Советот на Европа одлучи: октомври е новиот јуни за Македонија, додека десеттата препорака на Европската комисија за почеток на преговорите добива колекционерски карактер без пазарна вредност. Обесхрабрена и фрустрирана, Македонија останува на патот кон ЕУ, што и веќе да подразбира тоа.
Патот до неа е како завеан со снег и потсетува на лавиринт, а ЕУ на замок од готиката, завеан во превез од магла и мрак. Толку долго патува(в)ме до неа, што се чини природно да се запрашаме дали ЕУ воопшто постои. Се наметнува споредба со незавршениот роман „Замок“ на Кафка и залудните напори на протагонистот од романот (К.) да стигне до замокот, а подоцна и да биде прифатен од неговите авторитети како жител на селото. И таму, описот на замокот и патот до него сугерираат загадочност, помешана со привид на илузија и можеби – на измама.
К., како и Македонија, зјапа во илузорната празнина над себе, но останува упорен, чудесно упорен. Упорноста станува бесмислена компензација за изгубената смисла на патот до замокот. До „нашата“ ЕУ.
А што е најпосле ЕУ, ако не своевидна непристапна тврдина, која нè избра за ѕидина пред бранот од мигранти – колатералната штета од учеството во неолибералните авантури по Левантот?
Што е самата ЕУ, ако не една колосална бирократска кула, која е примарно управувана од (прималните) интереси на капиталот, одошто на јавното добро?
Што е сонот за ЕУ, ако не уште една претстава за рајот, изградена врз скинатите плодови од раевите на некогаш колонизираните земји и народи?
Со што да го споредам романтичниот поглед на поранешните колонизатори врз изгубените колонии како на изгубен рај, ако не со погледот на Мерил Стрип во филмот „Моја Африка“? Режиран според автобиографскиот роман на Карен Бликсен, филмот/романот ни нуди живописна панорама на колонијалниот живот во Африка под Британската Империја. Токму Кенија (каде што се одвива дејството) е сметана за рајот на европските (повеќето британски) колонизатори, особено во почетокот на 20 век.
Со што да го споредам романтичниот поглед врз ЕУ на нашата еднаш именувана како поранешна југословенска, денес обезимена „хероина“, освен со претставата за некаков (изгубен) рај меѓу Дунав и Вардар?
Пред една година пишував расказ на тема на пристигнувањето на Македонија пред портите на ЕУ, како пред своевидни порти на рајот. Споделувам дел од него:
– Дали е ова рајот? – прашува новодојдената.
– Ако баш милувате… – одговара вратарот.
– Милувам, се разбира дека милувам, но не ме милуваат… Всушност, се чувствувам како да ме силуваат… Но ништо сериозно, онака пријателски…
– Не знам што ви кажале оние долу, но разликата меѓу милувките и силувките е слободната волја. Силувките, иако ве прават жртва, не ви ги зголемуваат изгледите за влез во рајот, а што се однесува до пријателската силувка, ми се чини немаме таква анамнеза за нашите членови… Но да погледнам има ли место за вас тука…
– Зар е можно да нема место, по сè што претрпев?
– Во рајот има многу слободни места, но малкумина си наоѓаат место деновиве… А каде би сакале да се сместите – на трибини, во партер или во фан-пит?
– Фан-пит, се разбира. Знаете, јас сум голем фан на рајот!
– Тоа беше реторичко прашање (се смее), интерна шега… Тука има место само за стоење… Можеби нешто ситно на трибините, поточно на јужната, но изгледа и таму е резервирано, а ВИП-ложата е пополнета уште во далечната 1951 година. За жал, и фан-питот го укинаа поради голем пад на популарноста… Да бидам искрен, сè поверојатно е да пропадне сета оваа претстава за рајот, потоп…
– Како тоа потоп?! Па, јас уште не сум ни влегла во рајот?!
– Па, секоја претстава има крај, а рајот е сепак претстава, си претставувате?
– И уште колку има до крајот?
