Исто така е јасно дека како што сѐ повеќе се продлабочува и одолжува драмата со брегзит, така сѐ поголема штета ѝ се нанесува на самата Британија. Некогашниот главен столб за модерната западна демократија, сега е симбол за бескрајни парламентарни игри и сквернавење на демократските процеси. Штета трпи и британската економија, од која секојдневно се отселуваат бизниси и компании, и тоа во насока на европскиот континент
Човек деновиве да не му е во кожа на Борис Џонсон, човекот што вети дека ќе ја финишира драмата со брегзит. Британскиот премиер добро ќе ја запамети минатата седмица по серијата порази во парламентот, каде што пратениците јасно се изјаснија против напуштањето на ЕУ без договор. Како тоа да не беше доволно, беше одбиено и неговото барање за предвремени избори, по кои се надева(ше) дека повторно ќе ја врати контролата над процесот на излегувањето на Британија од европскиот клуб. Многумина со задоволство гледаа како му се врати политичкиот бумеранг од инаетењето со пратениците во Долниот дом за брегзит. Инаетење, и тоа не само со опозицијата, туку и со десетици пратеници од владејачките редови, кои својата независност и гласот против брегзит без договор ги платија со протерување од партијата.
Многу е (не)интересно дека со таквото дисциплинирање на пратениците, Џонсон остана без мнозинство парламентот, што само по себе е доста апсурдно. Како со пила, и тоа моторна, да си ја сече гранката на која седи. Па со право се поставува прашањето што следува понатаму? Што ли му се мота во главата на (пред камерите често насмеаниот) британски премиер? Крие ли во раката некој скриен џокер или целосно ќе ѝ се препушти на политичката среќа?
Пред Џонсон постојат неколку опции, иако и нивниот број од ден на ден се намалува по серијата политички шлаканици во парламентот. Првата е повторно да се обиде да распише предвремени избори, искористувајќи го законот од 2011 година. Но за такво нешто му е потребна поддршка од две третини од пратениците во Долниот дом, односно 434 гласа. Кога се обиде да го стори тоа во средата, ја доби поддршката на само 298 пратеници, додека, пак, опозицијата апстинира од гласање. Ова прашање може повторно да биде отворено најрано в понеделник, но и тогаш исходот не е сигурен, бидејќи опозициските лабуристи, предводени од Џереми Корбин, не отстапуваат од цврстиот став – може избори, но само откако брегзит без договор и дефинитивно ќе биде отфрлен како опција, односно, законот ќе добие зелено светло и од Домот на лордовите (што според сите најави може да се случи уште денес). Сепак, доколку Корбин се чувствува доволно сигурен по усвојувањето на законот, тој може да се согласи на избори подоцна од 15 октомври, датумот што го бара Џонсон. Другиот алтернативен план предвидува Владата да се обиде да направи мали измени во изборниот закон од 2012 година. За такво нешто е потребно просто мнозинство. Но Владата не е многу наклонета на такво решение, бидејќи опозицијата може со амандмани да го измени таквиот закон, на пример, да постави точен датум за избори, таков што нема да му се допадне на Џонсон.
Тука е и опцијата, овозможена од нејасните законски одредби, за гласање доверба на Владата, а по изгласувањето недоверба, да се оди на избори. Но во тој случај, Џонсон ќе се најде во мошне бизарна ситуација – тој и неговите пратеници да гласаат против сопствената администрација, додека, пак, опозициските лабуристи да гласаат „за“. Дури и во тој случај, тој повторно може да добие друг датум, посакуваниот… Тука ќе запреме со можните парламентарни игри и комбинаторики, бидејќи и на искусните познавачи на британската политика ќе им се замати умот од конфузната ситуација во Лондон.
Тоа што е очигледно е дека Џонсон и натаму инсистира дека брегзит ќе се случи на 31 октомври, иако парламентот му ги врза рацете да го стори тоа без договор со ЕУ. Најверојатно ни самиот не знае како ќе го стори тоа…
Исто така е јасно дека како што сѐ повеќе се продлабочува и одолжува драмата со брегзит, така сѐ поголема штета ѝ се нанесува на самата Британија. Некогашниот главен столб за модерната западна демократија, сега е симбол за бескрајни парламентарни игри и сквернавење на демократските процеси. Штета трпи и британската економија, од која секојдневно се отселуваат бизниси и компании, и тоа во насока на европскиот континент. Во случај на брегзит без договор, ваквиот процес дополнително ќе ескалира, а иднината на британската фунта воопшто нема да биде розова. Па, така, Џонсон има големи шанси да биде запаметен како премиер со најкраток мандат во историјата на Британија, во кој, пак, е направена најголема штета на земјата, без разлика дали станува збор за нејзиниот имиџ, економија и богатство, или, пак, за геополитичкото позиционирање. Останува да видиме дали насмеаниот Џонсон ќе успее да се извлече од калта на брегзит.