НРМ

Еве предлог за едно убаво НОВО име за политички пародираната, исмеана и понижена земја на Балканот, Македонија. Кога веќе мора да се викаме НЕКАКВА Македонија, тогаш не сум ни за „Нова“, ни за „Стара“, ни за „Долна“, ни за „Горна“, туку за најгорна – небесна. НРМ има континуитет и со Народна Република Македонија (по Втората светска војна) и со Независна Република Македонија (по сецесијата на СФРЈ). И освен тоа, името е длабоко метафорично…

Кој ја читал претходната колумна знае – веќе не треба да ме сфаќате сериозно. На олку драстично пародирана политичка стварност, која е веќе смешно-апсурдна, одговара само пародиран говор. Но тоа не значи дека во пародираниот говор нема вистина. Обично се вели дека „во секоја шега има и по малку вистина“. Јас мислам дека поточно е да се каже – „во секоја шега има и по малку шега“. Што значи дека во шегата има многу повеќе вистина одошто – шега. Одбивам несериозното (а глупоста е амбициозна несериозност) да го сфатам сериозно. Значи, НРМ: НЕБЕСНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. Еве предлог за едно убаво НОВО име за политички пародираната, исмеана и понижена земја на Балканот, Македонија. Кога веќе мора да се викаме НЕКАКВА Македонија, тогаш не сум ни за „Нова“, ни за „Стара“, ни за „Долна“, ни за „Горна“, туку за најгорна – небесна. НРМ има континуитет и со Народна Република Македонија (по Втората светска војна) и со Независна Република Македонија (по сецесијата на СФРЈ). И освен тоа, името е длабоко метафорично, а метафората не загрозува ничиј политички интерес – станува збор не за ЗЕМНА држава (за да не се лутат ни Грците, ни Бугарите, ни Србите, ни Албанците) туку за НЕБЕСНА. Тоа значи – безопасна држава, на која не ѝ е нужно потребна територија. Народ без никакви територијални или материјални претензии – целосно духовен, ангелски и архангелски народ. Народ што живее од идеи, а не од плата и материјални богатства.

Освен тоа, тоа е држава што не може да се замисли без поезија – не само што веќе го има еден од најголемите светски поетски фестивали, Струшките вечери на поезијата (СВП), туку и секој нејзин граѓанин е поет во душата. На пример, струшките рибари. Тие своевремено го гостеа по своите куќи и дворови добитникот на Златниот венец на СВП, Ханс Магнус Енценсбергер, со риби уловени од нивни раце и вино направено од нивни буриња. Целосно збунет од тоа интимно гостопримство, тој за нив кажа дека се вистински поети на животот, а не само на зборови, како обичните поети. И уште се праша – со што тој, обичен странец од северната полутопка, заслужил такво топло поетско внимание од тие обични луѓе со корави раце и празни џебови? Значи, дури и еден Енценсбергер (инаку, левичар познат и по жестоката полемика со Бодријар околу моќта на медиумите) ни призна дека сме држава-метафора.

Сè изгледа како поетска метафора во таа НЕБЕСНА и НЕМАТЕРИЈАЛНА држава, толку нестварно, како поетска слика: и Владата, и МАНУ, и полицијата и судовите и затворите, дури и сообраќајните знаци за ограничување на брзината. И министрите се метафори, не само рибарите струшки и Исусови. Сите сме метафори. Дури и платите, како најматеријално нешто, се само метафора, најсимболично нешто. И сè што постои овде, како и секоја метафора си има свое второ значење, сè е двосмислено и „амбигвитетно“, што би рекле теоретичарите на поезијата. Сите сме поети: со главата во облаците, само со нозете на земјата, но ако некому му пречи и тоа малку земја што ја користиме само за да чекориме по неа, нема проблем – ќе ги кренеме и нозете од таа земја и ќе си живееме, државотворно на небесата. Без корен.