– Е, тоа никој не знае, но имате обложувачници насекаде, па можете да се обложите кога сето ова ќе заврши… Некој добро ќе профитира на крајот, тоа да ви кажам!
– А може ли барем да се претставам со една трагедија на бината, имам толку многу трагедии со заедничка историја – настојува новодојдената.
– Жалам, тука можете само да гледате, не да правите сцена, тоа можете по дома… Но штотуку го загубивте и тоа право, самите станавте декор, додуша пеколен за вас, ама така е тоа со рајот – некогаш знае да биде вистински пекол. Кога ќе размислам, од кога сум тука е така… Но разгеле сте се растропале на портите, срамота е да ве пратиме по ѓаволите… Еве, ќе ви дадам вечен ваучер за чекалницата (и дошепнува): рајската бирократија го нарекува чистилиште, за чистење од гревови, корупција и такви работи, разбирате? Звучи прагматично, но всушност е чекалница… Навратете в година, можеби ќе се најде нешто и за вас – завршува вратарот, покажувајќи ѝ ја вратата на новодојдената.
– И уште колку ќе треба да чекам – прашува таа на излегување.
– Е, тоа зависи само од вас, ќе чекате ли за да гледате претстава во рајот или ќе се потрудите од пеколот да си направите рај! Во чекалницата имате време колку што милувате, па ако немате попаметна работа – чекајте! Рајот чести столче пред порти!
Тука го завршувам извадокот и продолжувам накратко со претходните асоцијации.
Долго пред Библијата, рајот е плод на сумерската фантазија, творците на најстарата цивилизација. Според некои сознанија, библискиот рај може да се локализира во пределот на некогашна Месопотамија (денешен Ирак, Кувајт и малку од Сирија), изобилство од плодност меѓу реките Тигар и Еуфрат. Од Сумерите до Акадите и Вавилонците, преку Евреите од Месопотамија се пренесува претставата за рајот и потопот и во светите книги на Стариот завет. Така, претставата за рајот има подлога во историјата. Само во новата северна творба, претставата за европскиот рај има подлога во иднината, каде што можеби и нема да постои таа, барем не онака како што ја знаеме денес – на крстопат своите системски противречности да ги преобрати во пекол.
Кафка умира пред да го доврши замокот. За мене како читател беше фрустрирачки да не го дознаам крајот на романот. Години подоцна разбрав дека Кафка (веројатно) замислил К. да биде прифатен од замокот на својата смртна постела, како последен апсурд во низата. Денес, пофрустрирачки од недогледниот пат до ЕУ, кој можеби ќе остане незавршен роман за едно патување, е изборот на споредниот и спорен пат, еднакво недогледен, но без (само)почитување (за разлика од Северната, К. во романот се бори за признание и почитување од адресатот на својата молба). Се плашам дека приемот (ако некогаш се случи) ќе биде на нечија смртна постела – на адресантот или на адресатот.
Мојот расказ е незавршен, но размислувам за ваков крај: новодојдената го прашува вратарот дали се знаат од претходно, бидејќи ѝ се чини познат. Вратарот ѝ одговара дека претходно ги отворал вратите на пеколот, но всушност се работи за едни исти врати, само за едните го отвораат рајот, а за другите пеколот.
Најпосле, се чини природно да се прашаме ако ЕУ навистина постои, што таа претставува и кого навистина претставува. Дали го сонува човечкиот рај или е уште еден чувар на портите на неолибералниот рај?
Ако, пак, за неа уште и некако постоиме, дали постоиме само како нејзини вратари пред новите мигранти? Или како нечиста совест? Или само како рај на политички опортунисти подготвени да тргуваат со сè што е вредно и неотуѓиво?
Оригиналниот превод на „Моја Африка“ е „Надвор од Африка“.
Оригиналниот статус на Македонија е надвор од Европа, а поблиску до Африка.
И, сè поочигледно, надвор од умот.
Авторот е магистер по мир и развој и поет