Експертите ја одредија точната доза овошје и зеленчук што треба да ја внесеме во текот на денот за да бидеме здрави, да имаме енергија и да одржуваме здрава и балансирана исхрана
Досега препораката беше да јадеме минимално пет порции овошје или зеленчук во денот, а сега препорачаната доза е двојно зголемена. Според експертите, пет порции овошје или зеленчук дневно се задолжителни, а десет се идеални и претставуваат одлична прехранбена навика што драстично ќе ви ги намали ризиците од разни болести и ќе ви го продолжи животот. Експертите од лондонски „Империјал колеџ“ што дојдоа до овој заклучок пресметале дека со толку витамински порции дневно, годишно би можело да се спречат дури 7,8 милиони случаи на прерана смрт.
Британските научници всушност се обидувале да откријат колку порции овошје или зеленчук дневно би можело да намалат одредени здравствени ризици, односно да го спречат појавувањето на болеста, па, така, пресметале дека со само две и пол порции овошје или зеленчук дневно се намалува ризикот од срцеви болести за 16 отсто, ризикот од појава на рак за 12 отсто и се подобруваат шансите за подолг животен век за 15 проценти.
Со идеални десет порции овошје или зеленчук дневно, ситуацијата е ваква: ризикот од болести на срцето се намалува за 24 отсто, ризикот од други кардиоваскуларни проблеми за 28 отсто, ризикот од мозочен удар за 33 отсто, ризикот од рак се намалува за 13 отсто, а ризикот од прерана смрт се намалува дури за 31 отсто. Една порција се подразбира да содржи околу 80 грама, што е еднакво на една средна овошка или парче зеленчук, односно три големи лажици мешункаст зеленчук или листен зеленчук како спанаќ.
Која е разликата меѓу овошјето и зеленчукот?
Според ботаничарите, овошјето е дел од растението што се развива од цветот. Исто така, тоа е дел од растението што во себе ги содржи семките. Другите видови растенија се сметаат за зеленчук. Тие ги вклучуваат стеблото, листовите и корењата – дури и цветот од пупка. Наведените растенија, технички, се овошја: авокадо, грав, боранија, пченка, краставица, житарки, јаткасти плодови, маслинки, пиперки, тиква, семе од сончоглед и домати. Во зеленчук се вклучени: целер (стебло), марула (листови), карфиол и брокули (пупка), цвекло, морков и компир (корен). Од кулинарска гледана точка, зеленчукот е помалку благ, посолен е и се служи како дел од главно јадење. Овошјето е поблаго и кисело и најчесто се служи како десерт или ужина. И од овошјето и од зеленчукот може да се направи освежувачки пијалак. Некои овошја се зрнести или јаткасти или во вид на семе. Од нутритивна гледна точка, овошјето и зеленчукот се слични. Во споредба со продуктите од животинско потекло, посиромашни се со калории и маснотии, но имаат голем процент растителни влакна. Овошјето и зеленчукот содржат состојки што се добри за здравјето, како што се антиоксидантите. Полни се со витамини и минерали. Еден оброк (половина чаша) овошје има малку повеќе калории од еден оброк зеленчук. Исклучок е зеленчукот богат со скроб, како на пример компирот или репкастиот зеленчук. Факт е дека луѓето не консумираат редовно овошје и зеленчук. Се препорачува два или повеќе оброци дневно овошје и два оброка зеленчук. Според статистиките, луѓето сè помалку јадат овошје и зеленчук. Консумирањето овошје и зеленчук последниве години е намалено за околу 10 проценти. Треба да запомните дека доколку овошјето и зеленчукот не се присутни на вашето мени секој ден, имате поголеми шанси да заболите од карцином, срцеви заболувања, висок крвен притисок, срцев удар и дијабетес.