Во 1660 година за Скопското Кале познатиот хроничар Евлија Челебија напишал: „Ваква уметност, префинетост и градба не се среќаваат често во други градови“
Пред неколку години, по една посета на Белград, напишав текст за белградски Калемегдан и за тоа колку ми беше импресивно кога видов колку многу туристи го посетуваа секојдневно тоа место, кое е важен дел од српската историја и незаобиколна точка на културната и туристичка мапа на српската престолнина. Тоа беше моја прва посета на тврдината, веројатно затоа што кога нешто ви е географски блиску, имате чувство дека го познавате или барем дека кога-тогаш ќе го видите. Слично како она чувство дека си ја знаете сопствената земја, па многу нејзини убавини и знаменитости ви остануваат непознаница токму затоа што ви се блиску и достапни, за разлика од онаа љубопитност кога сте на подалечна дестинација, па со натчовечки напори се трудите да истражите колку што можете повеќе.
На само околу четиристотини километри од Скопје се издига познатата белградска тврдина, познат факт, но комплетна непознаница дека тоа е место полно со музеи, порти, галерии, зоолошка градина, игралишта, паркови, отворени поставки со воени експонати, дури и една несекојдневна атракција – детски Јура-парк со примероци на диносауруси. Место во кое се спојуваат традицијата и иднината. За странските туристи, кои ги има во завиден број, обезбеден е и аудиоводич на шест јазици, на кој е снимена програма од час и половина за историјата на Калемегдан, Римскиот бунар, Деспотовата кула, Зиндан капијата, Победникот… Покрај културно-историските и уметнички вредности, специфичната природна положба, единствената визура и пејзажните вредност многу придонесуваат за амбиенталното доживување на овој простор. Комплексот е и сложена туристичка атракција. За една локација да биде туристички интересна е неопходно да поседува одредни вредности и содржини за посетителите, а денешниот комплекс на белградската тврдина има сѐ, не само остатоци од воената архитектура што датираат од различни историски периоди во распон од речиси 18 века – од римското и византиското време, преку српскиот среден век, добата на австриското владеење до османлиската доба, туку и неколку јавни културни установи, споменици и музеи, две православни цркви, две галерии, опсерваторија, зоолошка градина, спортски терени, детски игралишта, ресторани. Покрај тоа, комплексот е добро осветлен и безбеден за прошетка, а е обезбедена и достапност до најатрактивните делови на комплексот…
Се потсетив на овој мој текст за белградската тврдина во контекст на неодамнешните најави на министерот за култура и туризам Зоран Љутков за уредување на просторот на Скопското Кале, кога потенцираше дека симболот на нашата историја и култура во последниве десетина години е уништуван и оставен без никакво внимание.
Тој информираше дека состојбата е лоша и со двата музеја на Калето, за кои ќе треба комплетно обновување. Со ребалансот на буџетот се обезбедени осум милиони денари за заживување на овој проект, кој треба веќе од 2026 година да биде пуштен во употреба, со цел ова наше културно богатство да биде уредено, зачувано и отворено за сите граѓани на Скопје и за туристите што го посетуваат нашиот град.
Во моментов на Скопското Кале има само коров, камен и прашина иако во повеќе наврати годиниве се најавувал проект за уредување, ревитализација и одржување на Калето, со цел да стане едно од местата атрактивни за посета на туристите. До денес на Калето наместо туристи шетаат бездомни кучиња, а во лето змии и гуштери, патеките се руинирани, кантите за отпадоци се искршени, целиот простор е обраснат со грмушки и дрвја. Сликата на скопската тврдина, симболот на градот, е застрашувачка, па веројатно со право туристичките водичи обично го заобиколуваат запуштеното Скопско Кале во својата понуда.
Иако можеби овој проект доаѓа задоцнето, сепак дава надеж дека градскиот симбол ќе блесне во својот полн сјај, дека на виделина ќе излезат неоткриените вредности содржани во големото и речиси сосема запуштено пространство што лебди над панорамата на Скопје. И дека конечно ќе ги разбереме зборовите што во 1660 година за Калето ги запишал познатиот хроничар Евлија Челебија: „Ваква уметност, префинетост и градба не се среќаваат често во други градови“.