некој – и погоди! Од многу живот – на чекор сме од бесмртност зад портите на Рајот, како што ни навестува еден поликлинички случај.