Во поодминати години сум и од кога знам за себе постои проблем со т.н. црковно прашање, односно непризнавањето на Македонската православна црква. И на лаик како што сум јас, му е јасно дека овој наметнат проблем не е црковен туку политички. Тој проблем си постои уште од пред илјада години со раздвојувањето на Рим и Цариград. Со таа делба практично славјанските народи се исподелија и си станаа душмани едни на други по верска основа, па имавме безброј војни. Најсвеж пример беше скорешниот, кога ја растураа Југославија, помеѓу Хрватите и Србите, а и со исламизираните граѓани на Босна. Уште посвеж пример имаме помеѓу Русите и Украинците. Некои од славјанските народи беа попрагматични или го направија тоа под притисок, па се приклонија кон Рим и на тој начин добија заштита, а и помош и многу побрзо напредуваа во секој поглед во однос на преостанатите славјански народи, кои, со добро или со лошо, му останаа верни на Цариград, т.е. на грчката црква.
Ајде да бидеме малку објективни, па да си поставиме прашање, од кого сме имале повеќе мака низ историјата, од Рим или од Цариград, односно од католиците или од православните. Од западните народи или од Грците, Србите или од Бугарите? До кога од дрвото нема да ја гледаме шумата? Им се молиме да нѐ признаат, час на Србите, те на Бугарите, па сега и на Грците, кој имал право на тоа, кој немал и сето тоа ми личи на малоумност. Од кого бараме милост, од тие што би нѐ удавиле во капка вода и до кога ќе нѐ манипулираат оние што се возат во „мерцедеси“ и живеат во хациенди, а поединци меѓу нив го навредуваат и омаловажуваат национално освестениот Македонец, па ѝ се приклучија и на т.н. Шарена револуција и беа против градба на црква. Невидени апсурди од тие што би требало да го штитат интересот на Македонецот.
Се прашувам, зошто луѓето станаа индиферентни за сите важни прашања за нашиот опстанок? Практично, една рака луѓе успеаја да ни ги сменат името и историјата, а наскоро името на МПЦ ќе биде Охридска архиепископија без газда. Кога ќе почне овој народ реално да размислува и да си ги решава проблемите во своја корист? За време на мисијата на Мис Стон народот бил тепан и малтретиран од страна на грчките фанариоти кога одел во протестантските цркви, затоа што со тоа би им побегнал од трлото, за ова постојат пишани документи, а ние денес бараме милост за да можат и понатаму да нѐ омаловажуваат. Ако во тоа време немавме држава, се прашувам зошто денес мораме да го трпиме тоа? Како католици или протестанти, тоа право ќе им го истргаме од раце и нема да нѐ присвојуваат. Со таков потег нема да бидеме ни Срби, ни Бугари ни Грци, а глупостите од типот канонски, неканонски се за мали деца. Некој треба да му објасни на овој народ дека само така можеме да опстанеме, во спротивно ќе нѐ избришат „канонски“.
Благоја Филиповски-Бојанче