Толку лесно и непромислено се расфрламе со зборови (а тука влегуваат и политичките и други етикети), особено кога сакаме да прикажеме некого, што сè почесто посегнувам по речникот, кон изворното значење на изговореното. Како во ехокомора, отсекаде се слуша зборот монструм. Според Толковниот речник на македонскиот јазик, овој збор означува: чудовиште, страшило, изрод. Звуците се создаваат, а потоа и преплетуваат во медиумскиот простор, политичкиот говор, личните разговори, како и на социјалните мрежи. Се шират опасни и неодговорни тези дека „сите сме виновни“ (ама некои медиуми, партии, групи се повиновни од другите). Велат, „монструми живеат со нас“, па следува прашање како да ги препознаеме (навреме), како да се справиме со нив и како „ова зло да не се повтори“. Мислиш ќе земат в раце глогов колец и крст, а тешко на оние што го вееле знамето од Кутлеш. Заедно со траорот поради двократното убиство, се насобрале гнев, страв, желба за одмазда, перверзна љубопитност за интимата (дури и на жртвите)… Она што сепак најмногу згрозува е што толку лесно исплива на површина крвожедноста кај луѓе што себеси се сметаат за добри и правични. Психолозите (веројатно, клиничките и социјалните) би можеле многу покомпетентно да зборуваат за општествената реакција по ваков грозоморен чин. По првичниот шок и сознанието дека Вања била егзекутирана во времето кога кај нас сè уште постоеше надеж дека ќе се појави или ќе биде најдена, настана неверојатен и често одвратен џагор, којшто една умна млада жена, моја пријателка, го опиша со силни зборови – некрофилска малограѓанска вербална онанија. Поточна дефиниција од оваа – здравје! Сосема се согласувам. Иако знам дека од овој миг натаму, со секој збор газам по „минско поле“ на оние што себеси се доживуваат како доблесни луѓе, чија „морална должност“ е да учествуваат во ловот на монструми. Свесна сум дека „газам“ по нерви, емоции, предрасуди, претстави за „нас, нормалните“ – и верувајте, подготвена сум за судот на јавноста, која сега може и мене да ме стави на „тапет“. Но, мора да проговори правото и оние свети цивилизациски начела на кои се темели на само кривичното право туку и суштината на цивилизираниот живот во заедница. Во вакви времиња сите принципи во кои се колнеме се ставени на тест. Сега треба да покажеме дали сме цивилизирано општество.
Зборовите имаат голема моќ, особено кога доаѓаат од лица со моќ или авторитет да обележат некого и нешто. Во контекст на грозоморно убиство за првпат (по моето скромно сеќавање) беа изговорени веднаш по повеќекратното убиство кај Смилковско Езеро. Под притисок на јавноста (егзекуцијата беше извршена во пресрет на Велигден) и потребата таа да се смири (задоволи), беа уапсени неколку лица, а тогашната министерка за внатрешни работи одржа прес-конференција опкружена со нејзините први соработници, прогласувајќи ја операцијата под кодното име „Монструм“. Во изјави за медиуми веднаш кажав дека во време кога истрагата е уште во тек, обвинителството не собрало докази и не поднело обвинение, а судот допрва ќе мора да одлучува во правична и фер постапка, епитетот монструм значи дехуманизација на кој и да е сторител (или сторители). Низ говорот на првите луѓе на полицијата/обвинителството, зборува државата и нејзината моќ, а таа не е непристрасна, ниту непогрешлива. Таа секако е (или треба да биде) сервис на граѓаните, но во кривичноправните случаи секогаш има две страни, а само независниот и објективен суд (кој не е под притисок ни на другите органи на власта ни на јавноста), носи пресуда. Врз основа на докази, кои ги изведуваат двете страни – обвинението и одбраната. Тоа се нарекува „контрадикторна постапка“ во која двете страни мора да имаат еднаков третман. Судиите не смеат да бидат под притисок на јавноста, која бара „око за око, заб за заб“.
Еве, 11 години по првите „монструми“, се појавија нови. Интересно е што власта овој пат инсистира на нивното етничко (па и вредносно, политичко и друго) определување, но тоа е друга приказна. Немам простор да ја коментирам и анализирам ниту прес-конференцијата на ден по откривањето на веста за смртниот исход (доволно беше кажано, и јавната конфузија што настана од она што требаше на јавноста да ѝ ги појасни нештата, а го предизвика обратното, сè уште трае). Поиндикативно, а и позастрашувачко, беше второто (сега, триумфалистичко) обраќање на министерот за внатрешни работи (за кого се тврди и дека се подготвува за претседателската трка во својата партија). Не само што се пофали со ефикасноста на полицијата (турската? Интерпол?) туку забега во делење дијагнози (малоумни сторители), но и политички и надворешнополитички тези. Каква врска за бога има НАТО со нечија (индивидуална) злосторничка природа? Како може министер за полиција да става сомнеж за злосторничка природа на цела политичка партија (колку и да е таа минорна, а речиси и невидлива на јавната сцена – колку што знам досега воопшто и не излегла на избори, а судот е тој што ја регистрирал)? Но, тоа е сепак дел на политичкиот фолклор, создавање претекст за политичка пресметка на „европскиот фронт“ со сите „државни непријатели“ од другата страна. Сите недоволно европски ќе бидат под сенка на сомнеж дека се монструми способни на сè.
