Длабоките разлики меѓу Белград и Приштина се пренесуваат и на помладите генерации, кои се залагаат за толеранција и решение, но сепак нивните размислувања за можното решение не се далеку од оние на политичарите
Кога се читаат информациите што минатата недела се објавуваа во медиумите, а кои се однесуваат за состојбите на Балканот, нѐ потсетува на една филмска сцена, во која најдобро се искажува начинот на кој функционира новинарството (и политичарите) на овие простори. Во овој филм, чинам беше од скандинавска продукција, имаше една сцена во која уредник на еден локален весник, за да ја зголеми читаноста, го советува својот помлад колега да пишува за „страшната бура“ што се заканува да го зафати малото приморско место. Но кога помладиот колега ќе праша што ако не се случи невремето, за што и реално немаше опасност, неговиот уредник кратко му објаснува во текстот по завршувањето на „критичниот“ настан да напише наслов „Избегната страшна бура“!?
Токму ова се однесува на најавената „голема хуманитарна катастрофа“ што ќе ги зафати Србите што живеат во општините на северот на Косово. Главна вест во српските медиуми минатата недела беше можната криза со која ќе се соочат граѓаните поради недостигот од основните производи за живот. Образложението што беше давано од високите државни функционери е намалувањето на резервите со брашно, масло за јадење, шеќер… и неможноста да се вршат набавки по поволни цени од доставувачите од Србија, поради едностраната одлука на косовските власти за воведување високи царини за увоз на српски производи. Косовскиот претседател Хашим Тачи ваквите тврдења ги смета како дел од политиката на Белград со „провоцирање“ хуманитарна криза, за да се издејствува укинување на високите царини.
Без оглед на тоа кој е во право во изнесувањето на причините за недостигот од основни намирници во продавниците во српските општини на Косово, сосема е јасно дека целата приказна за некаква хуманитарна криза е пренадувана. И претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во стилот на добар водач и државен стратег, изјави дека постои решение за доставување производи од централна Србија на северот на Косово, но, како што објасни, не може јавно да говори за тоа. „Луѓето не мора да бидат загрижени, нема да бидат гладни“, беше личното ветување на Вучиќ, во неговиот последен настап на телевизија.
Некои од опозициските медиуми во Србија отворено пишуваат дека на граѓаните на северот на Косово не им се заканува гласно, но сосема е извесно дека се изложени на закани и застрашување доколку тие купуваат во продавниците во јужниот дел на градот, кои се во сопственост на Бошњаци! На тврдењата дека на северот на Косово нема недостиг од храна, односно дека има сѐ и дека повеќе се плашат од српските закани отколку од Албанците и дека се уценети да ја повлекуваат стоката, Вучиќ кажа дека не ги чита медиумите што го јавиле тоа.
Веќе дваесет години по завршување на српско-косовската војна, населението во северниот дел на Косово постојано живее во атмосфера на континуиран притисок, што предизвикува несигурност и уште поголема поделба меѓу припадниците на различните националности
Веќе дваесет години по завршување на српско-косовската војна, населението во северниот дел на Косово постојано живее во атмосфера на континуиран притисок, што предизвикува несигурност и уште поголема поделба меѓу припадниците на различните националности. Тоа се гледа и во изјавите на припадниците на помладата генерација, која е родена во 1999 година, кога и заврши војната на Косово. Во рамките на проектот „Генерација 99“, спроведен од „Дојче веле“, студенти од Белград и од Приштина првпат имаа можност да разговараат на едно местово во Куманово, каде што беше постигнат договорот за прекин на воените дејства. Сите тие во нивните видеоизјави раскажуваа за суровите услови во кои дошле на свет. Ерман, кој е роден во некоја од шумите на косовските ридови, раскажува дека никогаш не бил во Србија. Христина од Ниш се потсетува на зборовите на мајка си, дека морале да ги поминат тие први денови од животот оставени сами на себе, зашто татко ѝ цело време бил ангажиран како војник.
Сите учесници во овој проект говорат за потребата од толеранција и за наоѓање решение за долгогодишниот косовски спор. Но ако подобро се послушаат нивните искази што се однесуваат на односите меѓу Србија и Косово, ќе се забележи и разликата во нивните ставови за можните решенија. Младите од Србија, наспроти заложбите да се надминат предрасудите, тие се растргнати во помислата што е подобро за нивната иднина, иако тие „во душата го носат тоа дека Косово е дел од Србија“. За нивните врсници од Косово годината во која се родени ја означува и слободата на нивниот народ. Дали ќе успее оваа млада генерација да ја најде точката на спојување е сосема неизвесно. Особено што нивните политички водства безуспешно се обидуваат да воспостават нови договори, кои се прават зад грбот на граѓаните, со исцртување конечни граници меѓу Албанците и Србите.