Е, на таква Небесна Република Македонија, како можно име, не се сети никој од нашите политичари, кога почнаа максимално сериозно да преговараат со Грците. А токму за таква Македонија гинеа ликовите на Петре Андреевски во „Пиреј“, за таква Македонија гинеше и неговата Небеска Тимјановна, на таква небесна Македонија мислеше и Анте Поповски, кога велеше дека и ѕвездите шепотат на македонски, а сигурно и Гане, кога се прашуваше колку ли ќе ни треба време да ја „домакедончиме“ (и сочуваме) оваа земна Македонија. А можеше тоа да биде прифатливо име за сите, затоа што е вистински сериозно име, име што логички и праксеолошки може да се брани со цврсти аргументи. И онака има веќе многу држави по лицето од Земјата, време е да се колонизира небесата со држави. Пренаселено е, брате, копното. Да му го оставиме грубиот материјализам на Западот, него тоа го прави среќен. Ние, Македонците сме среќни само во светот на Платоновите идеи, како потенцијалитет. Свесни сме за минливоста на сè што е земно, и затоа – ја сакаме вечноста на идејата. А тоа е горе, на небото.

Кога веќе го спомнав Анте Поповски, да кажам дека и тој, на некој начин ја имаше идејата за Небесна Македонија, таква што нема да ѝ пречи на ниедна ЗЕМНА држава. Имаше тој наш поет, драги мои, на времето една идеја што ја сподели со уште еден поетски великан, Гане Тодоровски, а ние, млади „приправници“ во книжевноста, кои ја имавме привилегијата да бидеме примени на нивната боемска маса во легендарната македонска „Скадарлија“ – кафеаната „Јоле“, ја слушавме со ококорени очи, како најголема утопија. А утопиите привлекуваат, не она што постои. Тоа беше време кога се создаваше МААК, првото чедо на македонската плуралистичка сцена, и тоа, првпат во историјата на македонската политика – од уметници (Гане, Анте, Љубиша Георгиевски), па ние младите не сакавме да пропуштиме ништо. Откако го ислуша, Гане му рече на Антета дека таа идеја изгледа политички незрело, ама е во основа – генијална. И дека иако сигурно ќе биде исмеана од „сериозните“, „професионални“ политичари, можеби е единствениот спас за Македонија. Идејата на Анте беше: ЦЕЛОСНА ДЕМИЛИТАРИЗАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА. Од оружје, во Македонија може евентуално да се има нож во кујна, и тоа со специјална дозвола од МВР за готвачот/месарот. Значи, ни тенк, ни пушка ни шлем (држава без војска), а од полиција само сообраќајци и англиски „боби“, кои им го покажуваат правецот на залутани туристи.

И да, евентуално неколкумина специјалци, колку да се фати некој киднапер или шверцер со дрога. И тоа би било сè. Логиката на двата генија што седеа на масата кај Јоле беше – дека таква држава би била најбезбедната држава на светот, зашто нејзината сила би доаѓала токму од откажувањето од сила. Кој би СМЕЕЛ да нападне држава без војска и без ниту едно оружје? Со кој морален принцип би го правдал тој свој напад? Тоа е како вооружен специјалец да нападне деца во детска градинка. Идејата навистина беше генијална, ама повторно имаше слаба врска со политреалноста, во која стравот ги тера сите држави да влегуваат под воени чадори – НАТО, ВАРШАВСКИ ПАКТ, што и да е, некаква воена алијанса!

Се разбира, идејата наскоро „протече“ и во јавноста, и беше оценета како политички романтизам и инфантилизам. Но дури денес јас ја согледувам нејзината ирониска големина, во борбата против пародираната политичка стварност. Ако таа идеја успееше, НАТО ќе немаше потреба од нас (зашто нема никаква полза од држава без војска), а ќе мораше да нè штити и на полноќ ако треба, од секого и сешто. Ние ќе го примавме НАТО, а не тој нас. Немаше да се караме дали треба или не треба да влегуваме во НАТО, дали НАТО е новиот Вермахт или Луфтвафе што дисциплинира држави што сакаат да останат колку-годе свои и самостојни и слично. Ќе си останевме настрана од сите војни, и како поетски, небесен народ кому не му треба ни земја под нозете, ќе можевме да се повикуваме на Ајнштајн, кој се чудеше зошто Господ на генералите им дал голем мозок, кога за таква операција каква што е марширање на воена музика во строј – сосема е доволен и – ’рбетен.
Ете, така беше, па кој верува – верува, а кој не – нека ме чита следниот вторник. Можеби тогаш ќе поверува.