Во 1660 година, за скопското Кале познатиот хроничар Евлија Челеблија напишал: „Ваква уметност, префинетост и градба не се среќаваат често во други градови“
Импресивно е да се види колку многу туристи го посетуваат секојдневно белградски Калемегдан, кој како важен дел од српската историја е незаобиколно место во Белград. Да бидам искрена, ова беше моја прва посета на тврдината, иако неколкупати сум го посетила градот. Веројатно затоа што кога нешто ви е географски блиску, имате чувство дека го познавате или барем дека кога-тогаш ќе го видите. Слично како она чувство дека си ја знаете сопствената земја, па многу нејзини убавини и знаменитости ви остануваат непознаница токму затоа што ви е блиску и достапно, за разлика од онаа љубопитност кога сте на подалечна дестинација, па со натчовечки напори се трудите да истражите колку можете повеќе.
Ете, на само околу четиристотини километри од Скопје се издига познатата белградска тврдина, познат факт, но комплетна непознаница дека тоа е место полно со музеи, порти, галерии, зоолошка градина, игралишта, паркови, отворени поставки со воени експонати, дури и една несекојдневна атракција – детски Јура парк со примероци на диносауруси. Место во кое се спојуваат традицијата и иднината.
За странските туристи, кои ги имаше во завиден број дури и понеделнички, кога ја посетив тврдината, обезбеден е и аудиоводич на шест јазици, на кој е снимена програма од час и половина за историјата на Калемегдан, Римскиот бунар, Деспотовата кула, Зиндан капијата, Победникот… Покрај културно-историските и уметнички вредности, специфичната природна положба, единствената визура и пејзажните вредност најмногу придонесуваат за амбиенталното доживување на овој простор. Комплексот е и сложена туристичка атракција. За една локација да биде туристички интересна е неопходно да поседува одредни вредности и содржини за посетителите, а денешниот комплекс на белградската тврдина има сѐ, не само остатоци од воената архитектура што датираат од различни историски периоди во распон од речиси 18 века – од римското и византиското време, преку српскиот среден век, добата на австриското владеење до османлиското доба, туку и неколку јавни културни установи, споменици и музеи, две православни цркви, две галерии, опсерваторија, зоолошка градина, спортски терени, детски игралишта, ресторани. Покрај тоа, комплексот е добро осветлен и безбеден за прошетка, а е обезбедена и достапност до најатрактивните делови на комплексот. Тврдината наскоро ќе го обнови и барањето за впишување во листата на светско културно наследство на УНЕСКО. И не се сомневам дека ќе успее во тоа.
Шетајќи низ ѕидините на тврдината, која е место и за уметници, и за патници, и за случајни минувачи, и за безделничари, место каде што секој може да го најде она што му се допаѓа, прво што ми падна на ум беше Скопското кале. И тоа колку одамна не сум била таму и зошто е тоа така. И прашањето дали можеби нешто во меѓувреме се сменило? Дали во меѓувреме има уште нешто таму освен коров, камен и прашина? Побрзав да побарам свежи информации на Интернет, што можеби ми се измолкнале во вртоглавиот дневен новинарски ритам. И веднаш наслови, горе-долу идентични: „Шилегов ќе го заживува Калето“. Имено, во нив стои дека градот во соработка со Управата за заштита на културното наследство ќе прави проект за уредување, ревитализација и одржување на Калето, со цел да стане едно од местата атрактивни за посета на туристите. А главното прашање во текстовите е – ќе има ли кафулиња на Калето!
Кафулињата се само една алка во синџирот наречен туристичка атракција. На Калето, каде што сега наместо туристи шетаат бездомни кучиња, а во лето змии и гуштери, прво треба да се уредат руинираните патеки, искршените канти за отпадоци, да се откорне густата трева, да се уреди просторот обраснат со грмушки и дрвја и многу други работи. А потоа да се мисли на дополнителните содржини и облагородување на просторот. Затоа што денес сликата на скопската тврдина, симболот на градот, е застрашувачка. Со право туристичките водичи го заобиколуваат запуштеното Скопско кале во својата понуда, од срам да им го покажат на туристите.
Токму деновиве е објавен конкурс на Музејот на современа уметност, Архитектонскиот факултет и градот Скопје за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на Калето како дел од проектот „Кале, културна тврдина“.
Поради долгогодишната запуштеност на пошироката локација, а свесни за големиот потенцијал на овој простор во можната поддршка и проширувањето на разновидноста и привлечноста на нашите програми, тимот на Музејот на современата уметност со распишувањето на идејниот конкурс посакува смели и инвентивни, но истовремено и едноставни и применливи идеи и концепти за култивирање на ридот Кале во тврдина на уметноста и јавниот интерес“, стои во конкурсот, кој доаѓа задоцнето, но дава надеж дека градскиот симбол ќе блесне во својот полн сјај, дека на виделина ќе излезат неоткриените вредности содржани во големото и речиси сосема запуштено пространство кое лебди над панорамата на Скопје. И дека конечно ќе ги разбереме зборовите што во 1660 година за Калето ги запишал познатиот хроничар Евлија Челеблија: „Ваква уметност, префинетост и градба не се среќаваат често во други градови“.