Историски подвиг на екипажот на „Шенжу-19“ во рамките на кинеската вселенска мисија
Екипажот на „Шенжу-19“ постави нов рекорд за најдолго вселенско излегување, кое траеше повеќе од девет часа, откако во вторникот ги заврши првите активности надвор од вселенската станица „Тијангонг“ во рамките на нивната мисија, соопшти Кинеската вселенска агенција. Тие на тој начин го надминаа подвигот на астронаутите на Американската вселенска агенција (НАСА), Џејмс Вос и Сузан Хелмс, кои во 2001 година поминаа осум часа и 56 минути надвор од Меѓународната вселенска станица.
Членовите на екипажот на „Шенжу-19“, Кај Суже, Сонг Лингдонг и Ванг Хаозе, се координираа меѓу себе и со помош на роботската рака на вселенската станица и научниот персонал од Земјата успешно ги завршија предвидените задачи, вклучувајќи инсталација на уреди за заштита од вселенски отпад, како и инспекција и одржување на надворешната опрема и објекти.
Астронаутите Кај Суже и Сонг Лингдонг потоа безбедно се вратија во модулот, со што успешно беше спроведена вселенската прошетка. Ваквата активност претставува враќање на Кај Суже на вселенските прошетки по две години (негова вкупно трета вселенска прошетка), додека Сонг Лингдонг стана првиот кинески астронаут роден по 1990 година што извршил вселенска прошетка. Третиот член на екипажот, потполковник Ванг Хаозе, остана во „Тијангонг“ за да обезбеди поддршка, се вели во соопштението.
Тоа беше 18-та вселенска прошетка што ја изведоа кинески астронаути и најдолга ваква операција на оваа земја досега. Според предвидениот план, за време на кинеската вселенска мисија „Шенжу-19“ ќе бидат извршени активности што вклучуваат членови на екипажот заедно со голем број научни експерименти и технички тестови.
Леталото „Шенжу-19“ беше лансирано во вселената на 30 октомври со ракета-носач „Лонг марч 2Ф“ од центарот за лансирање сателити „Џиукван“ во северозападна Кина, по што пристигна во вселенската станица истиот ден, за да ги преземе активностите од колегите од „Женжу-18“.
Во текот на изминатите 49 дена, астронаутите завршија различни задачи, вклучувајќи одржување на станицата, проверки на вселенските костими, вежби за одговор при итни случаи и проби за давање медицинска помош. Се очекува екипажот да се врати на Земјата кон крајот на април или почетокот на мај.
Орбитирајќи околу Земјата на оддалеченост од околу 400 километри, кинеската вселенска станица има три постојани дела – главен модул и две капсули – и редовно е поврзана со неколку гостински екипажи и товарни вселенски бродови. Таа тежи околу 100 метрички тони и се очекува да работи најмалку 10 години како национална вселенска платформа за наука и технологија.
Подготви: Христо Ивановски