И покрај огромната закана за демократијата, па и за ферплејот на изборите, кои се веќе извесни, акцентот сепак е на правната суштина на проблемот. А тоа е токму оној рефрен што го повторуваат до бесвест додека го прекршуваат принципот: владеење на правото! Од Magna Carta Libertatum (1215), Habeas Corpus Act и многу други национални и меѓународни конвенции за човекови права, свет принцип во кривичната постапка е пресумцијата на невиност, казнување само врз основа на правична постапка и со казни предвидени во времето на извршување на делото итн. Кога некого, од позиција на моќ, го нарекуваш „монструм“, тоа значи дека му ги одземаш квалитетите на човечко суштество (го дехуманизираш) и овозможуваш третман „каков што заслужува“, како со ѕвер, страшило, нечовек. Уште во предистражна постапка и без обвинителен акт, осомничените (кои сè уште не се обвинети) ѝ беа покажани на јавноста со избричени глави и во специјални комбинезони. Оние што се должни на притворениците, па и на затворениците, да им ги гарантираат правата се покажаа на ниво какво што бара крвожедната јавност. Што еден ден може да им се удри од глава, како што кажа еден професор по кривично право. Тоа што тие го „признале делото“ (ама и префрлиле вина на некој што не беше уште во рацете на законот; а и сега е во турски притвор) не значи и дека ја кажале вистината. Квалификацијата дека се тоа „малоумни“ луѓе, парадоксално, но може да им послужи во одбраната, ако се вадат на непресметливост, која, ете, била видлива од почетокот! Политизацијата на прес-конференцијата и апелот за дерегистрација на политичка партија чиј лидер е првоосомничен, повторно парадоксално, но можно, може да бидат искористени за барање азил по политичка основа (еве, видете, овие ме гонат поради политички убедувања и ќе немам фер судење во таа земја).
Младата пријателка што ја спомнав многу лаконски ја опиша јавната хајка и опомена: кога се бориш со монструми, внимавај и самиот да не станеш монструм. Народната имагинација како треба да се казнат монструмите оди до степен што ги надминува хорор-филмовите и крим-сериите како ЦСИ. Добри луѓе, домаќини, родители покажаа дека се подготвени (барем од/со тастатура) да вршат најодвратна тортура, да сечат, да дерат, да толчат – и сето тоа од љубов и тага по Вања. (Значи, ако им дадеш згоден повод, и добри обични луѓе се блиску да станат злосторници во име на правдата каква што тие ја замислуваат; за жал, ова сме го гледале во безброј војни и геноцидот што е во тек). Но, ако на ваквата атмосфера ѝ се препуштат и професионални адвокати, тогаш работата станува многу сериозна. Секој обвинет, секаде на планетата, има уставно гарантирано право на најдобра можна одбрана. Ако самиот не е во состојба да ја обезбеди, тоа го прави државата со определување адвокат по службена должност. Но, нашите запалени адвокати, кои личното не можат да го раздвојат од професионалното, праќаат апели никој од фелата да не се нафати да ги брани монструмите што убиле дете. Што значи тоа за принципот на правична постапка? Барањето смртна казна, т.е. менување на Уставот (со можно исклучување од Советот на Европа и оддалечување од стандардите на ЕУ), и тоа од страна на министер за правда, бара посебна колумна. Генерации се бореле за укинување на смртната казна, за сега да се дигне и старо и младо да бара крв. Слично на сцени од средновековието кога монархот/султанот можел да егзекутира по своја волја, а на општо уживање на народот.
Еден „правдољубиво крвожеден“ и многу расплакан човек нѐ обвини мене и тие како мене дека не сме покажале доволно емоции за Вања. Можеби и читателите ќе го сторат истото тоа… Нејсе! Најдлабока е болката во семејството за убиените и никој од нас нема право да се натпреварува со нив. Тоа е дури и знак на непочитување на лична траума и загуба. Сега емоции не само што не помагаат туку и одмагаат за да се дојде до правичен исход во случајот (чие клопче допрва треба да се одмотува, внимателно, со голема форензичка прецизност и недвосмисленост, но и обвинителска вештина), ама во суд. Без емоции! Врз основа на факти! Со беспрекорно почитување на секој чекор од казнената постапка, со цел да се дојде до вистината и вистинските мотиви и сторители. Токму поради емотивниот набој што го носи злосторството од ваков вид. Имајте на ум дека секоја, па и најмала грешка во процедурата или прекршувањето на правата на осомничените/обвинетите, ќе биде основа за пресуда на Европскиот суд за човекови права на кои ќе можат да се обратат по завршувањето на целосната постапка и искористувањето на сите правни лекови. Во прашање е правдата за Вања и Панче, ама и за праведноста и правичноста на општеството во кое живееме.