Неодамна, еден познаник, инаку успешен претприемач во својата работа, во опуштена друштвена предреферендумска атмосфера довери дека најголемите грешки во (неговиот) животот се дадените фори. Зборот фора има повеќе значења и вообичаено асоцира на добар трик или досетка, на нешто што може да се продаде во јавниот простор (имено, една од можните етимолошки подлошки на зборот фора е множина од латинскиот збор за форум, како јавен простор, средиште, судница). Но, и покрај тоа што сме свикнати на манипулативната досетливост, како на пазарната, така и на политичката пропаганда за подметнување цел асортиман фори како производи, постигнувања и сѐ почесто како вистини во јавниот простор, сепак, првата асоцијација на фората е нејзиното значење за дадена предност, ресурсот што забрзано испарува од просторот што го споделуваме како заеднички, граѓански и пред сѐ човечки.
Можеби и затоа што генерацијата на која ѝ припаѓам, како и оние пред мојата, му припаѓа на времето на предноста, а не на трикот како вредносен еквивалент на еден (меѓу)човечки однос. Понатаму во разговорот ова значење за фората стана очигледно, откако познаникот ги појасни начините на кои ги давал форите, во работата и дружбата, со клиентите и пријателите, во здравиците и фудбалот итн. Остатокот е веќе видена, пречуена и прекажана сага за повторливоста на изневерената стварност, во неповторливото одминување на времето и човекот. И нивниот расчекор.
Разговорот продолжи по патот на разонодната несериозност, задолжена за привремено разблажување на сериозната несериозност на стварноста, која како математичко нишало се ниша меѓу вечното транзитирање и ветениот ЕУ-НАТО транс. Прашањето каде замина едноставната добра предност од нашето секојдневие и живеење остана неодговорено. Некогаш таа (предноста) несебично се даваше и беше врежана во етичкиот код на цели генерации, не само кон постариот, послабиот или понеопитниот туку пред сѐ како неизнуден гест, без пазарен еквивалент во каков било облик. Како уважување на другиот на неозначена заедничка територија и уверение за сожителство и проста човечка блискост и разбирање, секаде каде што тоа беше применливо, на шалтерите, во јавниот транспорт, пред здравствените ординации и низ разни други чекалници, дотолку понужен на овие нови крстопати и на нив раскрстените обезгласени граѓани, на кои блискоста им е сѐ потуѓа, а отуѓеноста сѐ поблиска.
Може без претерување да се претпостави дека таквата предност ѝ отстапила место на економската компаративна предност на веќе застарената теорија на економскиот мислител од 18 век Давид Рикардо, која најдобро функционира во состојба на статус кво врз принципите на специјализација и слободна трговија. Се разбира дека ваквиот израз поедноставен до баналност не ја зема предвид сложената реалност на меѓународната трговија и нееднаквиот пристап на уште понееднаквите во технолошкиот развој… Но нешто од ова сепак функционира и три века по Рикардо, а тоа е поедноставеното теоретизирање за компаративните предности од пристапот во меѓународни организации на нееднакво развиените.
Или токму статус квото на помалку еднаквите го прави можно ова теоретизирање во сферата на исклучивите предности? Такви што исклучуваат секакво друго видување и размисла? Можеби. Можеби примерот на една постара кинематографија нуди посоодветна алатка за деконструкција на стварноста, како онаа на режисерот Серџо Леоне, иноваторот на шпагети-вестерн филмовите, кој пред половина век користејќи широкоопфатни кадри и долги снимки умешно ги претстави автентичните ликови на антихероите од Дивиот Запад и направи деконструкција на насилството, војната и отсуството на моралната хигиена и „добрата причина“ како водечки мотиви во тогашните вестерни, „продавани“ од холивудската кујна како добри фори. Можеби добро би ни дошле неговите широкоопфатни кадри за расветлување на овдешната режија на шпагети-вестернот, во кој „јаваме голи во седло“.
