Ако православните канони предвидуваат дека автокефалноста на црквите се стекнува по принципот на организирано државно уредување, со оглед на тоа дека политичките околности од 90-тите години од минатиот век се променети, тогаш Православната црква е должна да се соочи со таа реалност и отворено, без националистички и етнофилитистички побуди, заеднички да пристапи кон решавање на проблемот со автокефалноста на црквите
Историјата покажала и докажала дека за решавање одредени црковни спорови во православието било потребно да поминат години, а некогаш и векови. Најчесто тие спорови биле решавани во моменти кога единството на Православната црква било ставено на тест и кога веќе немало простор за игнорирање и ставање под тепих на црковните недоразбирања. Така биле затворени прашањата што се однесувале на автокефалноста на многу православни цркви. Примерот со Руската црква, која повеќе од 150 години била во раскол, и Бугарската црква, која, пак, повеќе од 70 години воопшто не била во заедништво со Православната црква, е доказ дека требало да помине долго време за некогаш да се најде вистинскиот пат да се затворат отворените спорови меѓу црквите.
Во таа насока се движат и последните случувања во православието за кои Вселенската патријаршија, токму во овој период, смета дека е дојдено вистинското време и дека се созреани вистинските услови да бидат затворени многу отворени прашања што денес го оптоваруваат православието и предизвикуваат нови позиционирања на блокови.
Факт е дека низ историјата сите прашања што биле поврзани со самостојност и автокефалност на црквите оделе исклучиво преку Вселенската патријаршија. Таа, како што ја нарекуваат првопрестолна црква, или прва меѓу еднаквите, секогаш го имала приматот на медијатор меѓу раскараните цркви, но и краен одлучувач, носител на потписот на томосот за автокефалност на одредената црква.
Не треба да се заборави дека сите 14 цркви денешната автокефалност ја добиле токму со потпис на вселенскиот патријарх. Не постои ниту една црква во православниот свет што е автокефална, а за која е издаден томос со потпис на сите други поглавари на црквите.
Токму тој проблем кој да ја потпишува автокефалноста на црквите е денешниот темел што го разорува единството на Православната црква. Вселенската патријаршија сака да го зачува тој вековен канонски поредок, наспроти Руската црква, која се обидува да се наметне како нов фактор во православието, поради нејзиниот, реално, најголем број на припадници (верници).
Вселенската патријаршија таа улога ја презема сега, можеби под нечие влијание, од една страна да ги зацврсти своите позиции, но од друга страна и отворено да влезе во суштината на денешните спорови, кои веројатно не можат повеќе да се провлекуваат и мора да се решат.
Во таа насока се движат и последните случувања во православието за кои Вселенската патријаршија, токму во овој период, смета дека е дојдено вистинското време и дека се созреани вистинските услови да бидат затворени многу отворени прашања што денес го оптоваруваат православието и предизвикуваат нови позиционирања на блокови
Патријархот Вартоломеј е свесен дека влегувањето во овој процес може да направи многу поголеми потреси и дополнителни поделби, но како одговорен за единството за Православната црва, тој го прави она што многумина претходно немале храброст да го направат или, пак, околностите не биле доволно созреани.
Руската православна црква, исто така, под други влијанија, се обидува да го попречи овој процес со една цел – а тоа е да не биде оставена настрана во вакви важни историски периоди, мислејќи дека сега е шансата таа да го наметне својот авторитет, како најмногубројна црква со верници, и да воспостави принцип, во иднина за сите други проблеми во православието да мора да постои консензус. Преведено со реален речник, тоа значи дека ќе треба и нејзина согласност за решавање на кое било прашање во православието.
Дали вселенскиот патријарх во оваа ситуација оди по исправниот пат или, пак, рускиот патријарх е оној што се обидува да го зачува она што некогаш било стекнато по канонски пат?
Што е најдобро за православието? Кој е најдобриот пат за единството на православните верници? Дали преострите тонови од Руската црква се оправдани?
Во последното интервју дадено за „Нова Македонија“, деканот на Православниот богословски факултет, теологот Ѓоко Ѓорѓевски, истовремено и голем познавач на црковната дипломатија, вели дека православието е исправено пред исклучително важен период, во кој треба да се носат одлуки со ладни глави, но, од друга страна, во интерес на сите, многу е важно Православната црква да има еднаков третман за сите православни народи.
Ако православните канони предвидуваат дека автокефалноста на црквите се стекнува по принципот на организирано државно уредување, со оглед на тоа дека политичките околности од 90-тите години од минатиот век се променети, тогаш Православната црква е должна да се соочи со таа реалност и отворено, без националистички и етнофилитистички побуди, заеднички да пристапи кон решавање на проблемот со автокефалноста на црквите.
Или, како што вели теологот Ѓорѓевски: „Или секој народ и секоја држава треба да имаат своја самостојна црква, или ниту еден народ и ниту една држава не треба да имаат! Или да се примени стариот патријаршиски систем, кој како најавтентичен на природата на црквата е независен од државните и националните граници, а кој е таков целосно и во уредувањето (наддржавен и наднационален), но кој во овој историски контекст се чини речиси неможен, или да се применат еднакво и кон сите критериумите врз кои се основани и постојат сите национални цркви.“
Тоа веројатно е најисправниот пат по кој треба да се движи Православната црква и да го затвори најпроблематичното прашање што го влече нејзиното единство кон дното.
Не само украинското црковно прашање, туку и македонското, преку Македонската православна црква-Охридска архиепископија, е нераздвоен дел од тој процес. Можеби сега Украина е политички поактуелна, но Македонија е и канонски и структурално поисправна на патот за легитимирање на нејзината автокефалност.
Затоа, вселенскиот патријарх има должност тој процес што го отвори со Украина, да го продолжи и многу скоро да даде јасни знаци дека неговиот пристап во Украина не е политички мотивиран од други сили, туку само од интересот за единството и исправноста на православието, на тој начин што ќе го отвори и патот за решавање на црковниот спор во Македонија. По истиот принцип, по истите канони, по истата љубов за македонските верници да го добијат она што го имаат сите православни верници во светот, а тоа е своја автокефална црква, организирана во границите на денешната суверена и самостојна држава Република Македонија.
Така, патријархот Вартоломеј во историјата ќе остане запишан како духовен водач на православните, за кој најважна е Христовата љубов, а не националистичките претензии.