Можеме да ги замислиме истите наслови од неговата позната трилогија на Доларите или трилогија на Безимениот (Човекот без име), со мала исправка (како Земјата без име или Безимената). За првите два филма, „За грст долари“ и „За неколку долари повеќе“, верувам постои доволно (снимен) материјал. Третиот и последен од трилогијата „Добриот, лошиот и грдиот“ допрва ќе го гледаме. Уште не е снимен, но не значи дека не е режиран. Засега и насловот е несигурен, бидејќи сите сакаат да бидат Добриот. Некаде прочитав дека филмот имал и библиска конотација. Можеби. Истото тоа се зборува и за нашиот „филм“.
Добриот таму го игра Клинт Иствуд. Во нашиот филм тоа сепак ќе мора да го игра народот. Нема посоодветен за улогата на безимениот (во филмот на Леоне ликот има име, но никој не го ословува со неговото име, а и кога го ословуваат, му даваат прекар, Блонди). Нејсе, Блонди го преживува двобојот, овозможувајќи му ја предноста на Лошиот да повлече прв. Тоа е предност во нано-секунди, но сепак предност. Во шпагети-вестернот добриот последен влече, а прв погодува. Можеби и народот од прва ќе погоди, иако последен го влече пенкалото за потпис. Но, за разлика од Блонди, народот секогаш давал добра фора, но и таа најпосле истекува. Уште една „фора“ на Леоне е во прилог на претставување на антихероите „ин виво“ и чувството на постојана тензија кај гледачите, а тоа се сувите дијалози и долгите молчења меѓу нив, што неизбежно потсетуваат на разменетите реплики меѓу главните државници по повод нашето чествување на Илинден, а кое, ете, ги „повредувало“ одредбите од договорот за добрососедство со Бугарија.
Така бидува кога дадената предност е несоодветна, кога се протега врз минатото и иднината и која посега по непосегливото. Така бидува кога потпишувањето на договорот личеше на свечен двобој меѓу пријатели, како оној меѓу рускиот поет Лермонтов и неговиот пријател Мартинов (Лермонтов загинува во двобојот отстапувајќи му ја сета предност на својот пријател, пукајќи напразно во воздух). Така бидува кога добрата фора му се дава час на далечното минато, а час на далечната иднина, но не на часот сегашност.
Со потпишување на двата договора (со Бугарија и со Грција), дадена им е непристојна предност на соседите и нашиот филм е соодветен за употреба на онаа реченица на Блонди во трилогијата: „Никогаш не сум видел толку залудна загуба на толку многу луѓе“. Се разбира дека ваквиот израз за предноста, поедноставен до баналност, не ја зема предвид сложената реалност на меѓународната политика и нееднаквиот пристап на уште понееднаквите во воена, политичка и економска моќ… Но нешто од ова сепак функционира и по половина век по трилогијата на Леоне, а тоа е согласноста на избраниот да го игра Добриот.
Една, пак, од (моите) омилените фори на Добриот е онаа дека постојат два вида луѓе, оние со јаже на вратот и оние што го сечат јажето. Понекогаш, како во нашиот филм, тоа се истите луѓе. Понекогаш (повторно, како во нашиот филм) истите луѓе се оние што го ставаат јажето и наводно го сечат. Мојот познаник од колумната нешто подоцна ќе рече дека, без оглед на изневерените предности дадени во животот на други, без нив ни работата, ни играта не би биле комплетни и не би учествувал во нив исполнително. Без нив ни човечноста не би била комплетна. Без дадената предност само отуѓеноста е во предност. Утре е денот на почеток на легендарниот фестивал „Вудсток“ (пред половина век без една година), на кој се „случи“ половина милион народ. Уште една потврда дека ништо подобро и поубаво не ги „регрутира“ луѓето одошто мирот, љубовта и музиката, водечките мотиви на фестивалот. Во нивна чест, да им дадеме малку добра фора. Барем три дена. Политичарите имаа фора безмалку три децении, а народот ја изгуби сета предност што ја имаше. Кај него не поминува веќе продажбата на фори. Ни фазони.
(Авторот е магистер по мир и развој и поет)